News

Македонско друштво “Илинден”-Тирана најостро го осудува навредливото однесување на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски кон Македонија и Македонците

Македонско друштво “Илинден”-Тирана најостро го осудува навредливото однесување на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Македонско друштво “Илинден”-Тирана за фашистичка ја смета изјавата на Џамбаски дека не постојат Македонскиот народ и Македонскиот јазик! Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја отфрла национал-шовинистичката политика на Софија кон Македонскиот народ во целина, непризнавајќи го неговото универзално неотуѓиво и неотстапно право на самоопределување и самоидентификација на држава Македонија!

Македонското друштво “Илинден”-Тирана доби верски календари од МПЦ-ОА за Македонците во Албанија

Македонското друштво “Илинден”-Тирана доби верски календари за 2023 господово лето, кои бесплатно ќе бидат распределени на Македонците во Република Албанија, информираше за Македонски весник “Илинден”, Никола Ѓурѓај претседател на друштвото.

Во име на друштвото и на Македонците тој искажува голема благодарност до Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и архиепископот г.г. Стефан што и годинава доделува одреден број верски календари за кои постои се поголем интерес меѓу Македонците.

Како друштво, веќе неколку години по ред, добиваме бесплатни верски календари од МПЦ-ОА, кои потоа им се распределуваат на Македонци во Албанија. Од мое лично име, од име на друштвото и на Македонците искажувам голема благодарност за МПЦ – ОА на поглаварот г.г. Стефан за покажаната добра волја да им подари на Македонците од Албанија дел од своите верски календари, рече Ѓурѓај.

Додава дека интересот меѓу Македонците од година во година е се поголем и посочува дека календарите веќе се достапни а за да се добие календар треба само да се контактира со друштвото.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај на Конференција за Западен Балкан

Денес, 25.01.2023 год, претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учестуваше на состанокот преку интернет врска, на кој зедоа учество повеќе претставници на малцинствата во Европа. Македонското друштво “Илинден“-Тирана како член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 2015 год., истовремено е дел на работната група на словенските малцинства во ФУЕН. Во тоа својство партиципираше на состанокот по повод подготовките и одржувањето на голема конференција за малцинствата во 2023 година.

Како во секоја пригода, така и на овој состанок, Никола Ѓурѓај ги презентираше проблемите со кои се соочува македонско национално малциство во Република Албанија на полето на образованието, состојбата на македонското население после изгласувањето на несоодветната територијална поделба и други проблеми.

На состанокот, преку интернет врска, беа поврзани учесници од Албанија, Србија, Босна и Хрватска. Претставниците на малцинствата од Западен Балкан разменија идеи за можни теми за планираната конференција, која начелно е закажана за април 2023 год. Се сондираше мислење за тоа со какви предизвици и проблеми се соочуваат националните малцинства во нивните земјите? Какви достигнувања и развој има постигнато секое малцинство, а се разговараше и за тоа дали треба позитивните искуства да се споделат со другите малцинства? Ова беа прашањата за кои различните претставници на малцинствата понудија свои согледувања.

Меѓу темите како најзастапени се издвоија: територијалните реформи, асимилацијата, образованието, учеството и реакциите во врска со резултатите од соодветните пописи, финансирањето на активностите на малцинствата итн. Тоа се теми кои треба да бидат застапени на идната конференција бидејќи ги засегаат сите малцинства од Западен Балкан, а од која треба да се очекуваат сериозни заклучоци и препораки за земјите од Западен Балкан.

Македонско друштво ”Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, се сретна со студенти од Голо Брдо кои се школуваат во Скопје

Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај имаше средба со студентите по потекло од областа Голо Брдо, кои се школуваат во Скопје. Станува збор за етнички Македонци од Голо Брдо владини стипендисти на Владата на Македонија, кои се редовни студенти на Економскиот, Правниот и Медицинскиот факултет во Скопје. Разговараме за проблемите со кои се соочуваат во текот на студирањето, изјави Ѓурѓај за Македонски весник “Илинден”.

Додаде дека се поголем број млади од оваа област со завршено основно образование, во Голо Брдо, средното образованието го „продолжуваат во татковината Македонија”, пред се во Струга, Охрид, Битола и Прилеп.

Повеќето од нив тука го продолжуваат и факултетското образование пред се во Битола, Штип, Прилеп и Скопје. Во ова пригода беше истакната заложбата што повеќе деца да бидат испраќани во татковината Македонија со цел да се образуваат во матичната држава за иден кадар на Македонците во Република Албанија, посочи Ѓурѓај. Тој редовно има средби и со средношколците од Голо Брдо а кои се школуваат во средни училишта во Македонија.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, оствари средба со Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и Потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај на 20. 01. 2023 година во Собранието на Република Македонија оствари средба со Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и Потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Александар Николоски. На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, го информираше г-дин  Николоски, за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија и за одредени иницијативи кои што може да се покренат во Собранието.

Пред се се разговара околу целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо кој што е потребен за да можат полесно да комуницираат луѓето од двете страни на границата. Потребно е македонската влада да даде поголема поддршка на активностите кои ги имаат Македонците во Република Албанија преку програмите кои ги има МНР пред се за Македонците кои живеат во соседните држави. Низ дискусијата г-дин Александар Николоски, покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. Секако, во опсегот на надлежностите, искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана топло и се заблагодарува за срдечна средба.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со Директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај на 20,01.2023 година оствари средба со Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ), г-дин Даријан Сотировски. На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, го информираше г-дин Даријан Сотировски за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија.

Низ дискусијата, покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. Секако, како Директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај на г-дин Даријан Сотировски топло и се заблагодарува за срдечна средба.

Честитка од Македонскот друштво “Илинден“-Тирана по повод големиот христијански празник Водици

Македонското друштво “Илинден“-Тирана од името на сите Македонци во Република Албанија, упати честитка до Поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архипископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници по повод големиот христијански празник Водици. Богојавление е настан што просветлува и не поучува на прочистувањето кога постои вистинската верба,се наведува во честитката и се посочува дека радувајќи се на Исусовото крштевање и осветувајќи ги водите да си посакаме подобра иднина, знаење, мудрост и енергија, сила и верба за позитивни исчекори. Да се помолиме и да си посакаме убави празнични денови, а убавите мисли и дела, честа и достоинственоста да не следат и да се постојано со нас и оваа година. Бидете благословени и нека ни е честит големиот христијански празник, Ваше Блаженство. Бог се јави – навистина се јави.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Ѓурѓај и генералниот координатор на друштвото за Македонија, Шатровски оствариа средба со градоначалникот Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај и генералниот координатор на друштвото за Македонија, Ламбе Шатровски на 18.01.2023 година оствариа средба со градоначалникот Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, го информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија.

На состанокот се отворија повеќе теми, пред се за делувањето на ова здружение коe повеќе од  една декада работи на унапредување на правата и можностите на Македонците во Албанија, но и за перспективите за заедничка соработка меѓу Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Општина Кисела Вода.

Беа договорени повеќе активности за промоција на културните вредности, можности за едукација и работни посети. Градоначалникот Ѓорѓиевски ја истакна својата подготвеност да помогне во подобрувањето на малцинските права на Македонците во Република Албанија и истакна дека силно верува дека соработката со Македонско друштво “Илинден”-Тирана е успешен чекор кон оваа голема цел.

Низ дискусијата, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. Секако, како градоначалник на Општина Кисела Вода искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај на , градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и подари Македонски весник “Илинден” топло и се заблагодарува за срдечна средба.

Централната изборна комисија по реакцијата на Македонското друштво “Илинден“-Тирана го коригира плакатот и сега стои македонското национално малцинство

По реакциaта на Македонското друштво “Илинден”-Тирана, Централната изборна комисија го коригира постерот на македонски јазик именувајќи како македонско национално малцинство, како што официјално се признава во Република Албанија. Македонското друштво “Илинден”-Тирана упатува благодарност за брзо решавање од Централната изборна комисија.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана со остра реакција на плакат на ЦИК: Ние сме македонско национално малцинство

Македонското друштво Илинден“-Тирана остро реагира во врска со објавениот плакат на Централната изборна комисија (ЦИК) на кој македонското малцинство е наведено како ” национално малцинство на Северна Македонија”. Најостро реагираме зашто она што пишува Централната изборна комисија е навреда на достоинството и националниот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија. Како може на плакатот, во рамки на програмата за изборната едукација на припадниците на националните малцинства на јазикот на нивната заедница да стои ваква катастрофална грешка. Ние сме македонско малцинство или Македонци во Република Албанија, како што сме признати во Законот за заштита на малцинствата, изјави револтирано Никола Ѓурѓај за Македонски весник “Илинден“. ЦИК за локалните избори што ќе се одржат на 14 мај 2023 година за првпат во историјата на изборните процеси во Албанија одобри посебна програма за информирање и подигање на свеста на гласачите-припадници на националните малцинство во Република Албанија, вклучително и македонското. Но, вели Ѓурѓај нас Македонците не нарекува “национално малцинство на Северна Македонија” со што никако не се согласуваме и уште утре ќе реагираме до претседателот на ЦИК, Илиријан Целибаши и Комисарот за дискриминација, Роберт Гајда.