Македонско друштво „Илинден“-Тирана го осудува оркестрираното бугарско негирање на Македонците во Албанија

Деновиве бугарската јавност беше бомбардирана од тврдењата дека не се точни објавите во весникот „Илинден“ издаван од Македонското друштво „Илинден“-Тирана, дека во Албанија нема Бугари, реагираат од ова друштво и велат: ,,Признаваме дека не очекувавме толку оркестрирана „вистина“ од страна на бугарската јавност на вистината за Македонците во Албанија. За да се „докаже“ спротивното низ јавните гласила се јавија наменските „истражувачи“, „научници“ и други потребни кадри кои се обидуваат на Македонците во Албанија да им кажат дека не се Македонци, туку дека се Бугари. Секако, вистината дека не постојат Бугари во Албанија ја знае целата светска јавност. Исто како што е јасно и гласно дека во Пиринска Македонија живее непризнато и понижено македонско население. За читателите е интересно да се каже дека во 2017 година во Албанија беше донесен Закон за малцинствата. Според важечките резултати од последниот попис на населението, нема ниту еден изјаснет како Бугарин во Албанија, но сепак беше признато бугарско малцинство во Албанија. И тоа не би било спорно ако „признавањето“ не се случуваше истовремено со подготовките на Бугарија за преземање на шестмесечното претседавање со ЕУ. Таквата позиција беше нашироко протежирана од бугарската Влада за „објаснување“ до албанскта Влада дека Бугарија ќе „помогне“ за побрзо зачленување на Албанија во ЕУ, доколку во Законот „внесе“ непостоечко бугарско малцинство и тоа во деловите на Албанија каде живеат Македонци. Од 2017 година до денес бројни бугарски „научници“ и емисари бараат и лажираат податоци за Бугари во Албанија. Тогаш, бројот на „Бугарите“ мора да биде надуван до степен до кој бугарските „европејци“ ќе им се закануваат на албанските власти со влезот во ЕУ. Секако, за успех на бугарската политика за нашето однародување како Македонци во Албанија многу помагаат и лица кои лесно и ефтино си го продаваат образот на фамилијата и нацијата. Нека им служи на чест, и ним и на нивните поколенија плукањето по коските на предците. Македонското друштво „Илинден“-Тирана и натаму ќе пишува за вистината, а тоа значи дека ќе објавува документи и текстови за македонската традиција, историја и култура во Албанија. Секако, за македонското чувство на населението во Албанија од кое се барало да признае дека е бугарско, најдобро говори следново видео“-се вели во соопштението на Македонско друштво ,,Илинден“-Тирана.