Во Тирана промовиран Фото албум „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“

Во организација на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, на 14 јули 2023 година, со почеток во 18 часот во „Реја“ (пред Национална галерија) – Тирана, беше одржана промоција на Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“. Промоцијата претставуваше можност да се дружат и да разменат мислења Македонците од Тирана и цела Албанија.

Од официјалните лица, поканети на промоцијата, со своето присуство ја збогатија г-дин Љуфтим Спахиу, советник во македонската Амбасада во Тирана, г-дин Александру Саву, советник во романската амбасада во Тирана, г-ѓа Еда Кошовари, директор на Дирекцијата за анализи и проекти при Комитетот на националните малцинства, г-ѓа Марјана Фелха, претставник на македонското национално малцинство во Комитетот на националните малцинства на Република Албанија, г-дин Маринко Чулафиќ, претставник на црногорското национално малцинство во Комитетот на националните малцинства, г-дин Елис Пука, претставник на Националниот центар за традиционални дејности, г-дин Незир Меча, потпретседател на Македонското друштво “Илинден“ – Тирана, г-ѓа Елса Џелили, координатор на Македонското друштво “Илинден“-Тирана за округот Елбасан, г-ѓа Лизбет Ѓурѓај, меѓународен координатор на Македонското друштво “Илинден“- Тирана.

Сакаме да подвлечеме дека Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ беше испечатен благодарение на финансиската помош на Комитетот за национални малцинства на Рпублика Албнија. Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ содржи фотографии односиите кои македонското население со векови ја практикувало во областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, селата Крчишта и Ербеле, област Поле, Маќелара.

Во албумот се презентирани 12 фотографија и во состав на секоја од нив на македонски и албански јазик се објавува објаснување за носијата. Издавач на овој проект е Македонско друштво “Илинден“-Тирана, од каде објаснуваат дека Фото албум со ваква содржина се објавува за прв пат во Република Албанија. Како негов автор се јавува г-дин Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана. Фото албумот е печатен во печатница Абази -Тирана со тираж 300 примероци, што без финансиската поддршка од Комитетот за национални малцинства на Република Албанија немаше да биде можно.

Поради тоа, искрено се заблагодаруваме за разбирањето и одлуката да биде поддржан овој наш проект. Сакаме да веруваме дека примерот на Комитетот за национални малцинства во Република Албанија ќе биде следен од други инситуци. За заинтересираните информираме дека Фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“, бесплатно ќе се дели низ Република Албанија, а за да се добие потребно е само да се контактира со одговорните лица во Македонското друштво “Илинден“-Тирана.