News

Македонско друштво “Илинден”-Тирана му честишаше на ВМРО-ДПМНЕ за големата победа на изборите

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана Никола Ѓурѓај, упати честитка до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски  за “изборниот успех на локалните избори”.

Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво “Илинден”-Тирана и во името на Македонците во Албанија, да Ви ја  честитаме големата победа на ВМРО-ДПМНЕ на Локалните избори 2021 година. Татковината Македонија уште еднаш ја покажа својата зрелост со одржувањето на мирни и демократски избори. Македонските граѓани одбраа кој ќе ги води македонските општини во наредните четири години, стои во честитката.

Во истата  се додава дека  во име на Македонците од Албанија, уште еднаш го упатуваме “нашето највисоко почитување до Вас”.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана и синоќа во објава на Фејсбук се заблагодари на Македонците од Албанија, кои поседуваат и македонски пасош, кои вчера го оствариле ова право.

Историска победа, почитувани, браќа и сестри, Македонци од Република Албанија голема благодарност до сите што гласавте на локалните избори во татковината Македонија. Со среќа и успешна работа до сите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ.  Голема победа за сите за една нова и поубава иднина за татковината Македонија, пишува  во објавата.

И пред изборите Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повика Македонците од Република Албанија што поседуваат македонско државјанство да дојдат и да го дадат свокот глас за кандидатите на ВМРО- ДПМНЕ.

Ѓурѓај ги повика Македонците од Албанија да гласаат за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, пред неделниот втор круг од локалните избори во татковината Македонија, ги повика Македонците да ги подржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани, браќа и сестри, Македонци од Република Албанија со право на глас во татковината Македонија на 31-ви октомври ве повикувам масовно да излезете и да ги поддржите кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Барам од Вас масовно да ја дадеме поддршката на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за една нова и поубава иднина за татковината Македонија. Со почит, Никола Ѓурѓај, сто во повикот.

Тој потсетува дека во знај на поддршка деновиве остварил средба со доктор Кирил Пецаков кандидат за градоначалник на Охрид, на која го информрал за положбата на Македонците во Република Албанија и проблемите со кои се соочуваат, како и за активностите на друштвото.

Пецаков, како иден градоначалник на Охрид, искажа подготвеност за продлабочување на соработката, големување на помошта и поддршка за друштвото, за весникот и за Македонците во Албанија, во рамки на можностите, се наведува во објавата. Според него, Пецаков, исто така ветил дека посебно внимание и грижа ќе посвети за македонските ученици и студенти од Албанија а кои средно и високо образование следат во училишта и високо образовни установи во Охрид.

Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод празникот 23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба

Македонското друштво „Илинден“-Тирана упати честитка по повод празникот 23 Октомври – Ден на
македонската револуционерна борба.

Од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатуваме честитки, по повод големиот празник, 23 Октомври, Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, која е олицетворение на македонскиот непокор. Овој голем национален празник е потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина. Да го почитуваме и славиме овој голем ден, се наведува во честитката.

Честитајќи им го денот, на сите Македонци каде и да се на земјината топка, друштвото потсетува дека Денот на македонската револуционерна борба е „еден од трите светли датуми кои го одбележаа векот за обнова на македонската државност, се наведува во честитката. Нека е вечен и вековит Денот на македонската револуционерна борба.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со Д-р Кирил Пецаков актуален пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, и кандидат за градоначалник на Охрид

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај на 21.10. 2021 година оствари средба со Д-р Кирил Пецаков актуален пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, и кандидат за градоначалник на Охрид на престојните Локални избори. На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, го информираше Д-р Кирил Пецаков за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија.

Низ дискусијата, Д-р Кирил Пецаков покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. Секако, како иден градоначалник на Охрид, Д-р Кирил Пецаков искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана Никола Ѓурѓај на Д-р Кирил Пецаков и подари Македонски весник “Илинден” топло и се заблагодарува за срдечна средба.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со Македонскиот амбасадор, Данчо Марковски во Тирана

Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана и уредник на весникот “Илинден“ Никола Ѓурѓај оствари средба со Македонскиот амбасадор, Данчо Марковски во амбасадата во Тирана.

Имавме срдечна срдба со амбасадорот Марковски. На средбата посебен акцент беше ставен на неодамнешното свечено одблежување на 10-годишнината од излегувањето од печат на првото издание на весникот “Илинден“. Имав чест и големо задоволство да му врачам врамен постер од одбележувањето.

Од своја страна Марковски го честитал јубилејот, посакал уште многу јубилеи и ветил поддршка во рамки на надлежностите и можностите.

Разменивме мислења околу тоа весникот да биде попрофесионален и секако неизбежно за положбата на Македонците. Исто така го запознав и со активностите на друштвото кое со години е активен субјект меѓу македонската заедница во Албанија. Многу отворено и искрено разговаравме за можни активности кои би помогнале за надминување на проблемите на Македонците во Албанија на повеќе полиња, вели Ѓурѓај.

Амбасадорот, додава тој, во опсегот на надлежностите, искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малцинските права на Македонците во Албанија. Со надеж дека амбасадорот Марковски сесрдно ќе помогне во подобрување на положбата на Македонците во Албанија, топло се заблагодарив за срдечната средба и посакав истите да бидат почести, нагласува Ѓурѓај.

Донација од Mакедонското друштво “Илинден“-Тирана за македонскиот културно-информативен центар во Тирана

Претседателот на македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, кој во исто време е и главен и одговорен уредник на истоимениот весник, денеска беше во посета на македонскиот културно-информативен центар во Тирана.

Имав срдечна средба со директорот на центарот, Златко Ориѓански. Му ја честитав функцијата и посебно му го пренесов задоволството, од име на Македонците, за отворањето на оваа институција, што беше нивен сон кој конечно се реализира, изјави Ѓурѓај, за Македонски весник “Илинден”.

Додава дека повод за посетата на Центарот била донацијата од друштвото, која меѓу другото се состои од по еден примерок од сите 47 изданија на македонскиот весник “Илинден“, кој годинава одбележа десет години од првиот број.

Потоа пет примероци од брошурата во која се содржани резолуциите предложени од Македонско друшто  “Илинден“-Тирана а изгласани од Федералната Унија на европските националности (ФУЕН) печатена на три јазици, македонски, албански и англиски. Исто така доставивме и по пет примероци од разгледницата „Народни носии на Македонците во Албанија“ отпечатена на македонски и албански јазик, додава тој.

Посочува дека го информирал својот домаќин за целите на друштвото, кое е формирано на 6 февруари 2009 година од група граѓани со македонско потекло, за заштита на македонското национално малцинство на целата територија на Република Албанија.

Го информирав дека основни задачи на друштво  се заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците, како и интеграцијата на Македонците во политичкиот систем и институциите на локално и централно ниво во Република Албанија, нагласи Ѓурѓај. Искажан бил заеднички став за поголема соработка меѓу друштвото и центарот.

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Tирана по повод 11 Октомври-Денот на народното востание

Македонското друштво “Илинден“-Тирана од името на сите Македонци кои живеат во Албанија упати честитка по повод 11 Октомври-Денот на народното востание.

Почитувани,со голема почит кон загинатите борци, народни херои и дејци и на сите што ги дале своите животи во НОБ и Револуцијата, сите кои се втемелија во државноста и она што се нарекува независна и суверена Македонија, давајќи го најдрагото, својот живот, во името на Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честитаме 11-ти Октомври-Денот на народното востанието. Да го почитуваме и славиме овој голем ден.

Денеска, стои понатаму, да се потсетиме и да им оддадеме достојна почит на оние кои се бореа за слободата,потврдувајќи ја нивната пожртвуваност и патриотизам. До сите Македонци каде и да се на земјината топка порачуваме да ја сакаме и почитуваме како светост нашата Македонија,- порачува Македонското друштво “Илинден“, во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај .

Обраќање на Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана и уредник на Македонски весник “Илинден” по повод десетгодишнината од првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Добар ден почитувани пријатели,

Во оваа пригода, посебна чест ми претставува да ги поздравам:

Почитуваниот господин Сашко Ташулов, Министер советник во Амбасада на Република Македонија во Тиранa, Република Албанија

Почитуваниот господин Лаурентиу Стинга, шеф на политичката канцеларија на  присуството на ОСБЕ во Тирана, Република Албанија

Почитуваниот господин Алексеј Самсонов, советник во Амбасадата на Руска Федерација во Тирана, Република Албанија

Почитуваниот господин Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација на Република Албанија

Почитуваниот господин Сед Казанџиу, заменик претседател на Комитетот за национални малцинства во Република Албанија

Почитуваниот господин Алтин Тола, Амдинистратор на административна единица – Острени, областа Голо Брдо

Почитуваниот господин Маринко Чулафиќ, претседател на Црногорската заедница во Република Албанија

Почитуваната госпоѓа Елса Џелили, координатор на Македонското друштво “Илинден”-Тирана за Округот Елбасан

Почитувани гости,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Денес одбележуваме значаен јубилеј за македонското население во Република Албанија. Имено, пред точно десет години, на 1. март 2011 година како двоброј  (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник “Илинден“ како гласило на Македонското друштво „Илинден“- Тирана. Поради пандемијата, одбележувањето на настанот не можеше да се одржи во март, но затоа пак на него потсетуваме денес.

Изминативе десет години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот.

Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на Редакцијата на весникот  “Илинден“ како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во десетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија.

Македонскиот весник “Илинден” досега има испечатено 47 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com

На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност, како за сите Македонци во Албанија, регионот и цел свет. Исто така, од септември 2017 година, македонскиот весник “Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk

Македонскиот весник „Илинден” исто време е достапен во Националната Библотка во Тирана, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и во Библотеката на Македонската академија на науките и уметностите.

Мисијата на нашиот весник беше и останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. Остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот.

Од тогаш до денес, весникот “Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија. Вредно е да се спомне дека многу од македонските и светските информативни гласила користат податоци објавени во весникот “Илинден“. На тој начин, за многу значајни настани од животот на Македонците во Албанија, се информира пошироката светска јавност.

И да не должам.

Во оваа прилика, од име на редакцијата на весникот „Илинден” им се заблагодарувам на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот, особено за компјутерската обработка на Тримакс –  Скопје, како и на печатницата Абази – Тирана.

Посебно благодарност до г-дин Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот “Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија

Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот „Илинден“, покажа дека со објавуваните информации навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија.

Македонскиот весник “Илинден”денес ја прославува својата десетгодишна работа и постоење, а за неговото значење оставаме повеќе да каже историјата.

Ви благодарам што сте денес со нас и за Вашето внимание.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја поздравува Одлуката на Владата на Албанија, за отворање на заедничкиот граничен премин Шиштеец (Кукс) – Крушево (Драгаш)

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја поздравува Одлуката на Владата на Албанија, донесена на 18 септември 2021 година за отворање на заедничкиот граничен премин Шиштеец (Кукс) – Крушево (Драгаш). Воедно, од името на македонското население во овие области ѝ се заблагодарува на Владата на Албанија за ваквата Одлука. Овој граничен премин Шиштеец (Кукс) – Крушевo (Драгаш) помеѓу Албанија и Косово ќе биде од голема полза за жителите на областа Гора, со оглед на тоа што се отвора можност за поголема трговска размена и општа соработка меѓу жителите од пограничните места. Оваа Одлука ќе ѝ помогне на македонската заедница во областа Гора да се зајакне економијата на жителите и да се овозможи развој на областа Гора.