News

Дванаесетта годишнина на македонскиот весник “Илинден”

Пред точно дванаесет години, на 1. март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник “Илинден“ како гласило на македонското друштво “Илинден“-Тирана. Изминативе дванаесет години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот.

Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од “Илинден“ како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во дванаесетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија.

Македонскиот весник “Илинден” досега има испечатено 57 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com

На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност за сите Македонци во Република Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември 2017 македонскиот весник “Илинден“е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: www.grid.mk и www.daily.mk

Од август 2022 година Македонски весник “Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија

Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Република Албанија и на Република Македонија, како и од Македонците ширум светот.

Редакцијата на “Илинден” ја користи оваа прилика да им се заблагодари на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Од тогаш до денес, весникот “Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Република Албанија и го приближи македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење.

Да нѝ се множат јубилеите и понатаму.

Со почит,

Никола Ѓурѓај

Главен и одговорен уредник на македонскиот весник “Илинден“

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај им врачи благодарници” Илинден” на Попи и Мазнику

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај денеска благодарници “Илинден” им врачи на двајца големи активисти на македонското малцинство во Албанија.

Чест ми беше во името на македонското друштво “Илинден”-Тирана лично да им  предадам Благодарница “Илинден” на двајца големи активисти, Јован Попи, по  потекло од село Ербеле, областа Поле, Маќелара и на Кристо Мазнику, поранешен претседател на Комитетот на Македонска алијанса за европска интеграција за Тирана и екс претседател на политичко друштво “Мир”- огранок Тирана, по потекло од областа Голо Брдо, рече за Македонски весник “Илинден”, Ѓурѓај.

Додава дека размениле мислења по повеќе прашања што се во интерес на Македонците во оваа земја и напорите за подобрување на нивните права.

Со одлука на раководството на друштвото,  по повод 14 – годишнината од формирањето на друштвото, благодарници им беа доделени и на Адам Аргинов, Сиднеј Австралија,  подржувач на друштвото,  како и на Ивзи Абази, македонски активист во Мало Острени област Голо Брдо.

Почесната награда “Илинден“ годинава беше одлучено да му се додели за Неговото блаженство г.г. Стефан – поглавар на МПЦ-ОА.

Признанијата се доделуваат на поединци и институции кои со својот ангажман најмногу придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана е формирано на 6 февруари 2009 година и регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на етничкиот, јазичен, културен, верски, историски идентитет на Македонците во Албанија.

Честитка од Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, Македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот.

Честитајќи ви го денешниот ден, сакаме да го истакнеме знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонското национално малцинство во Република Албанија. Негувањето на мајчиниот македонски јазик значи  јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите национални, културни и верски традиции, стои во честитката.

Се нагласува и значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи, како што стои,  тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.

Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови – Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос. Бројноста на Македонците во Република Албанија е над 120.000 според процена на македонските организации во земјата, но за жал  во 21 век, ним статус на малцинство им е признаено само во Мала Преспа, каде имаат право на образование на мајчин јазик, наведува друштвото.

Потсетува дека веќе три децении од сите албански влади барале образование на мајчин јазик за децата од Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, потоа во Гора, како и во другите делови каде концентрацијата на Македонците е  поголема, но позитивен одговор нема.

Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и пред сè да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Нека е честит Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, се наведува во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана упатува остра осуда на бугарската пропаганда меѓу Македонците во областа Гора

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го изразува своето жалење затоа што официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија и во Република Косово, обидувајќи се да ги претстави како “Бугари“.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, многупати досега се заслага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од Македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со стипендии за студирање на младите Македонци.

Цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава дека Македонците се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во Република Албанија никогаш не биле, ниту своеволно би биле “Бугари“! Македонско друштво “Илинден”-Тирана апелира Владата на Република Косово да превземат сериозни мерки во грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство во Република Косово.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е исторски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана бара од Комитетот за национални малцинства да постави повеќејазична табла

Македонското друштво “Илинден“-Тирана достави барање до Комитетот за национални малцинства на Албанија, да постави повеќејазична табла пред оваа институција, вклучително и на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Во барањето доставено до претседателката на Комитетот за национални малцинства, Константина Бежани, бараме таблата пред институцијата да биде повеќејазична, односно освен на албански и англиски името на институцијата да биде и на македонски и на јазиците на другите национални малцинства. Потсетуваме дека тоа веќе го направија Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител, изјави за Македонски весник “Илинден“, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото. Се надеваме дека барањето ќе биде разгледано и прифатено, додава тој, и нагласува дека тоа е доставено и до другите две споменати институции, заради запознавање.

Како друштво по смената на еднојазичните со повеќејазични табли на споменатите две институции, оваа нивна одлука ја поздравивме и искрено се надеваме дека ваков чекор ќе преземе и Комитетот. Во барањето наведуваме дека Македонското друштво “Илинден“-Тирана е регистрирано во судот во Тирана на 6 февруари 2009 година и оти неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија, додава Ѓурѓај.

Комитетот за национални малцинства е владин орган, во кој членуваат претставници на националните малцинства, а претседателката Бежани е претставник на грчкото малцинство.

Пораката од „Искра што се измолкнува“ од Горан Стефановски во превод од македонски на албански јазик

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на добрата соработка со македонското друштво “Илинден“-Тирана, преку видео-запис ја пренесуваат пораката од неговиот последен есеј „Искра што се измолкнува“ од Горан Стефановски, во превод од македонски на албански јазик.

Пораката ја пренесуваат Сабина и Сара Џелили, членки на македонското друштво “Илинден“-Тирана.

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет. Горан Стефановски

“Të gjitha krijesat e gjalla lindin me instinkt mbijetese. Për të mvijetuar , merimangat thurrin rrjetë. Për të mbijetuar, ne thurrim histori. Për ne nuk ka asgjë më të rëndësishme se këto histori. Ata janë thelbi i jetës sonë,shtylla e identitetit tonë.” Goran Stefanovski

Сара и Сабина потсетуваат и на корените на фамилијата Стефановски, кои потекнуваат од пограничното село Ербеле, на албанско – македонската граница, кај Дебар.

Ние, Македонците од Албанија го чуваме споменот за големиот Горан Стефановски, не заборавајќи на неговите корени. Затоа што тие се овде, во селото Ербеле, во областа Поле, Маќелара, преку планината спроти манастирот Св. Јован Бигорски. Од тука се неговите баба Алтана и дедо Стрезо, кои се доселиле во Дебар Маало во Скопје и изградиле една од првите куќи таму, по протерувањето што го доживеале, велат во својата порака, Сабина и Сара.

Тие се  надеваат дека заложбите ќе резултираат со остварување на иницијативата на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик, кој функционирал до пред десет години.

Откако ќе се отвори лекторатот по македонски јазик во Тирана, посакуваме да се случат и нови преводи на севкупното творештво на Горан Стефановски, кои ќе ги направат оние кои овде, на Факултетот за странски јазици ќе го учат македонскиот јазик. Интересот е голем, велат во својата порака членките на македонското друштво “Илинден“ од Тирана.

Пораката на нашиот Горан, додаваат од друштвото,  нека го обиколи светот, нека му донесесе нова светлина и нека го поттикне да ја прочита и чуе нашата приказна.

Македонските ДЕМОКРАТИ со честитка за 14 – годишнината основањето на Македонското друштво “Илинден”-Тирана

Политичката партија ДЕМОКРАТИ испрати честика до Македонското друштво “Илинден”-Тирана по повод 14-годишнината од неговото основање, за што искрено се заблагодаруваме. Особена чест нѝ претставува фактот што во нашите комуникации со раководството и членството на Политичката партија ДЕМОКРАТИ секогаш се истакнува важноста на постигнувањата на Македонците вон матичната македонска држава, а особено во Република Албанија. Таквото признание, но и безрезервната помош која ја добиваме, нам како и на Македонците од Република  Албанија многу нѝ значи.

Во оваа прилика ќе истакнеме дека весникот „Илинден“ и истоимениот портал, кои се гласила на Македонското друштво “Илинден”-Тирана се секогаш отворени за соработка со сите политички субјекти во Република Албанија и Република Македонија, бидејќи нашата заедничка цел е да живееме во стабилни и просперитетни држави.  – стои во честитката од партија Политичката партија ДЕМОКРАТИ.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со Љупчо Јаневски, Директор на Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот на Македонија

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај денeска во Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот на Македонија оствари средба со д-р Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот на Македонија.

На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, ја информираше д-р Љупчо Јаневски за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија.

Низ дискусијата, директор на Агенцијата за Промоција и Поддршка на Туризмот на Македонија д-р Љупчо Јаневски, покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. На средбата, многу отворено, се разговараше за можни активности кои би помогнала за надминување на проблемите на Македонците во Република Албанија на повеќе полиња.

Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана додели Награда “Илинден” и Благодарница “Илинден” по повод четринаесетгодишнината

Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана ги додели годинешните награда “Илинден” и благодарница “Илинден” По повод четринаесетгодишнината од основањето и плодната работа на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана, неговите Управни органи и претседателот г-дин Никола Ѓурѓај, донесоа Одлука за доделување на Благодарници “Илинден” и Награда “Илинден”. Благодарниците и наградата се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активноси во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија. Така и оваа година беа предложени повеќе лица за добивање на благодарница “Илинден” и награда “Илинден”. Од предложените беа избрани лица, кои со својот ангажман придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Благодарницата и наградата “Илинден” ги доделува и врачува лично претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана.

Оваа година Награда “Илинден” му се доделува на:

  1. Неговото Блаженство г.г. Стефан – Поглавар на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија

Оваа година Благодарница “Илинден” се доделува на:

  1. Г-дин Адам Аргинов – Подржувач на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана – Сиднеј, Австралија.
  2. Г-дин Кристо Мазнику – Понарешен претседател на Комитетот на Македонска алијанса за европска интеграција за Тирана и понарешен претседател на Политичко друштво “Мир” – Огранок Тирана и активист на Македонско национално малциство во Република Албанија со потекло од областа Голо Брдо.
  3. Г-дин Јован Попи – Активист на Македонско национално малциство во Република Албанија со потекло од Ербеле, областа Поле, Маќелара.
  4. Г-дин Ивзи Абази – Активист на Македонско национално малциство во Мало Острени (Малестрени) областа Голо Брдо.

Претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај им ги честитаат наградата и благодарниците на добитниците за 2023 година со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажнман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана одбележува 14 години од формирањето и успешната активност за заштита на македонскиот идентитет

Оваа година се навршуваат четринаесет години од 6 февруари 2009 година -денот на формирањето на Македонското друштво “Илинден”-Тирана. Македонско друштво “Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, на Македонците во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за периодот од четринаесет години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство.

Македонско друштво “Илинден”- Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учестува во сите конгреси и поднесува резолуци, што придонесува Македонското друштво “Илинден”-Тирана рамноправен член и силен глас на Македонското национално малциство од Албанија.

Во изминатите четринаесет години како претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија, како и со меѓународни организации.

При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонијаи низ светот.

Ја користам оваа прилика да упатам добронамерна критика до Владата на Република Албанија и до надлежните министерства и организации да посветат посебно внимание и позитивно да одговорат на нашето барање за настава на мајчинот македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора, и насекаде каде има значителен број Македонци. Идентично како тоа веќе се остварува во областа Мала Преспа.

Бараме Владата да изврши промена на штетната територијална организација на локалната самоуправа и да ги прифати општините во областите Голо Брдо и Гора каде живеат Македонци.

Исто време бараме од Владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, кој што е потребен за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата.

Нашите ставови за Законот за националните малцинства во Република Албанија се исти како и пред донесувањето на овој Закон. Неколкупати укажавме, дека Законот треба да ги реши горливите проблеми на националните малцинства, но со новодонесениот Закон се постигна токму спротивен ефект. Донесе дополнителни проблеми, кои се негативни не само за Македонците, туку и за Република Албанија во целина.

Го повикувам Комитетот за национални малциства да покаже поголема активност за македоснкото малциство во Република Албанија, а не да биде во сенка. Комитетот треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

Сакам да ги повикувам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во матичната држава Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во контунитет за решавање на горчливите проблеми што се сочуват.

Посебно благодарност сакам да упатам до сите што помогнале на Македонско друштвото “Илинден“-Тирана и големо благодарност до г-дин Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот “Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија.

Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави.

Ние не трчаме да победиме, туку да преживееме. Не за нас, туку за идните генерации.

Македонското друштво “Илинден“ денес ја прославува својата четринаесет годишна работа, а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата. Да се вечни Македонците во Република Албанија! Да живее албанското – македонско пријателство – е пораката на претседателот на Македонското друштво “Илинден“- Тирана, Никола Ѓурѓај по повод 14- годишнината од формирањето на друштвото.