Ознака: <span>Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана</span>

Честитка по повод Божик упати Македонско друштво “Илинден“-Тирана до поглаварот на Албанска православна црква и до сите верници

По повод Христовото раѓање – Божик, македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до поглаварот на Албанска православна црква неговото блаженство г.г.Јоан, архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија и до сите верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

Дозволете ми во мое лично име, од името на друштвото и на сите Македонците во Република Албанија, Вам лично и членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, и да ви посакам здравје, среќа, благосостојба, се вели во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. 

Во неа се наведува дека Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот. И оваа година, се додава,  Божик нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош. 

Токму во духот на христијанството, дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Христос се роди, навистина се роди, стои во честитката на македонското друштво “Илинден“-Тирана. 

Македонско друштво “Илинден“-Тирана со повик до Македонците во Албанија да се самоизјаснат за Македонци

Драги сограѓани Македонци во Република Албанија,

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви се обраќа со овој отворен и искрен повик, во момент од особено значење за афирмацијата на нашиот идентитет, достоинство и права како автохтона македонска заедница во Албанија.

Врз основа на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“ и Одлуката на Советот на министри „За утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лицата кои припаѓаат на националните малцинства“, секој граѓанин има неотуѓиво право слободно да се самоидентификува, без притисок и без страв, како припадник на официјално признаено национално малцинство.

Овој процес претставува значаен чекор кон:

  • зачувување и зајакнување на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет;
  • унапредување на институционалната застапеност на македонската заедница;
  • креирање на поправедни државни политики, прилагодени на реалните потреби на националните малцинства;
  • гарантирање поддршка и одржлив развој на нашата заедница.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана упатува повик до сите Македонци во Република Албанија без двоумење да се самоизјаснат, со пополнување на соодветните формулари за самоидентификација и нивно доставување по пошта до Комисијата формирана при Министерството за внатрешни работи, согласно утврдените постапки.

Сакаме јасно да нагласиме дека:

  • процесот се темели на принципот на слободно самоидентификување;
  • личните податоци се заштитени во целосна согласност со законодавството за заштита на приватноста;
  • не постои никаков ризик ниту негативна последица за граѓаните кои ја изјавуваат својата национална припадност.

Самоизјаснувањето не е само законско право, туку и чин на граѓанска и национална одговорност, кој го зајакнува нашиот колективен глас и ја обезбедува иднината на идните генерации.

Заедно, со храброст, свест и доверба, да придонесеме во изградбата на пофер, поинклузивно и подемократско општество, во кое македонскиот идентитет во Република Албанија се почитува, признава и поддржува.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана му посакува успешна кариера на Клодиан Брахо нов раководител на СПАК и очекува со приоритет да го истражи незаконското издавање на уверенија за бугарско потекло од албанските локални институции

Македонско друштво “Илинден“-Тирана му посакува на г-дин Клодиан Брахо, кој  беше избран за нов раководител на Специјалната структура против корупција и организиран криминал (СПАК).

Македонско друштво “Илинден“-Тирана очекува СПАК со приоритет да го истражи незаконското издавање на уверенија за бугарско потекло од албанските локални институции, како и влијанието што групите посредници за бугарски пасоши го извршија врз процесот на пописот во 2023 година на целата територија на Република Албанија.

Овие групи ја злоупотребија својата моќ и врски за да постават свои попишувачи, при што вршеа притисоци, закани и поткуп врз албанските граѓани со цел да ги принудат да се изјаснат како Бугари и да ги манипулираат податоците од пописот.

Дополнително, бараме истрага за незаконските активности на фондациите од Бугарија, кои делуваат со цел асимилација на автохтоната македонска заедница во Република Албанија, загрозувајќи го нејзиниот идентитет, култура и права.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана честита за достигнувања на СПАК во текот на последните три години под водство на г-дин Алтин Думани, надевајќи се дека понатамошната работа на г-дин Клодиан Брахо ќе биде успешна и во служба на транспарентноста и правдата.

 

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Тирана по повод празникот Свети Климент Охридски 

По повод големиот христјански празник Свети Климент Охридски, македонското друштво “Илинден“-Тирана, упати честитка до Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима, г.г Стефан и до сите Македонци каде и да се.

Од мое лично име, во име на друштвото и на сите Македонци во Албанија упатуваме честитки по повод денешниот голем христијански празник, денот на Свети Климент Охридски чудотворец – учителот и просветителот кој е доказ дека љубовта се мери според жртвата.

Честитајќи им го празникот на г.г. Стефан, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, и на сите верници посакуваме денот посветен на патронот на МПЦ-ОА да го поминат во добро здравје, стои меѓу другото во честитката, потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.

Се додава дека огромна е почитта кон Свети Климент Охридски, кој остави не само големо духовно и просветителско наследство, туку и со личен пример на дело покажа што значи милост, трудољубивост, трпение и солидарност.

Резолуцијата поднесена од Македонско друштво “Илинден“-Тирана, усвоена од ФУЕН, доставена до албанските и меѓународните институции  

Резолуцијата усвоена од Федералната унија на европските националности а поднесена од Македонско друштво “Илинден“-Тирана, доставена е до сите албански и меѓународни институции, а заради запознавање и до македонските.

Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото очекува албанските институции да преземат соодветни активности а посебно внимание да посветат и меѓународните институции.

Со Резолуција, од име на Македонско друштвото “Илинден“ -Тирана и македонско национално малцинство во Република Албанија, ФУЕН ја повикува Република Албанија, Комитетот за малцинства, кој е владин орган, да се трансформира во министерство за национални малцинства. Исто така ја повикува албанската влада да ја ратификува европската карта за регионалните малцински јазици.

Резолуцијата едногласно беше усвоена на Генералното собрание на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), на 69-конгрес во Болзано, Јужен Тирол, Италија, на кој учествува претставници од 105 организации-членки од 36 земји во Европа.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана упатува благодарност до Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан

Македонско друштво “Илинден“-Тирана, добива бесплатни верски календари од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Верските календари се даруваат на Македонци во Република Албанија. Имајќи предвид дека бројот на заинтересирани лица за овие календари секоја година е се поголем, Македонско друштво “Илинден”-Тирана информира дека верските календари 2026 година се веќе достапни и само треба да се оствари контакт со Друштвото.
Воедно, Македонското друштво “Илинден”-Тирана од свое име и име на сите корисници на верскирте календари искрено се заблагодарува на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за покажаната добра волја да им подари на Македонците од Република Албанија дел од своите верски календари.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана со свој штанд на Конгресот на ФУЕН во Болзано, Италија

Македонското друштво “Илинден“-Тирана со свој штанд се претстави на 69. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) што се одржува во италијанскиот град Болзано.

Во рамки на активностите на овој значаен собир, синоќа, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имавме македонска домашна ракија, ајвар, лепче, потоа пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од весникот “Илинден“. Искрен да бидам побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број, изјави за Македонски весник “Илинден” Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, кој е учесник на Конгресот.

Фото: Г-дин Лорант Винце, претседател на Федералната унија на европски националности и пратеник во Европскиот Парламент и г-дин Бернд Фабритиус комесар на Сојузната влада на Германија за прашања поврзани со етничките германски преселници и националните малцинства во Сојузна Република Германија го посети штанд на Македонско друштво “Илинден“-Тирана во Конгресот на ФУЕН во Болзано, Италија

Според него и претставниците на другите малцинствата од Европа, на свои штандови се претставиле со пропаганден материјал и нивна национална храна.

Македонското друштвото “Илинден“-Тирана член на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства при ФУЕН.

Во овој период редовно учествува на сите активности и конгреси на унијата, како што и на овој, кој почна вчера а завршува на 26 октомври, на кој учествуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честита 23-ти Октомври денот на Македонската Револуционерната Борба

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честита 23-ти Октомври денот на Македонската Револуционерната Борба.
На 23 октомври, 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно Македонската Револуцонерна Организација – ВМРО.
Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава.
Да е вечен македонскиот револуционерен идеал да го почитуваме и славиме овој голем ден.
Македонско друштво “Илинден”-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Честит 11-ти октомври денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор

Во името на Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честита 11-ти октомври денот на народното востание, ден на македонската борба за слобода, значаен ден за македонската државност, 11-ти Октомври 1941-ва, денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор, да го почитуваме и славиме овој голем ден.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Македонско друштво “Илинден“-Тирана најостро го осудува убиството на судијата Астрит Калаја

Македонско друштво “Илинден“-Тирана најостро го осудува чинот на убиство при вршење на службената должност на судијата Астрит Калаја.

Македонско друштво “Илинден“- Тирана најостро го осудува делото и авторот кој пукаше во Законот и неговиот спроведувач. Имотните и судските конфликти се решаваат преку закон, а не преку кривично самооправдување.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана изразува искрено сочувство до семејството Калаја за големата загуба и до колегите за празнината што ќе остане во нивните секојдневни активности и целиот правосуден систем за оваа тешка загуба

Македонско друштво “Илинден“-Тирана