Ознака: <span>Македонското друштво “Илинден”-Тирана</span>

Сара Џелили преставник на Македонското друштво “Илинден“-Тирана учестува на Балкански поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески” во Охрид

Со поздравно обраќање на градоначалникот, Кирил Пецаков  денеска во Охрид започна  четвртото издание на Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески”. На младите поети и поетеси од земјава и странство градоначалникот Пецаков им посака пријатен престој во Охрид  во кој се кријат многу мотиви за идна творечка инспирација. Огромно е задоволството да се биде меѓу младите поети и поетеси од Македонија и неколку балкански земји  чии напишани стихови со воодушевувење сакаме да ги прочитаме или слушнеме, а кои се гаранција за нивниот иден авторски успех во светски рамки.  Особено се радувам на ваквите настани затоа што со нив се збогатува културната понуда на Охрид и се разменуваат ставови и искуства на млади пишувачи на убавиот збор од повеќе земји. Во време на дигитално општество, кога социјалните мрежи стануваат доминантни на комуникациски план станува реткост  да се прочита проза или поезија од пишуван труд. Пишувањето и читањето се особено значајни во процесот на социјален развој на единката и затоа секогаш треба да се преферираат и негуваат. На  сите вас учесници на Балканскиот поетски камп ви посакувам пријатен престој во Охрид со желба да доловите барем дел од неговите убавини. Посетете ги нашите убави манастири и цркви, одете на Плаошник или влезете во Самоиловите крепости. Доколку ве послужи времето одете на некоја од бројните плажи,а ноќта минете ја крај охридското езеро. Сигурен сум дека тука кај нас ќе најдете многу мотиви за вашите наредни поетски творби – рече градоначалникот Пецаков. Учесниците на настанот ги поздрави и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, професор д-р Христо Петревски. Учесниците на балканскиот поетски камп  е предвидено да присуствуваат на одделни манифестации на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература, при УКУМ, како и на поетскиот фестивал „Струшките вечери на поезијата“. Тие  ќе ја посетат општина Дебрца и Вевчани. Инаку, кампот се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата, при УНЕСКО, додека претседателот на Македонија, Стево Пендароски, испраќа посебно Послание до учесниците. Преставничка на Македонското друштво “Илинден“-Тирана на Четвртито Балкански поетски камп за деца и млади “Ванчо Николески” е Сара Џелили по потекло се од Голо Брдо а живее во Елбасан.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро го осудува изјавата на заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, за асимилација на Македонците во Бугари во Албанија

Денес, 25 август 2022 година, го чувме заменикот министер за надворешни работи на Република Бугарија, Костадин Коџабашев со изјава дека „ги поддржуваат и ќе продолжат да ги поддржуваат Бугарите во Албанија“. Ваквата реакција доаѓа во пресрет на новата територијална поделба на Република Албанија, а особено по барањето за формирање на посебни општини каде Македонците живеат со векови и во пределите Преспа, Голо Брдо и Гора. Иако се дегутантни и веќе смешно излитени изјавите на бугарските перјаници во врска со именувањето на Македонците во Албанија со Бугари, сепак по онаа народната „сто пати кажаната лага станува вистина“ и Коџабашиев се вклучува во ширењето на лагата. Намерната замена на нашето вековно македонското чувство, со некакво, од Бугарите измислено бугарско национално чувство, кај нас не поминува. Напротив, кај многу од нас, Македонците се создава и чувство на пизма кој бугарските официјални политички претставници поради нивната уценувачка и настојчива активност да нѝ ја наметнат бугарштината како чувство иако со децении кажуваме дека не сме Бугари. И како Македонци од Преспа, Голо Брдо и Гора по кој знае кој пат им се обраќаме на европските институции да преземат мерки за контролирање на неконтролабилните бугарски политичари чие однесување е крајно неевропско, дури и нецивилизирано за 21. век. Она што нас нѐ загрижува е фактот што токму Европската Унија како заедница на демократски држави дозволува една нејзина членка да се однесува варварски кон Македонците во Албанија. Во своето обраќање Коџабашиев спомнува дека претставници на бугарското малцинство во Албанија побарале средба со претседателот на Бугарија, Радев и дека ќе се потрудат таа да се реализира. Да не е смешно, ќе биде комично. Познавајќи го капацитетот на платените ликови во Албанија кои треба да одглумат Бугари, не се сомневаме дека ваквата средба е иницирана од Бугарија. Но, за да не биде вистината гола, подобро е да ѝ фрлиме некоја наметка. Наметката се вика дежурни платеници кои за пари го продаваат и мајчиното млеко. Коџабашиев треба да научи дека нивните платеници кои глумат Бугари во Албанија, утре ќе се изјаснат и марсовци, доколку некој подобро платат од Бугарија Жаламе што и нашата, албанска Влада дозволува на нејзината територија да шетаат емисари на други држави со цел да внесуваат раздор и немир сред нејзините жители. Тоа го направи и самата албанска Влада во 2017 година кога попушти пред уцените на Бугарија и без реално постоење на ниту еден Бугарин во Албанија, го вметнаа бугарското малцинство во Законот за малцинства. Но, Бугарија како член на Европската Унија и склона кон уцени, се закануваше на Албанија со вето за почнување на преговори за влез во европското семејство, а жртвата и цената за таквиот чин беше газењето врз коските на покојните и чувствата на живите Македонци во Албанија. Срамно е европското демократско семејство да ги гази своите зацртани постулати за основните човекови права и да молчи за недозволивата ароганција на Бугарите, кои сѐ поинтензивно работат на денационализација и геноцид на Македонците во Република Албанија. Ние имаме да порачаме дека платениците што ви се Бугари, никој не знае до кога ќе бидат Бугари. А ние, Македонци сме биле, Македонци ќе останеме.

www.youtube.com/watch?v=fHS5Bsmk6Ow

www.youtube.com/watch?v=y7kDDIZYKfY

Македонско друштво “Илинден “-Тирана му посакува успех на претседателот Бајрам Бегај со верба дека ќе се заложи за подобрување на правата на Македонците во Република Албанија

Македонското друштво “Илинден“-Тирана му посакува успех во извршувањето на функцијата претседател на Албанија на Бајрам Бегај, кој синоќа и официјално ја презеде фунцијата. Дозволете ми во името на македонското друштво “Илинден“-Тирана и од мое лично име да ви посакам успех на функцијата претседател на Република Албанија. Посакувајќи ви успех во извршување на функцијата, веруваме дека ќе се залагате за подобрување на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Ви посакувам здравје и успех во работата, стои меѓу другото во честитката потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај донираше комплет од весникот “Илинден“ во библиотеката на Собранието на Албанија

Претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај на 18. 05. 2022 година донираше комплет од весникот “Илинден“ во библиотеката на Собранието на Република Албанија. Во врска со тоа, тој изјави: „Ми претставуваше чест и задоволство денес во Собранието на Република Албанија да се сретнам со г-ѓа Лидра Бушати, директор на издавачката служба и Собраниската библиотека. Донирав комплет од македонскиот весник “Илинден“ и други изданија на Македонското друштво “Илинден“-Тирана. Верувам дека тие ќе ја збогатат збирката на литература и периодика за националните малцинства во библиотеката на Собранието на Република Албанија. Изразувам особена благодарност до г-ѓа Линдита Никола, претседател на Собранието на Република Албанија која го прифати барањето за донација на македонскиот весник “Илинден“ и другите изданија на здружението за библиотеката на Собранието на Република Албанија. Се надевам дека и во иднина ќе имаме свои изданија, со кои ќе ги збогатиме фондовите наменети за малцинствата во Република Албанија“.

Mакедонското друштво “Илинден“-Тирана го честиташе Денот на македонскиот јазик 

По повод одбележувањето на 5 мај Денот на македонскиот јазик, македонското друштво “Илинден“-Тирана и огранокот за Голо Брдо, упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот. 

Честитајќи ви го денешниот ден, сакаме да го истакнеме знаењето и негувањето на македонскиот јазик за децата од македонското национално малцинство во Република Албанија. Негувањето на мајчиниот македонски јазик значи јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите национални, културни и верски традиции, стои во честитката. 

Се нагласува и значењето на образованието на мајчин македонски јазик, бидејќи, како што стои, тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. 

Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови – Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос. Бројноста на Македонците во Албанија е над 120.000 според процена на македонските организации во земјата, но за жал во 21 век, ним статус на малцинство им е признаено само во Мала Преспа, каде имаат право на овразование на мајчин македонски јазик, наведува друштвото. 

Потсетува дека веќе три децении од сите албански влади барале образование на мајчин македонски јазик за децата од Голо Брдо, каде настава на македонски, имало до педесеттите години од минатиот век, потоа во Гора, како и во другите делови каде концентрацијата на Македонците е поголема, но нема позитивен одговор. 

Во Тирана држан вториот “Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија“ (ФОТО)

Во организација на Македонското друштво “Илинден“-Тирана а со поддршка на Министерството за култура на Република Албанија, во Амфитеатар Тирана (Голем парк на вештачко езеро во Тирана) синоќа се одржа вториот “Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија“. Многубројната публика со посебно внимание ги проследи и настапите на Македонска фолклорна група од Голо Брдо (Македонски традиционални ора од областа Голо Брдо), Македонска фолклорна група од Мала Преспа (Македонски традиционални ора од областа Мала Преспа), Македонска фолклорна група од Гора (Нибет и Македонски традиционални ора од областа Гора) и Театарот “Скрб и утеха” од Скопје, Македонија.

Македонскиот фолклор бил создаван и траел со векови. Тој ни овозможува да разбереме кои сме ние. Познавањето на фолклорот значи познавање на сите духовни и материјални богатства на народот.Живот на еден народ е претставен преку традиционалните носии, обичаите, ритуалите, приказните. Но, несомнено најмоќните, најизразените и најприродните алатки кои човекот никогаш не ги напуштил без оглед на времето, местото и возраста се народните песни и ора. Сценската изведба на народната музика создава нови културни перспективи. Токму со овој фестивал, се отвора можност за презентација на изворни и автентични содржини,-рече Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана.

Тој посочи дека фестивалот не само што се одржа за вторпат, туку за вторпат една ваква манифестација е подржана од страна на албанското министерство за култура до кое упати голема благодарост за подршка, со убедување дека подршката ќе продолжи и фестивалот ќе стане традиционален.

Покрај Македонци кои живеат во Тирана, како и од други делови на Албанија, на манифестацијата присуствуваа и проф. д-р Данчо Марковски, амбасадор на Република Македонија во Тирана, Република Албанија, Златко Ориѓански, директор на Македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, Република Албанија, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тиранa, Незир Меча, потпретседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Ули Халилај, потпретседател на Македонско друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо, Елса Џелили, координатор на Македонското друштво “Илинден” за Округот Елбасан.

Македонска фолклорна група од Голо Брдо

Македонска фолклорна група од Мала Преспа

Македонска фолклорна група од Гора 

Театарот “Скрб и утеха” од Скопје, Македонија

Програма на “Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија”

Во организација на Македонското друштво “Илинден“- Тирана со поддршка на Министерството за култура на Република Албанија по вторпат во Тирана ќе биде одржан “Фолклорен фестивал на македонското малцинство во Република Албанија“. Очекуваме голема посетеност како од Македонците кои живеат во Тирана, туку и од други делови на Албанија, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана. Според него, на оваа значајна манифестација за Македонците во Република Албанија. Фестивалот ќе се одржи на 17 Април 2022, 16 : 00 часот кај Амфитеатар Тирана (Голем парк на вештачко езеро во Тирана) – Влез бесплатен

Програма
Групи учеснички:
1. Македонска фолклорна група од Голо Брдо
(Македонски традиционални ора од областа Голо Брдо)
2. Македонска фолклорна група од Мала Преспа
(Македонски традиционални ора од областа Мала Преспа)
3. Македонска фолклорна група од Гора
(Нибет и Македонски традиционални ора од областа Гора)
Гости:
Театар “Скрб и утеха ” Скопје, Македонија, сцени од Проф д-р Тихомир Стојановски и Актер Страшко Милошевски

Честитка по повод Меѓународен ден на мајчиниот јазик од Македонското друштво “Илинден“-Тирана

Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод одбележувањето на Меѓународен ден на мајчиниот јазик 21 февруари, упатува искрена честитка до македонскато национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот. Честитајќи ви го денешниот празник, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонскато национално малцинство во Република Албанија, значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите културни и верски традици.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо бара да се форимираат општина Голо Брдо и Гора помина осум години од териториалната поделба и нема просперитет за регионите Голо Брдо и Гора

После осум години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа отежнати. Во 2014 година Владата бројот на општините од 385 го намали на 61, иако опозицијата тогаш бараше нивниот број да изнесува најмалку 80! Во 2014 година Владата ги укина и општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза, како и општините Шиштевац и Запот во областа Гора кои сега се приклучени кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Албанија остана општина Пустец во областа Мала Преспа. И покрај барањата на Македонската заедница во 2014 година, Владата не ги удоволи нивните барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора! Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на македонските општини го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Албанија. Македонското друштво “Илинден”-Тирана и Македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо повторно го актуелизираат барањето од пред 2014 година, Владата да предложат изменување и дополнување на Законот за општините со формирање на две општини: општина Голо Брдо и општина Гора. Македонското друштво “Илинден”-Тирана и Македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо сметаат дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на избори од граѓаните, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните комунални проблеми.

Честитка по повод Божик од македонското друштво “Илинден”-Тирана

По повод Христовото раѓање – Божик, македонското друштво “Илинден”-Тирана упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г.Стефан. Дозволете ми во мое лично име, од името на друштвото и на сите Македонците во Република Албанија, Вам лично и членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, и да ви посакам здравје и среќа, се вели во честитката од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. Во неа се наведува дека Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот. Посакуваме, се додава понатаму, и оваа година Божик нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош. Токму во духот на христијанството, дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Христос се роди.