News

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ви посакува среќен 7-ми март, Денот на учителот

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ви посакува среќен 7 март, Денот на учителот почит до сите учители кои го осветлуваат нашиот пат со своето знаење и посветеност!

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Петнаесет години од објавувањето на првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Пред петнаесет години, на 1 март 2011 година, првиот број на македонскиот весник “Илинден“ беше објавен како двоен број (март/април). Македонскиот весник “Илинден“ е весник на Македонско друштво “Илинден“-Тирана.

Македонскиот весник “Илинден“ има објавено вкупно 71 број, докажувајќи континуитет и посветеност во информирањето на своите читатели и предизвикувајќи голем интерес кај читателите во Албанија, во татковината Македонија, како и во Македонската дијаспора во светот.

Според бројните писма што стигнуваат до редакцијата, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во петнаесетгодишниот период весникот прераснал во сериозен весник, чии вести и теми сè повеќе стигнуваат до читателите.

Македонскиот весник “Илинден“ од март 2017 година, покрај печатената верзија, весникот може да се следи и преку веб-страницата www.vesnik-ilinden.com, на овој начин нашиот весник стана достапен за пошироката јавност.

Од септември 2017 година, македонскиот весник “Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски списанија со број ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатено).

Oд август 2022 година, македонскиот весник “Илинден“ е член на платформата на Алијансата за етички медиуми (AEM), каде што членуваат 30 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.

Македонскиот весник “Илинден“ е дел од најголемите информативни платформи во Македонија time.mk, grid.mk и vesti.mk

За сите заинтересирани, сите изданија на македонскиот весник “Илинден“ се достапни и во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопјe, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, Библиотеката на Академијата на науките и уметностите на Македонија, Библиотеката „Григор Перличев“ – Охрид и Државниот архив на Македонија.

Мисијата на нашиот весник останува да го поттикнува и промовира македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Албанија. Остануваме уверени дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и Македонија, како и од Македонците од целиот свет.

Редакцијата на македонскиот весник “Илинден“ изразува благодарност до сите свои соработници.

Македонскиот весник “Илинден“ дава голем придонес во промоцијата на македонскиот јазик и во покренувањето прашања од интерес за Македонците во Албанија, и постојано работи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија.

Воедно, редакцијата изразува благодарност до лојалните читатели за покажаниот интерес за содржините што ги нуди весникот.

Да нѝ се множат јубилеите и понатаму.

 

Со почит,

Никола Ѓурѓај

Уредник на македонскиот весник “Илинден“

Донацијата на “Матица македонска” реализирана преку Македонско друштво “Илинден“-Тирана, претставува најголем дар на книги за Македонците во Албанија

Со голема донација за Македонците во Албанија се заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ на „Матица“

Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија.

Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, денес се заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ што „Матица македонска“ ја покрена по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги, во рамките на чествувањето на 35-годишнината од своето основање. Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана упатува искрена благодарност до „Матица македонска“ за вредната донација со македонска литература. Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.

Донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо. Оваа акција на првата издавачка куќа во самостојна Македонија се случува во клучен период на предизвици за македонското национално малцинство во Албанија, а непосредно откако Македонското друштво „Илинден“, на 6 февруари одбележа 17 години постоење.

Инаку, иницијативата „Подари книга, подари свет“ што се заокружува со оваа донација, „Матица македонска“ ја почна со идеја за првпат во Македонија на повиско ниво да се чествува Меѓународниот ден на дарувањето книги, воспоставен заради поттикнување на љубовта кон читањето и овозможување пристап до книги за деца ширум светот. Но со интересот што го предизвика иницијативата кон којашто се приклучија и општествено одговорни компании, јавни личности, институции и огромен број читатели од клубот „Матица“ прерасна во најголема акција и иницијатива за дарување книги во нашата држава, со исклучително масовен интерес.

Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ оствари уште неколку значајни донации од книги. Голема донација од книги доби и Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција. Во ова Друштво, покрај иселеници-Турци што иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21. век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Само еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, веќе се случи првата донација од Македонија за училиштето. „Матица македонска“ испрати голема донација од книги во Хрватска, за учениците што ќе го учат предметот Македонски јазик и култура во Света Недела. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, заедно со „Алкалоид“, „Матица македонска’ донираше капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана – првиот македонистички центар на универзитет надвор од Македонија. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација е и првата поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.

Месецот на дарувањето во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ заврши, но донациите коишто „Матица македонска“ ги остварува постојано во рамките на својата мисија за афирмација на македонската книжевност ќе ги има и натаму.

„Матица македонска“ продолжува со бројни активности во знакот на 35-годишината од основањето, со многу нови вредни изданија за сите генерации.

Честитка по повод Меѓународен ден на мајчиниот јазик од Македонското друштво “Илинден“-Тирана

Македонското друштво “Илинден“-Тирана по повод одбележувањето на Меѓународен ден на мајчиниот јазик 21 февруари, упатува искрена честитка до македонскато национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот.

Честитајќи ви го денешниот празник, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.

Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонскато национално малцинство во Република Албанија, значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите културни и верски традици.

Македонско друштво ”Илинден”-Тирана
Претседателот Никола Ѓурѓај

 

Вистината за Македонците во Албанија паника кај бугарите

Бугарската пропаганда во Албанија за асимилирање на Македонците и измислување на т.н. Бугари во областите каде живеат Македонци во Албанија може да успее само доколку сите Македонци се продадат за грст златници подарени од бугарските изроди.

Македонците живеат и ќе живеат во областите каде со векови живееле во Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник. Но, да почнеме по ред за да видиме како е дојдено до оваа состојба денес, каде бугарската држава неуморно работи за создавање на бугарско малцинство во Албанија.

На 3 март 1878 година, после руско-турската војна во која победила Русија, за потребите од поголема интересна сфера на Русија, од страна на руските владетели била измислена т.н. Сан Стефанска Бугарија во која влеувале македонски и албански територии. Тоа значело дека Русија, како ментор и господар на бугарската држава, имала можност да ја прошири својата власт многу подалеку од дотогашната. Ваквата намера на Русија била осуетена од големите европски држави, кои  веднаш го свикале Берлинскиот конгрес (13 јуни-13 јули 1878 год.) за ревизија на Сан Стефанскиот договор. После решенијата на Берлинскиот договор интересната сфера на влијание на Русија била сведена на Бугарија, а македонските и албанските територии биле изземени. Со тоа, рускиот проект, кој никогаш не заживеал, бил ставен вон меѓународна верификација.

И покрај тоа, властите во Бугарија до денес го сонуваат санстефанскиот сон и вложуваат огромни средства за реализирање на рускиот проект од 19 век.

Историски гледано, бугарската политика се обидела да ја воспостави својата власт врз македонските и албанските територии и во периодот на Првата и Втората светска војна, но секогаш се наоѓала на страната на губитниците на двете војни, па обновувањето на рускиот проект за Сан Стефанска Бугарија не успеало.

Но, бугарските политички елити не престанаа да живеат во сонот од 19 век дури и во 21 век. Намерата да се реализира рускиот проект беше воскреснат во 2007 година. Имено, тогаш Бугарија, требаше да се откаже од руските ментори за што беше наградена со влез во Европската Унија, а европските ментори сесрдно почнаа да помагаат во реализацијата на рускиот проект на Балканот.

Еден од начините за таа цел беше и идејата на бугарските политичари да ги асимилираат Македонците во Албанија и на европските ментори да им ги прикажат како Бугари. За таквата пракса не жалат ниту средства, ниту емисари. Почнаа со „благонадежни“ и лесно податливи Македонци на кои им беа ветувани стипендии за децата за школување во Бугарија, со делење на бугарски пасоши за Македонците кои сакаа да избегаат од сиромаштијата во Албанија, со интензивно финансирање на т.н. фондации кои штедро се расфрлаа со „подароци“ за измислените Бугари во областите каде живеат Македонци. Ваквите акции имаат само една цел, да се „докаже“ дека во деловите од Албанија населени со Македонци живеат Бугари, а доколку се успее во таа мисија на менторите во Европската Унија да им објаснат дека доколу од исток на Македонија живеа Бугари, од запад на Македонија живеат Бугари, задолжително би било оние во Македонија да бидат Бугари.

За жал на Македонците, кон приказната за „измелезените“ Бугари во Албанија се приклучи и албанската Влада. Под директна закана од Бугарија дека ќе го кочи патот на Албанија кон Европската Унија, во 2017 година во Законот за малцинства албанската Влада, кон останатите малцинства го додаде и непостоечкото бугарско малцинство без ниту еден Бугарин регистриран на ниту еден Попис во Албанија. Се разбира, ваквите уцени на Бугарија не беа спомнати од Европјаните, а понижувачкиот чин на албанската Влада покажа дека Македонците се само карта за поткусурување. На тој начин, Македонците во Албанија станаа колатерална штета и влезен билет на Албанија во „демократското“ европско семејство и чекор напред за реализирање на рускиот проект од 19. век.

Откако се создаде поволна почва за асимилирање и понижување на Македонците во Албанија, следен чекор беше континуираното труење на бугарската јавност со „душманите“ на Бугарите во Албанија кои не сакаат да се побугарчат. Воедно, пракса стана да се создадат што поголем круг на фондации и медиуми кои ќе бидат „гласноговорници“ за заштита на измелезените Бугари меѓу нас.

Имајќи предвид дека Македонците во Албанија после енверовиот период јасно и гласно си го штитеа своето етничко потекло, почнаа да се организираат во свои здруженија, а после долга работа за здруженијата беше оформена и првата македонска политичка партија Македонска алијанса за европска интеграција. Воедно, во Албанија почнаа да се печатат бројни книги од Македонци со нивни спомени и истражувања за животот на Македонците во Албанија. Во почетокот на 2027 година го отворивме и порталот minoritete.al во кој треба да се објавуваат најважните активности на малцинствата во Република Албанија.

Фактот што во Албанија никогаш немало Бугари беше пресуден што од 1990 до 2027 година нема формирано ниту едно автохтоно бугарско здружение и нема објавено ниту една книга од Бугарин за животот и осотојбите на Бугарите во Албанија.

И токму тој факт е основната причина зошто бугарските медиуми се целосно насочени кон понижување и негирање на активноста на Македонците во Албанија.

Таков е и случајот со текстот во извесен портал https://www.actualno.com/balkani/panika-sred-makedonistite-zaradi-bylgarite-v-albanija-syzdadoha-nov-provodnik-na-propaganda-news_2556106.html чиј наслов точно говори за нивната задача. Имено во текстот „Паника меѓу Македонистите поради Бугарите во Албанија: Тие создадоа нов канал за пропаганда“ се вели: „Македонската организација во Албанија Илинден”-Тирана, која е аналогна на непризнаената во Бугарија ОМО „Илинден“ и која се смета за маргинална организација во самата албанска земја – оваа недела создаде нова веб-страница за малцинствата. Веб-страницата се вика minorite.al, што на албански значи „малцинства“. Веб-страницата беше рекламирана на почетокот на неделата од претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.“

Иако, претседателот на Македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај и самиот изјави дека „Со особено задоволство ви ја претставувам мојата лична иницијатива minoritete.al, првиот национален онлајн медиум во Република Албанија, посветен исклучиво на националните малцинства“, тоа бугарскиот портал го превидува дека порталот е наменет за активностите на малцинствата во Албанија. Фактот што во Албанија нема бугарско малцинство и нема никакви активности тоа вештачки создадено малцинство, веројатно е стравот што порталот ќе нема што да објавува за „новоиспилените“ Бугари.

Воедно, ваквите портали не го кријат својот анимозитет и кон претседателот на македонската партија МАЕИ, м-р Васил Стерјовски, па ја користат секоја прилика наместо да известуваат, да даваат свои квалификации за него. За таа цел, секако, ги користат новосоздадените Бугари во Албанија. Таков е случајот и со Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава – од средно образование до докторски студии – денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината.

И додека европските ментори молчат за силеџиите од Бугарија во Албанија, нека продолжат да го помагаат реализирањето на рускиот проект Сан Стефанска Бугарија. Ние немаме ништо со тоа, само посочуваме дека со отворените закани кон нас нема да нѐ замолчат и со нивните златници нема да нe купат. Македонците опстоеле и ќе опстојат!

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Македонско друштво “Илинден“-Тирана го прошири својот официјален сајт и на англиски јазик, покрај македонскиот и албанскиот

Македонско друштво “Илинден“-Тирана го прошири својот официјален сајт и на англиски јазик, покрај македонскиот и албанскиот. Со ова, нашите активности и ангажмани стануваат подостапни и за меѓународната јавност.

Македонско друштво ”Илинден”-Тирана е формиранао 06.02.2009 во Тирана. Од група граѓани со Mакедонско потекло што живе во Тирана, со цел заштита на Македонското национално малцинство во Република Албанија. За основни задачи на Македонското друштво “Илинден“-Тирана се утврдени заштитата и афирмацијата на македонскиот етнички, јазичен, верски, културен и наследство на Македонците во Република Албанија.

Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана член е на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства.

Линк: https://ilinden-tirana.com/en/

 

Македонско друштво “Илинден“-Тирана 

Претседател Никола Ѓурѓај

Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана додели Награда “Илинден” и Благодарница “Илинден” по повод седумнаесетгодишнината

Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана ги додели годинешните награда “Илинден” и благодарница “Илинден”. По повод седумнаесетгодишнината

од основањето и плодната работа на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана, неговите Управни органи и претседателот г-дин Никола Ѓурѓај, донесоа Одлука за доделување на Благодарници “Илинден” и Награда “Илинден”. Благодарниците и наградата се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активноси во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија. Така и оваа година беа предложени повеќе лица за добивање на благодарница “Илинден” и награда “Илинден”. Од предложените беа избрани лица, кои со својот ангажман придонеле за подобрување на животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на Македонците. Благодарницата и наградата “Илинден” ги доделува и врачува лично претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана.

Оваа година Награда “Илинден” му се доделува на:

  1. Работна група за словенски малцинства (АГСМ) при Федералната унија на европски националности (ФУЕН) – Германија

Оваа година Благодарница “Илинден” се доделува на:

  1. Отец Илиа Мазнику – Свештеник на Албанската автокефална православна црква, со потекло од областа Голо Брдо  – Тирана, Албанија
  2. Курир.мк – Скопје, Македонија
  3. Г-дин Љупчо Златев – Уредник на Лидер – Скопје, Македонија
  4. Република.мк – Скопје, Македонија
  5. Г-ѓа Марјана Дода – Уредник на Aргументум, Тирана, Албанија
  6. Д-р Илир Шута – Новинар, Телевизија СОТ 7, Поградец, Албанија

Претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај им ги честитаат наградата и благодарниците на добитниците за 2026 година со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажнман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Претседател Никола Ѓурѓај

 

17 години постоење на Македонското друштво “Илинден”-Тирана

На 6 февруари 2009 година беше формирано Македонското друштво “Илинден”-Тирана, а оваа година се навршуваат 17 години од неговото постоење и работа. Македонско друштво “Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, а со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонско национално малциство во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана во овие 17 години им посвети посебно внимание на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник.

Од особено значење за работата и информирањето за активностите на Македонското друштво “Илинден“-Тирана е објавувањето на Македонски весникот “Илинден” кој покрај печатеното има и електронско издание. Македонски весник “Илинден” излезе на печатење во Март 2011 година во Тирана, и единствен весник на Македонците во Република Албанија, што излегува во печатна и електронска верзија. Македонскиот весник “Илинден“е стандардизиран според меѓународните норми со ISSN 2522-6282. Македонски весник “Илинден” е дел од три агрегатори на вести time.mk,  grid.mk , daily.mk и vesti.mk . Македонски весник “Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија

Долгогодишната присутност на Македонското друштво “Илинден”-Тирана во Федералната унија на европските националности и други меѓународни организаци ја покажа потребата од назначување на Меѓународен кординатор на Македонско друштво “Илинден“- Тирана што беше реализирано во 2023 година.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за периодот од 17 години

оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учестува во сите конгреси и поднесува резолуци, што придонесува Македонското друштво “Илинден”-Тирана рамноправен член и силен глас на Македонското национално малциство во Федералната унија на европските националности.

Оваа година, за прв пат во Република Албанија, Македонското друштво “Илинден“ – Тирана ќе биде организатор и домаќин на семинарот на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при Федералната унија на европските националности, активност што се одржува секоја година во различен регион со словенско малцинство во Европа, претставува голема чест и секако благодарност за активноста на Македонското друштво “Илинден“ и историска за Македонците во Република Албанија.

Во изминатите 17 години како претседател на Македонско друштво “Илинден”- Тирана, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, како и со меѓународни организации.

При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Република Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Република Албанија, и во матичната држава Република Македонија и низ светот.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за правата на македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

Во чест на 17 години од постоењето на Македонското друштво “Илинден”-Тирана сакам да ги повикувам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во контунитет за решавање на проблемите што се сочуват и да спречиме асимилацијата од бугарија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство.

Посебно благодарност сакам да упатам до сите што помогнале на Македонско друштвото “Илинден“-Тирана во овје 17 години.

Да му се множат годините на Македонското друштво “Илинден”-Тирана а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата.

Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави.

Да се вечни Македонците во Република Албанија! Да живее албанското – македонско пријателство!

Со почит,

Никола Ѓурѓај                                                                                                                             

Претседател на Македонското друштво “Илинден“- Тирана

Македонското друштво “Илинден“-Тирана апелира за итна интервенција на патот што ја поврзува Албанија со Македонија на граничниот премин Требиште-Џепиште, во областа Голо Брдо

Македонско друштво “Илинден“–Тирана апелира до општина Булќиза и до Административна единица Требиште итно да се отстрани одронот на патот што го поврзува граничниот премин Требиште–Џепиште, во областа Голо Брдо, со Македонија. Блокадата го отежнува секојдневното движење на населението и ја нарушува комуникацијата меѓу двете страни на границата. Македонско друштво “Илинден“-Тирана бара брза интервенција и обезбедување безбеден и непречен сообраќај.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Kоординатор на Македонско друштво “Илинден”-Тирана за областа Голо Брдо, Фатри Фетаху