Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај на Конференција за Западен Балкан

Денес, 25.01.2023 год, претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учестуваше на состанокот преку интернет врска, на кој зедоа учество повеќе претставници на малцинствата во Европа. Македонското друштво “Илинден“-Тирана како член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 2015 год., истовремено е дел на работната група на словенските малцинства во ФУЕН. Во тоа својство партиципираше на состанокот по повод подготовките и одржувањето на голема конференција за малцинствата во 2023 година.

Како во секоја пригода, така и на овој состанок, Никола Ѓурѓај ги презентираше проблемите со кои се соочува македонско национално малциство во Република Албанија на полето на образованието, состојбата на македонското население после изгласувањето на несоодветната територијална поделба и други проблеми.

На состанокот, преку интернет врска, беа поврзани учесници од Албанија, Србија, Босна и Хрватска. Претставниците на малцинствата од Западен Балкан разменија идеи за можни теми за планираната конференција, која начелно е закажана за април 2023 год. Се сондираше мислење за тоа со какви предизвици и проблеми се соочуваат националните малцинства во нивните земјите? Какви достигнувања и развој има постигнато секое малцинство, а се разговараше и за тоа дали треба позитивните искуства да се споделат со другите малцинства? Ова беа прашањата за кои различните претставници на малцинствата понудија свои согледувања.

Меѓу темите како најзастапени се издвоија: територијалните реформи, асимилацијата, образованието, учеството и реакциите во врска со резултатите од соодветните пописи, финансирањето на активностите на малцинствата итн. Тоа се теми кои треба да бидат застапени на идната конференција бидејќи ги засегаат сите малцинства од Западен Балкан, а од која треба да се очекуваат сериозни заклучоци и препораки за земјите од Западен Балкан.

Македонско друштво ”Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН.