За првпат, официјалната веб-страница на Општина Пустец ќе биде достапна и на македонски јазик, по барање на Македонското друштво “Илинден“-Тирана
Општина Пустец го прифати барањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана официјалната веб-страница на Општината, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.
Оваа иницијатива, побарана и институционално проследена од Македонското друштво “Илинден“-Тирана, ќе овозможи за првпат официјалната веб-страница на Општина Пустец да нуди информации и на македонски јазик.
По официјалното барање на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, упатено до градоначалникот на Општина Пустец, претседателот на Општинскиот совет и членовите на Советот, како и по поднесената жалба до Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител на Република Албанија, Општина Пустец достави позитивен одговор, потврдувајќи дека нејзината официјална веб-страница ќе биде достапна и на македонски јазик.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана го поздравува овој позитивен одговор, кој доаѓа по неговото институционално залагање и истрајност за почитување на јазичните права на македонското национално малцинство во Република Албанија.
Иницијативата на Друштвото се темелеше на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, кој ги гарантира правата на националните малцинства, вклучително и правото на користење на сопствениот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во областите каде што традиционално живеат.
Воведувањето на македонскиот јазик на официјалната веб-страница на Општина Пустец за првпат, како резултат на барањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, ќе овозможи подобро информирање на граѓаните, ќе го олесни пристапот до јавните информации и ќе ја унапреди комуникацијата меѓу граѓаните и локалните институции.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана оценува дека прифаќањето на ова барање претставува конкретен резултат на неговото залагање за заштита на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Албанија.
Друштвото му се заблагодарува на Комесарот за заштита од дискриминација за разгледувањето на жалбата и изразува очекување дека ветувањето на Општина Пустец ќе биде спроведено во практика, со цел граѓаните да имаат можност да користат и да добиваат информации и на својот мајчин јазик.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана ќе продолжи да се залага за почитување на правата на македонското национално малцинство и за целосна примена на законодавството за заштита на националните малцинства во Република Албанија.

































