Македонци во Албанија
Македонското национално малцинство е сконцентрирано долж албанско-македонската граница.
Областа Голо Брдо има 21 села и тоа: Студено, Стеблево, Требиште, Врница, Мало Острени (Малестрени), Големо Острени, Клење, Пасинки, Владимерица, Ѓиноец, Окштун, Којовци, Лешничани, Радоешта, Себиште, Смолник, Тучепи, Оржаново, Борово, Забзун, Заборѓе. И следните села надвор од Областа Голо Брдо се со мешано македонско и албанско население: Терново, Миреши, Торбач и Вишишта.
Областа Поле помеѓу Маќеларе и Пешкопеја има 3 села и тоа: Горно Крчиште, Долно Крчиште и Ербеле.
Oбласта Мала Преспа има 9 села: Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско, Церје.
Областа Гора има 9 села: Шиштеец, Орешек, Цернелево, Борје, Оргоста, Запод, Кошаришта, Пакишa, Очикле.
Село Врбник северно-источно од Корча до Билишта на албанско-грчката граница во правец на Костур.
Македонците се сконцентрирани и во поголемите градови Тирана, Драч, Елбасан, Кукс, Корча, Каваја, Билишт, Подградец, Либражд.
Во Тирана првите миграции на Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Река, Струшко и Охридско датираат од времето на Првата светска војна 1914-1918 година. Меѓутоа, во текот на историјата имало уште неколку бранови на внатрешни преселби на Македонците од родните села кон поголемите градови. Такви бранови бележиме во 1923, 1929, 1939 година, а најголемата миграција од етничките региони кон поголемите градови се случила во периодот 1949 до 1960 година.
Македонското национално малцинство во Втората светска војна го искористи историскиот момент и се вклучи во Антифашистичката и национално ослободителна војна на Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во Антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна, од 1945 година, Македонците беа признати како Македонско национално малцинство во областа Голо Брдо, Преспа, селото Врник во областа Девол, како и во и селото Крчиштe и Ербеле, Маќеларе.
На овие простори македонското национално малцинство се стекна со право на образование на мајчин македонски јазик. За жал, во селата во областа Голо Брдо, како и во селото Крчиште и Ербеле, Маќеларе училиштата на македонски јазик беа дозволени до 1949 година, додека во областа Преспа и селото Врник, училиштата на македонски јазик не беа затворени за време на комунистичкиот систем, беше дозволена слободната употреба на мајчиниот македонски јазик.
Македонското национално малцинство има територијален континуитет со Македонија и има етнографска култура која е добро зачувана низ годините, каде што се истакнуваат убавите народни носии, како и нивните песни и ора.
Припадниците на македонското малцинство припаѓаат на православната вероисповед, а дел од нив на муслиманската вероисповед.
Македонското национално малцинство е важен мост на соработка меѓу Република Албанија и Република Македонија.