Д-р Илир Шута од ТВ СОТ 7 добитник на Благодарницата “Илинден“ за 2026 година
На д-р Илир Шута, новинар во телевизијата СОТ 7, Албанија, му беше доделена Благодарницата „Илинден“ за 2026 година, признание што го доделува Македонското друштво “Илинден“-Тирана.
Благодарницата на Шута денеска во Корча, по овластување на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, му ја предаде претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.
Признанието му е доделено за неговиот ангажман во новинарската професија и придонесот во објавувањето и афирмирањето на вистината за историјата, културата и автентичната македонска традиција на Македонците во Албанија.
Стерјовски упати честитки до д-р Илир Шута за добиеното признание, истакнувајќи ја неговата посветеност во информирањето на јавноста за прашањата поврзани со македонската заедница во Албанија.
„Му честитам на д-р Илир Шута за Благодарницата “Илинден”. Неговата професионална посветеност и интересот за историјата, културата и традицијата на Македонците во Албанија претставуваат значаен придонес за нивната афирмација и за запознавање на пошироката јавност со македонското наследство во Албанија“, истакна Стерјовски.
Благодарницата “Илинден“ се доделува како признание за личности кои со својот ангажман придонесуваат кон афирмацијата и зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик, историја и традиција.