Ознака: <span>Македонското друштво “Илинден”-Тирана</span>

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро го осудува продолжувањето на намерите на Бугарија за асимилација на Македонците во Бугари во Албанија

Од името на Македонците во Албанија и на членовите на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, го изразуваме неверувањето во измамите изнесени во соопштението на Бугарската амбасада која денес, на 6. 01. 2022 година објави недолична лага и една од многуте провокации. Со неколку фотографии и текст во кој ништо точно не пишува, објавена е најдрската досега бугарска измама. Имено, во денешното соопштение објавено на интернет страната на Бугарската амбасада се тврди, дека децата од областа Корча го прославиле „Божик на бугарски“ и дека Амбасадата на сите деца од градинка до 12 одделение во општина Пустец им поделија божикни и новогодишни подароци.

На ваквата изјава реагираат жителите од посочените области, како и единствената македонска политичка партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).Во своето соопштение МАЕИ најостро ги осуди најновите провокации и лаги на Бугарската амбасада во Тирана и ја информира целата јавност дека денеска во општина Пустец немаше никакво празнување на „Божик на бугарски“. Во продолжение пренесуваме дел од рекцијата на МАЕИ на бугарските лаги во врска со денешниот ден.

„Денес Македонците во Пустец и во другите делови на Албанија го празнуваат на традиционален македонски начин Бадник, а утре и Божик, со обичаи наследени со векови од нашите претци Македонци. Како што информираа и од заедничкото основно и средно училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски” во Пустец денеска никој не донирал пакетчиња за децата и дека единствено на 23 декември 2021 година новогодишни пакетчиња додели општина Пустец и на децата и на наставниот кадар во училиштата им е соопштено дека овие подароци ги доделува општина Пустец.

Бугарската амбасада во Тирана во соопштението не го споменува името на заедничкото основно и средно училиште “Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиофски” во Пустец затоа што знае дека херојот Трајан Ѓорѓиофски од Пустец, по кого денес го носи името училиште во Пустец, во 1942 година се приклучува на македонските партизани и загинува во 1944 година за слободата на Македонија во борба против бугарскиот фашистички окупатор на Македонија. Во училиштата во општина Пустец, 77 години непрекинато се изучува мајчиниот Македонски јазик!

Во врска со соопштението на бугарската амбасада дека и во областа на Гора, општина Кукс, бугарската амбасада обезбеди и додели новогодиши подароци за сите деца и дека децата го празнуваа „Божик на бугарски“ го сметаме за неумесна провокација.

Во девет села во областа Гора живеат Македонци со исламска вероисповед. И на последниот попис во 2011 година во областа Гора се изјаснати за Македонци, ниту еден не е изјаснат за Бугарин. Така да доделување на пакетчиња за децата во училиштата во Гора и измислување дека го слават „Божик на бугарски“ е само уште една примитивна перверзија и играње со верските чувства на Македонците со исламска вероисповед. Впрочем, ова не е ништо ново кога се работи за Бугарија. Познати се обидите на Бугарија во времето на Тодор Живков за асимилација на бугарските граѓани со исламска вероисповед со присилно преиминување на муслиманските имиња.

Македонците во областите Гора и Голо Брдо очекуваат официјално извинување од страна на Бугарија за злосторствата извршени за време на окупацијата на областите Гора и Голо Брдо од страна на Бугарија во Првата светска војна, злосторства кои се врежани во меморијата на Македонците. Ги осудуваме овие примитивни бугарски трикови од страна на Бугарија, која на секој начин сака да ја искористи сиромаштијата во областите каде живеат Македонците во Албанија, во намерата да ги прикажат како бугарска заедница.

Во областите Преспа, Голо Брдо, Гора, Полето и Врбник, каде што Бугарија „бара“ бугарско малцинство, има самоопределени и самоидентификувани Македонци кои го имаат истиот фолклор, традиција и јазик како и Македонскиот народ во целина, во сите држави на Балканот, живеат во компактни области на границата со Македонија и имаат територијален континуитет со државата Македонија, немаат никаква врска со Бугарија!

Во пресрет на престојниот попис на населението кое треба да се спроведе во октомври 2022 година, очекуваме да се засилат напорите на бугарските власти за асимилација на Македонската заедница во Албанија. Апелираме до Албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до меѓународната заедница во Албанија, да реагираат на овие активности на бугарската амбасада и на официјална Софија, заради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија. Обврска е на институциите на власта, да ги заштитат своите сограѓани Македонците, од бугарската агресија, која со политики и практики против добрососедството, врши грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија!“

Честитка од Македонско друштво “Илинден“ за 28 – 29 ноември денот на Независноста и денот на ослободувањето од наци-фашистичката окупација

Македонското друштво “Илинден”-Тирана Ви ги честита 28. ноември 1912- денот на независноста на Република Албанија и 29. ноември 1944 – денот на ослободување од наци-фашистичката окупација.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана доби верски календари од МПЦ-ОА за Македонците во Албанија 

Македонското друштво “Илинден”-Тирана доби верски календари за 2022 господово лето, кои бесплатно ќе бидат распределени на Македонците во Албанија, информираше за Македонски весник “Илинден”, Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.

Во име на друштвото и на Македонците тој искажува голема благодарност до Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и архиепископот г.г. Стефан што и годинава доделува одреден број верски календари за кои постои се поголем интерес меѓу Македонците.

Како друштво, веќе неколку години по ред, добиваме бесплатни верски календари од МПЦ-ОА, кои потоа им се распределуваат на Македонци во Албанија. Од мое лично име, од име на друштвото и на Македонците искажувам голема благодарност за МПЦ – ОА на поглаварот г.г. Стефан за покажаната добра волја да им подари на Македонците од Албанија дел од своите верски календари, рече Ѓурѓај.

Додава дека интересот меѓу Македонците од година во година е се поголем и посочува дека календарите веќе се достапни а за да се добие календар треба само да се контактира со друштвото.

Ѓурѓај ги повика Македонците од Албанија да гласаат за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, пред неделниот втор круг од локалните избори во татковината Македонија, ги повика Македонците да ги подржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани, браќа и сестри, Македонци од Република Албанија со право на глас во татковината Македонија на 31-ви октомври ве повикувам масовно да излезете и да ги поддржите кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Барам од Вас масовно да ја дадеме поддршката на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за една нова и поубава иднина за татковината Македонија. Со почит, Никола Ѓурѓај, сто во повикот.

Тој потсетува дека во знај на поддршка деновиве остварил средба со доктор Кирил Пецаков кандидат за градоначалник на Охрид, на која го информрал за положбата на Македонците во Република Албанија и проблемите со кои се соочуваат, како и за активностите на друштвото.

Пецаков, како иден градоначалник на Охрид, искажа подготвеност за продлабочување на соработката, големување на помошта и поддршка за друштвото, за весникот и за Македонците во Албанија, во рамки на можностите, се наведува во објавата. Според него, Пецаков, исто така ветил дека посебно внимание и грижа ќе посвети за македонските ученици и студенти од Албанија а кои средно и високо образование следат во училишта и високо образовни установи во Охрид.

Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод празникот 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба

Македонското друштво „Илинден“-Тирана упати честитка по повод празникот 23 Октомври – Ден на
македонската револуционерна борба.

Од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатуваме честитки, по повод големиот празник, 23 Октомври, Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, која е олицетворение на македонскиот непокор. Овој голем национален празник е потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина. Да го почитуваме и славиме овој голем ден, се наведува во честитката.

Честитајќи им го денот, на сите Македонци каде и да се на земјината топка, друштвото потсетува дека Денот на македонската револуционерна борба е „еден од трите светли датуми кои го одбележаа векот за обнова на македонската државност, се наведува во честитката. Нека е вечен и вековит Денот на македонската револуционерна борба.

Донација од Mакедонското друштво “Илинден“-Тирана за македонскиот културно-информативен центар во Тирана

Претседателот на македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, кој во исто време е и главен и одговорен уредник на истоимениот весник, денеска беше во посета на македонскиот културно-информативен центар во Тирана.

Имав срдечна средба со директорот на центарот, Златко Ориѓански. Му ја честитав функцијата и посебно му го пренесов задоволството, од име на Македонците, за отворањето на оваа институција, што беше нивен сон кој конечно се реализира, изјави Ѓурѓај, за Македонски весник “Илинден”.

Додава дека повод за посетата на Центарот била донацијата од друштвото, која меѓу другото се состои од по еден примерок од сите 47 изданија на македонскиот весник “Илинден“, кој годинава одбележа десет години од првиот број.

Потоа пет примероци од брошурата во која се содржани резолуциите предложени од Македонско друшто  “Илинден“-Тирана а изгласани од Федералната Унија на европските националности (ФУЕН) печатена на три јазици, македонски, албански и англиски. Исто така доставивме и по пет примероци од разгледницата „Народни носии на Македонците во Албанија“ отпечатена на македонски и албански јазик, додава тој.

Посочува дека го информирал својот домаќин за целите на друштвото, кое е формирано на 6 февруари 2009 година од група граѓани со македонско потекло, за заштита на македонското национално малцинство на целата територија на Република Албанија.

Го информирав дека основни задачи на друштво  се заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците, како и интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на локално и централно ниво во Република Албанија, нагласи Ѓурѓај. Искажан бил заеднички став за поголема соработка меѓу друштвото и центарот.

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Tирана по повод 11 Октомври-Денот на народното востание

Македонското друштво “Илинден“-Тирана од името на сите Македонци кои живеат во Албанија упати честитка по повод 11 Октомври-Денот на народното востание.

Почитувани,со голема почит кон загинатите борци, народни херои и дејци и на сите што ги дале своите животи во НОБ и Револуцијата, сите кои се втемелија во државноста и она што се нарекува независна и суверена Македонија, давајќи го најдрагото, својот живот, во името на Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честитаме 11-ти Октомври-Денот на народното востанието. Да го почитуваме и славиме овој голем ден.

Денеска, стои понатаму, да се потсетиме и да им оддадеме достојна почит на оние кои се бореа за слободата,потврдувајќи ја нивната пожртвуваност и патриотизам. До сите Македонци каде и да се на земјината топка порачуваме да ја сакаме и почитуваме како светост нашата Македонија,- порачува Македонското друштво “Илинден“, во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај .

Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод Успение на Пресвета Богородица

Македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, до Погаварот на МПЦ – ОА, неговото блаженство Архипископ охридски и македонски, г.г. Стефан и сите Македонци и припадници на православната вероисповед. Дозволете ми во мое лично име и во име на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, и во името на македонско национално малциство во Република Албанија, Вам лично, на вашето свештенство, на сите Македонци каде и да се во светот и на сите православни верници, да ви го честитам големиот Христијански празник Успение на Пресвета Богородица, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. Се посакува  пред се добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина. Празнувањето на  споменот на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов, благодет, душевен мир, среќа и топлина во нашите семејства. Ваше Блаженство, Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување, се наведува во честитката. Се посочува дека негувајќи ја традицијата го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани, следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила.

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај кандидат за Национален совет за граѓанско општество

Отворено е гласањето преку Интернет за избор на пет претставници членови на граѓанското општество во Национален совет за граѓанско општество

ОНЛАЈН ПРАВИЛА ЗА ГЛАСАЊЕ:

1.Организацијата мора да гласа само еднаш за претпочитаниот кандидат за секој од областа.

2.Во случај на утврдување на повторување на гласот при гласањето преку Интернет, само последниот глас ќе се смета за „валиден глас“.

Техничката комисија при Национален совет за граѓанско општество на крајот на крајниот рок за оспорување на прелиминарната листа, го објавува конечниот список на кандидати за избор на пет претставници на граѓанското општество во Советот, слободни работни места создадени како резултат на крајот на 3-годишните мандати за :

• 3 (три) члена во Акционата област А.

„Демократизација, владеење на правото, човекови права и интеграција во ЕУ“
• 2 (два) члена во опсегот Б.

„Економско-територијално-еколошки развој“

КОНЕЧНА ЛИСТ НА ИМЕНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГЛАСАЊЕ ОНЛИНЕ

Обем на дејствување А.

„Демократизација, владеење на правото, човекови права и интеграција во ЕУ“

1.Никола Ѓурѓај  – Македонско друштво “Илинден”-Тирана

2. Алтин Хазизај – Центар за заштита на правата на детето (CRCA) – Тирана

3. Мајлинда Дриза – Центар за социјален развој и унапредување – Валона

4. Мирела Јука – Фондација Даунов синдром Албанија (ДСА) – Тирана

Обем на дејствување Б.

„Економско-територијално-еколошки развој“

1. Сајмир Фарици – Здружение за слепи лица „Надеж“ – Тирана

2. Владимир Тано – Про млади – Тирана

3. Џими Вила – Здружение Ресегнација – Елбасан

Техничката комисија на Национален совет за граѓанско општество го објавува отворениот процес на ОНЛАЈН ГЛАСАЊЕ за 8-дневниот период од 25 мај до 1 јуни 2021 година, до кој се пристапува на линкот: www.amshc.gov.al/kkshc

Македонското друштво “Илинден“-Тирана г-ѓа Елса Џелили ја назначи за координаторе на Друштвото за Округот Елбасан

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, врз основа на статут и согласно своите надлежности на 05/05/2021 година донесе одлука да назначи за координатор на Друштвото за Округот Елбасан г-ѓа Елса Џелили. Г-ѓа Елса Џелили родена е во село Требиште, областа Голо Брдо, со живеалиште во со живалиште во село Тхане, општина Ѓерѓан, град Елбасан е координатор  на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана за Округот Елбасан. Од 2020 година г-ѓа Елса Џелили е член на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана, активист на Македонско национално малциство во Албанија. Македонското друштво “Илинден“- Тирана и посакува успех како координатор на Друштвото за Округот Елбасан.