Македонците во Албанија целосно го поддржуваат барањето на МАЕИ за загарантирани места за малцинства во парламентот

Во име на сите Македонци во Албанија, нивните друштва предводени од Заедницата на Македонците, преку заедничко соопштение искажаа целосна подршка за барањето на единствената македонска партија во оваа земја, Македонска алијанса за европска интеграција и иницијативата на пратеникот Васил Стерјовски, во Изборната реформа малцинствата да имаат загарантирани места во парламентот на Албанија. Искажуваме целосна и безрезевна подршка, зашто никој подобро не може да ги претставува малцинските етнички заедници во законодавниот дом на Албанија, како што тоа ќе го прават нивните пратеници. И никој не може подобро да ги брани и адресира проблемите на малцинските етнички заедници во албанското општество од самите нив, стои во заедничкото соопштение. Очекуваат Парламентот на Албанија да ја прифати иницијативата за гарантирани пратенички мандати на малцинските етнички заедници и во таа смисла ги поздравуваат напорите на пратениците за постигнување на таа цел. Сметаат дека Македонците во Албанија треба да имаат пратеник во Парламентот и министер или заменик министер во Владата на Албанија. Исто така сметаме дека македонско – албанските билатерални односи треба да се градат на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност што подразбира взаемно разбирање и почитување, соработка по сите прашања од заеднички интерес. Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија како гаранција за еднакви меѓу еднаквите и рамноправни со рамноправните, се наведува во заедничкото соопштение. Соопштението е потпишано од Заедницата на Македонците, македонско друштво „Илинден“-Тиранa, организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа”, етно-културното друштво “Гора” ,политичко – културното друштво “Мир”, како и македонските друштва „МЕД“ (Македонско – егејско друштво), „Мост”- Требиште, област Голо Брдо и „Прегор”-Подградец.