Изминаа 11 години од основањето на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, со кое заеднички неуморно и посветено се бориме за демократските права на нашите браќа и сестри Македонци во Албанија. На г-динот Никола Ѓурѓај, Претседателот на Македонското Друштво му оддавам особено признание за залагањата во заштитата на Македонскиот национален идентитет. На овогодишните добитници на награди и благодарници „Илинден“ од срце им честитам. Ја користам оваа прилика, во пресрет на парламентарните избори, да ги повикам најодговорните политички актери во Татковината, јавно да соопштат дали застануваат зад принципиелните барања на Македонците во Албанија, кои ги соопштуваат првиот наш Македонски пратеник во Албанското Собрание, Васил Стерјовскии МД „Илинден“ од Тирана. Македонската Алијанса предлага услов за коалицирање со Албанските партии после 12 април да биде нивната активна поддршка за барањата на Македонците во Албанија. Сега е неопходен договор за реципроцитет. Не може и понатаму Албанските политички фактори во Татковината да не се залагаат за нашите браќа и сестри во Албанија. Бараме, Македонците во Албанија да ги уживаат истите права кои ги имаат нашите сограѓани Албанци во Македонија. Загарантирани пратенички места за малцинствата во Албанија, пропорционална застапеност на Македонците во сите државни институции, органи на локална самоуправа и локална администрација каде што живеат, задолжително да има Македонски претставник во Управниот Одбор на Албанската Државна телевизија и да се отворат катедри за Македонски јазик на Државните Универзитети во Тирана и „Фан Ноли“ во Корча. Промена на територијалната организација за да овозможиме и Голо Брдо и Гора да го повратат статусот на посебни Македонски Општини. Од 2015 година Македонците од овие региони се оставени на милост и немилост. Затоа, логично е Македонците преку локална власт самите да управуваат со овие општини, каде всушност се и мнозинство, по примерот на Пустец. – стои во честитката потпишано од претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.
Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај му ја врачи почесната награда “Илинден” на д-р Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија
Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, на 14.02.2020 година оствари средба со поранешниот Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во неговиот Кабинет и лично му ја врачи почесната награда ”Илинден”. “Огромна чест ми беше повторно да се сретнам со д-р Ѓорге Иванов, поранешен Претседател на Република Македонија, и лично да му ја предадам наградата. Му посакав добро здрвје и успешно продолжување на неговата мисија”, рече Ѓургај.
Претседателот Иванов ги поздрави сите заложби, посветеноста и ангажманот на македонското друштво “Илинден”-Тирана во насока на унапредување на позицијата и правата на Македонско национално малциство во Албанија, додека г. Ѓурѓај искажа благодарност за односот и заземањето на Претседателот Иванов за Македонците во Албанија за време на неговите два мандати, за што и со посебно задоволство ја врачи наградата. Никола Ѓургај изрази надеж дека таа соработка и релации ќе продолжат и во иднина со Иванов како поранешен претседател, кој има добри релации со поранешните претседатели на Албанија, и дека секоја негова заложба за Македонско национално малциство во Албанија е добредојдена и високо ценета.
На срдечниот разговор искажан е заеднички став за унапредување на соработката меѓу македонското друштво “Илинден”-Тирана и поранешниот Претседател Иванов, а во таа насока, беше потврдена и идната соработка во рамки на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов. Наградата “Илинден” е воведена по повод јубилејот 10 години постоење на друштвото. Се доделува на личности кои дале посебен придонес за животот, историјата, културата и зачувувањето на автентичните традиции на Македонците во Република Албнија.
