News

За првпат, официјалната веб-страница на Општина Пустец ќе биде достапна и на македонски јазик, по барање на Македонското друштво “Илинден“-Тирана

Општина Пустец го прифати барањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана официјалната веб-страница на Општината, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.

Оваа иницијатива, побарана и институционално проследена од Македонското друштво “Илинден“-Тирана, ќе овозможи за првпат официјалната веб-страница на Општина Пустец да нуди информации и на македонски јазик.

По официјалното барање на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, упатено до градоначалникот на Општина Пустец, претседателот на Општинскиот совет и членовите на Советот, како и по поднесената жалба до Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител на Република Албанија, Општина Пустец достави позитивен одговор, потврдувајќи дека нејзината официјална веб-страница ќе биде достапна и на македонски јазик.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана го поздравува овој позитивен одговор, кој доаѓа по неговото институционално залагање и истрајност за почитување на јазичните права на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Иницијативата на Друштвото се темелеше на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, кој ги гарантира правата на националните малцинства, вклучително и правото на користење на сопствениот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во областите каде што традиционално живеат.

Воведувањето на македонскиот јазик на официјалната веб-страница на Општина Пустец за првпат, како резултат на барањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, ќе овозможи подобро информирање на граѓаните, ќе го олесни пристапот до јавните информации и ќе ја унапреди комуникацијата меѓу граѓаните и локалните институции.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана оценува дека прифаќањето на ова барање претставува конкретен резултат на неговото залагање за заштита на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Албанија.

Друштвото му се заблагодарува на Комесарот за заштита од дискриминација за разгледувањето на жалбата и изразува очекување дека ветувањето на Општина Пустец ќе биде спроведено во практика, со цел граѓаните да имаат можност да користат и да добиваат информации и на својот мајчин јазик.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ќе продолжи да се залага за почитување на правата на македонското национално малцинство и за целосна примена на законодавството за заштита на националните малцинства во Република Албанија.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учествуваше на Дијалогот Шлезвиг-Холштајн за зајакнување на социјалната кохезија и заштита на правата на малцинствата во Западен Балкан

Во Академскиот центар Занкелмарк (Akademiezentrum Sankelmark), во Оеверзе, Сојузна Република Германија, од 1 до 4 ноември 2026 година се одржа Дијалогот Шлезвиг-Холштајн – Западен Балкан, посветен на зајакнувањето на социјалната кохезија, инклузивното управување и заштитата на правата на националните малцинства.

На настанот учествуваа високи претставници од Германија, Данска и земјите од Западен Балкан, меѓу кои Албанија, Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Главните теми на дијалогот беа размената на искуства, споделувањето добри практики и унапредувањето на меѓународната соработка во заштитата на правата на малцинствата.

Единствен претставник од Република Албанија беше Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и претставник на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Неговото учество претставуваше значајна можност за меѓународна афирмација на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и за претставување на неговите интереси и перспективи во разговорите за еднаквост, меѓуетнички дијалог и социјална кохезија.

Фото: Македонски весник “Илинден”

Меѓу високите учесници беа Беким Сали, прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на Република Македонија; Агон Ферати, министер за односи меѓу заедниците на Република Македонија; Дирк Шредтер, шеф на Државната канцеларија и министер за дигитализација на Шлезвиг-Холштајн; Јоханес Калсен, комесар за национални малцинства на Шлезвиг-Холштајн; Ненад Рашиќ, министер за заедници и враќање на Република Косово и Елберт Красниќи, министер за администрација на локалната самоуправа на Република Косово.

Во текот на дијалогот беа презентирани успешни практики од регионот, меѓу кои основањето канцеларија на комесар за национални малцинства во Бијелина, Босна и Херцеговина, како и воспоставувањето платформа за дијалог меѓу Општина Тетово и ромските организации.

Дијалогот Шлезвиг-Холштајн – Западен Балкан беше организиран во соработка со Мрежата за компетенции за малцинствата на Шлезвиг-Холштајн и Јужна Данска (MKN), која се спроведува од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), со поддршка од Покраината Шлезвиг-Холштајн (Schleswig-Holstein).

Македонско друштво “Илинден“-Тирана го честита 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба

Македонско друштво “Илинден“-Тирана упатува искрени честитки по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

На 23 октомври 1893 година, во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формирале Македонскиот револуционерен комитет, од кој подоцна произлегла Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО).

Овој историски чин претставува значаен момент во развојот на организираното македонско револуционерно движење, чија цел била ослободувањето на Македонија со сопствени сили. Во борбата за слобода, достоинство и национални права учествувале и Македонци од Албанија, давајќи свој придонес во македонската револуционерна борба.

По повод овој значаен историски датум, Македонско друштво “Илинден“-Тирана повикува на почитување и зачувување на историското наследство, националниот идентитет, јазикот и културата, како и на негување на вредностите на слободата, единството и достоинството.

Честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!

Македонско друштво “Илинден“-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Федералната унија на европските националности ја објави резолуцијата за Македонците во Албанија на три јазици: англиски, германски и руски

Резолуцијата на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) со која се поддржуваат Македонците во Република Албанија во барањата за надминување на проблемите, ја објави на три јазици: англиски, германски и руски. Резолуцијата по предлог на Македонското друштво “Илинден“-Тирана беше едногласно усвоена на 70-от Конгрес што се одржува во Хелсинки, Финска.

Ова е навистина добра вест за нас, бидејќи со текстот на Резолуцијата сега се дава можност да се запознаат многу малциства во светот.

Со Резолуцијата, во име на Македонското друштво “Илинден“ и македонското национално малцинство во Република Албанија, меѓу другото, се бара од Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, да преземе ефективни мерки за заштита на македонскиот идентитет од негирање и асимилација, Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата административно-територијална реформа, како и Општина Пустец да се преименува во Општина Преспа, рече Ѓурѓај.

Резолуција, ФУЕН ја достави до Владата на Република Албанија, шефот на државата, Парламентот и меѓународните институци.

Англиски:

https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_lQNhcA9k_Resolutions%202026%20EN_web.pdf

Германски:

https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_vMpXvOCS_Resolutions%202026%20DE_web.pdf

Руски:

https://fuen.org/assets/upload/editor/docs/doc_15stWeCP_Resolutions%202026%20RUS_web.pdf

Резолуцијата едногласно беше усвоена на 70. Конгрес на ФУЕН, кој се одржа во Хелсинки, Финска, а на кој учествуваа претставници на 100 организации-членки од 38 европски земји.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана е рамноправен член на ФУЕН од средината на мај 2015 година и стана прво друштво на Македонци, кое е рамноправен член, со право на глас.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја поддржува иницијативата за впишување на Преспанскиот Регион на Листата на светското наследство на УНЕСКО

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја поздравува и ја поддржува иницијативата на Албанија, Македонија и Грција за впишување на Преспанскиот Регион на Листата на светското наследство на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја поздравува Изјавата за заедничка подготовка на номинацијата на Преспанскиот Регион за Листата на светското наследство на УНЕСКО, потпишана од Бленди Гонџја, министер за туризам, култура и спорт на Албанија, Седат Сулејмани, министер за култура и туризам на Македонија и Лина Мендони, министерка за култура на Грција.

Преспанскиот Регион претставува исклучително природно, историско и културно богатство што ги поврзува трите земји. Неговите уникатни природни вредности, биолошката разновидност и богатото културно наследство се од особено значење не само за локалните заедници, туку и за поширокиот регион и за европското културно и природно наследство.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана смета дека оваа иницијатива претставува значаен чекор кон зајакнување на прекуграничната соработка, заедничката заштита и промоцијата на природното и културното наследство, како и кон создавање нови можности за локалното население преку развој на одржливиот туризам.

Впишувањето на Преспанскиот Регион на Листата на светското наследство на УНЕСКО би придонело за неговата меѓународна афирмација, зајакнување на заштитата на неговите исклучителни вредности и поттикнување одржлив економски развој, со целосно почитување на природата, традициите и културниот идентитет на локалните заедници.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја изразува својата целосна поддршка за сите напори насочени кон зачувување на заедничкото природно и културно наследство и унапредување на соработката меѓу Албанија, Македонија и Грција.

Заштитата на Преспанскиот Регион е заедничка одговорност и важна инвестиција во иднината, во интерес на сегашните и идните генерации.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Честит 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ!

Македонското друштво “Илинден“-Тирана им го честита 11 Октомври на сите Македонци, денот кога во 1941 година македонскиот народ се крена на востание против нацистичкиот и фашистичкиот окупатор, започнувајќи ја борбата за слобода и самостојност.

Македонците од Албанија, рамо до рамо со своите сонародници, учествуваа во македонските партизански единици за време на Втората светска војна, давајќи значаен придонес во борбата за ослободување на Македонија од наци-фашистичкиот окупатор.

Со длабока почит им оддаваме признание на сите храбри борци кои ги положија своите животи за слободата, независноста и самоопределувањето на македонскиот народ.

Нека вечно се чуваат македонскиот идентитет, јазикот, културата и историското наследство!

Честит 11 Октомври 1941!

Македонско друштво “Илинден“-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со г. Партениј, епископ Антаниски и игумен на манастирот „Св. Јован Крстител“- Бигорскиот манастир

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, го посети Бигорскиот манастир.

При посетата, Ѓурѓај оствари средба со г. Партениј, епископ Антаниски и игумен на манастирот „Св. Јован Крстител“- Бигорскиот манастир.

„Секогаш ми претставува особено задоволство да се сретнам со г. Партениј, епископ Антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, како и со отците од Свештената бигорска обител“, истакна Ѓурѓај.

На средбата се разговарало за проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија, како и за активностите на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, информираше Ѓурѓај.

Во текот на срдечниот разговор бил изразен заеднички став за унапредување на соработката, како и за продолжување на помошта што Бигорскиот манастир ја дава за црквите во местата каде што живеат Македонци во Албанија.

„Бигорскиот манастир и понатаму останува значаен поддржувач на Македонците во Албанија, а нашата цел е соработката да продолжи и дополнително да се унапредува“, нагласи Ѓурѓај.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги осудува обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во Општина Пустец

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во Општина Пустец.

На 25 – 26 септември 2026 повторно се направени прегледи од страна на бугарски лекари во државна амбуланта во Пустец. Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонците во Република Албанија.

И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува жалење што Општина Пустец дозволува да биде дел од ова политика на уценување од бугарските политички лица за сметка на македонците во Република Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените од Софија, ја плаќа македонско национално малциство во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонците во Република Албанија.

Напомнуваме, дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државиани, доведува асимилација на македонско национално малциство во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ви честита среќен 26 Септември денот на европските јазици

Македонско друштво “Илинден“-Тирана по повод одбележувањето на 26 Септември денот на европските јазици упатува искрена честитка.

Честитајќи ви го денешниот празник, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.

Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет. Важноста на јазичната разновидност и повеќејазичноста е нагласена на европскиот ден на јазиците, кој секоја година се слави со разни настани на 26 септември, со иницијатива на Советот на Европа од 2002 година.

Советот на Европа, со 800 милиони Европејци претставени од 47 земји, ги повикува сите Европејци да научат повеќе јазици на која било возраст, во училиште или надвор од училиште.

Јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент, ја охрабрува повеќејазичноста низ цела Европа.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Претседател Никола Ѓурѓај

Д-р Илир Шута од ТВ СОТ 7 добитник на Благодарницата “Илинден“ за 2026 година

На д-р Илир Шута, новинар во телевизијата СОТ 7, Албанија, му беше доделена Благодарницата „Илинден“ за 2026 година, признание што го доделува Македонското друштво “Илинден“-Тирана.

Благодарницата на Шута денеска во Корча, по овластување на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, му ја предаде претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Признанието му е доделено за неговиот ангажман во новинарската професија и придонесот во објавувањето и афирмирањето на вистината за историјата, културата и автентичната македонска традиција на Македонците во Албанија.

Стерјовски упати честитки до д-р Илир Шута за добиеното признание, истакнувајќи ја неговата посветеност во информирањето на јавноста за прашањата поврзани со македонската заедница во Албанија.

„Му честитам на д-р Илир Шута за Благодарницата “Илинден”. Неговата професионална посветеност и интересот за историјата, културата и традицијата на Македонците во Албанија претставуваат значаен придонес за нивната афирмација и за запознавање на пошироката јавност со македонското наследство во Албанија“, истакна Стерјовски.

Благодарницата “Илинден“ се доделува како признание за личности кои со својот ангажман придонесуваат кон афирмацијата и зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик, историја и традиција.