Светскиот Македонски Конгрес поддршка за резолуцијата освоена од ФУЕН
Светскиот Македонски Конгрес изразува целосна поддршка на Резолуцијата за унапредување на положбата и правата на Макдонците во Република Албанија усвоена со тајно гласање на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) усвоена на нејзиниот 61. Конгрес одржан од 18 до 22 мај 2016 година во Вроцлав, Република Полска а по предлог на Македонското друштво “Илинден“-Тирана во својство на член на ФУЕН. СМК верува дека ФУЕН ќе ја достави Резолуцијата за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија до владата на Република Албанија и до меѓународните институции. СМК го поддржува Македонското друштво “Илинден“-Тирана во напорите за унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија посебно имајќи предвид дека ваква Резолуција за Македонците во Албанија од Вроцлав е за првпат усвоена на меѓународен форум. СМК оценува дека активностите на ФУЕН ќе придонесат: (1) Република Албанија да ја потпише и ратификува Повелбата на Советот на Европа за регионални и малцински јазици; (2) Албанските власти да ги признаат Македонците на целата територија на Република Албанија; (3) Сите права што им припаѓаат на националните малцинства, да ги уживаат и Македонците на целата територија на Албанија, а не само во областа Мала Преспа; (4) Албанската влада да го воведе учење на мајчиниот македонски јазик во државните училишта во областа Голо Брдо и Гора како и на целата територија на Република Албанија каде што живеат Македонци; (5) Македонците во Албанија повторно да ги добијат општините Голо Брдо и Гора коишто со последната територијална организација на локалната самоуправа беа укинати; и (6) Министерството за култура и Министерството за образование и спорт на Албанија да финансираат проекти во областите на културата, образованието и спортот на Македонците во Република Албанија. СМК посакува Македонско друштво “Илинден”-Тирана и понатаму да се бори пред меѓународните институции за правата на Македонците во Република Албанија.

www.ilinden-tirana.com






