News

Македонското друштво “Илинден”-Тирана издаде фото албум на кој се претставени народни носии на Македонците во Албанија

Македонското друштво “Илинден”-Тирана издаде фото албум на кој се претставени народни носии на Македонците во Албанија. Автор на албумот е првиот човек на друштвото Никола Ѓурѓај, тоа е реализирано со поддршка на албанскиот владин комитет за национални малцинства.

За мене, друштвото и за сите Македонци ова е многу значајно нешто, со кое трајно останува вистината за нашата традиционална македонска носија и нашето вековно постоење во многу делови на Албанија. Исто така се дава можност  со нашата преубава носија да се запознаат и другите.

Има фотографии од областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, селата Крчишта и Ербеле, област Поле, округ Пешкопеја, додаде тој. Во албумот се поставени 12 фотографија и кај секоја од нив  на македонски и албански јазик стои кусо објаснување за носијата.

Промоцијата на фото албумот ” Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“ ќе биде на 14 идниот месец од 18 до 19 часот во павилјонот „Реја“, пред Национална галерија во центарот на Тирана, каде се одржуваа многу културни настани. Влезот е бесплатен а може да присуствуваат сите заинтересирани, нагласи за Македонски весник “Илинден” авторот Ѓурѓај. Испечатени се 300 примероци во печатницата “Абази” во Тирана.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги осудува обидите на европратеникот Ковачев за преставување на Македонците во областа Гора како Бугари

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува произволните и крајно навредливи изјави во однос на населението во Гора како бугарско. Имено, во својство на европратеник, при неговата посета на Република Албанија на 23. 06. 2023 година, Ковачев објави дека се сретнал со бугарска заедници во регионот Гора“.

Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонското национално малцинство во Република Албанија. Ветува бугарски пасоши по кратка постапка, подмитува изроди од македонското ткиво кои работат во правец на бугарско асимилирање на Македонците итн.

Фактот дека ефектот од сите тие фрлени средства за денационализација на Македонците во Република  Албанија досега не го донесе посакуваниот ефект, секако ги алармира сите сили во правец на насилно побугарување на Македонците во Албанија, а особено во областа  Гора. Секако, најавената посета на Андреј Ковачев треба да биде дополнителен притисок врз населението во Гора за негово побугарување, бидејќи тој ја има во свои раце моќта да лаже и замајува во својство на европратеник.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува жалење што највисоките личности на албанската држава дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените во однос на евроинтеграциите на Република  Албанија, политичкиот врв на нашата држава ја плаќа со нашата национална припадност и нашето национално достоинство како Македонци.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги повикува европските институции, кои тврдат дека се темелат на демократското однесување во однос на основните човекови права, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари, но и европратеници во однос на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Досегашното нереагирање на европските институции кон бугарските, крајно дрски и насилнички атаци врз Македонците во Република Албанија, за нас, како македонско национално малцинство значи дека европскиот дом е дом на насилници кои со силата на моќта смеат да го газат и тероризираат кој сакаат народ на Балканот, во Европа и во светот. Посакуваме, Европската Унија да ги заузда насилниците од Бугарија.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана со свој преставниц во рамки на проектот “Иднината е во потеклото”

Преставници на Македонско друштво “Илинден”-Тирана учествуваше на активност во рамки на проектот „Иднината е во потеклото”, поддржан од Комитетот за национални малцинства при владата на Република Албанија. На настанот организиран од припадниците на грчкото малцинство, кој се одржа на фармата Фустанела-Петрела, претставниците на малцинствата се претставија со традиционална храна и носии.

Македонското национално малциство се претстави со Македонско друштво “Сонце” се престави со традиционалната храна  од областа Мала Преспа,  тава со крап и со традиционалните носии од Мала Преспа“.

Присутните покажаа забележлив интерес за македонскиот штанд, а добар дел од нив вкусија од храната. На активноста учествуваа и дипломати од дипломатскиот кор и претставници од централната и локалната власт.

Претседателката на Комитетот, Константина Бежани, ги поздрави присутните и вети продолжување на поддршка за активности на малцинствата, во зачувување на нивниот етнички, јазичен, културен идентитет.

На настанот присуствуваше Васил Стерјовски, Претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, вториот човек во Македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, кој ги поздрави присутните, Марјана Костофски, претставник на Македонското национално малциство во Комитетот за национални малцинства, и Васил Јанкула, попознат како преспанскиот херој.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана достави барање до Факултетот за странски јазици во Тирана за реактивирање на лекторатот по македонски јазик

Македонското друштво “Илинден”-Тирана продолжува со иницијативата што ја започна за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана. Денеска доставивме официјално барање до професор доктор Есмералда Кромида, деканка на Факултетот за странски јазици за реактивирање на лекторатот, кој функционираше до пред десеттина години.

Меѓу другото во барањето го нагласуваме големо значење за македонското национално малцинство во Република Албанија и во исто време е корисно за албанското општество да се запознае со македонскиот јазик, литература и култура, изјави за Македонски весник “Илинден”, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Исто така во документот стои дека  друштвото на 28 ноември минатата  година испратило барање до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје како и до Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и директорката, Проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска за поддршка и оти веќе е добиен позитивен одговор.

Наведуваме дека Македонското друштво “Илинден“-Тирана е регистрирано на 6 февруари 2009 година во Судот во Тирана. Дека  неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија како и зачувување на јазикот и образованието на македонски мајчин јазик. Искрено се надеваме на позитивен одговор, вели тој.

Според него постои огромен интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница.

Постои интерес и од страна на огромен број студенти што студираат на овој факултет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но битно е да се подвлече дека овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина, нагласува Ѓурѓај.

Претседателот на македонското друштво “Илинден“- Тирана, Никола Ѓурѓај освари работна средба со Претставничката на македонското национално малцинство во Комитетот за национални малцинства во, Марјана Фелах

Претседателот на македонското друштво “Илинден“-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај денска освари работна средба со Претставничката на македонското национално малцинство во Комитетот за национални малцинства во Република Албанија, Марјана Фелах. На средбата се разговараше за различни прашања поврзани со македонското национално малцинство во Република Албанија, како и за можна соработка во рамките на заштитата на правата и зачувувањето на идентитетот на македонското национално малцинство во Република Албанија. Ѓурѓај, кој е и главен и одговорен уредник на весникот “Илинден”, на Фелат и предал пет примероци од последното издание на весникот. Комитетот за национални малцинства е владина институција во која свој претставник имаат признатите малцинства во Република  Албанија со Законот за малцинства. Претседател на Комитетот е  Константина Бежани, претставничка на грчкото малцинство.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана потпиша Меморандум за соработка со Централниот совет на Македонците во Германија

Македонско друштво “Илинден“-Тирана од Република Албанија преставувано од претседателот г-дин Никола Ѓурѓај, потпишаа Меморандум за соработка со Централниот совет на Македонците во Германија од Сојузна Република Германија преставувано од претседателот г-дин Роберт Кленкоски, со цел промоција на македонските национални, традиционални и историски вредности (македонска култура, македонски јазик, традиции, фолклор) на национално и меѓународно ниво.

Двете Здруженија покажаа интерес за градење на партнерство во спроведување на конкретни проектни активности со намера да ги реализираат заедничките цели преку взаемни проекти. Нивна цел ќе биде да спроведуваат истражувања, креирање, развој и промоција на Македонската култура, размена на деца и младинци како учесници во разни манифестации, како и промовирање и поддршка на научни, културно-уметнички, спортски и хуманитарни активности и манифестации.

Нова Македонија: Репортажа за иницијативата на македонското друштво “Илинден“-Тирана за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана

Иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десет години, почна во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен. Несомнено постои огромен интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница, која е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија. Постои интерес и од страна на огромен број студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но битно е да се подвлече дека овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.

Се засилуваат активностите за отворање лекторат по македонски јазик во Тирана

Иницијативата на македонското друштво „Илинден“-Тирана добива нови чекори за повторно да се отвори Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, односно Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ, и веќе се забрзува со сигурни чекори. Интерес, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да биде централна точка на натамошната соработка и на развивањето на врските меѓу двете академски заедници – македонската и албанската.

Минатата недела во Тирана, Република Албанија, се одржа состанок меѓу проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорката на МСМЈЛК при УКИМ, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рир, како и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. На спомената средба беше дискутирано за перспективите на македонистиката, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана.

Иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десет години, почна во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Тогаш, по средбата меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, беше нагласено дека овој лекторат би придонел не само за присуството на македонистиката во албанската академска средина туку и за содејство во развојот и на македонската и на албанската филологија, затоа што со добри познавачи на двата јазика во двете земји ќе може да се остварат и заеднички чекори во унапредувањето на балканистиката.

Но мора да се има предвид дека за да се оствари секоја ваква иницијатива, неопходно е да има интерес и желба и подготвеност за соработка и од универзитетот, односно факултетот на кој треба да функционира лекторатот. Оттука, клучно е што по заложбите изминатиот период, оваа иницијатива ја прифатија и колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици, затоа што без тоа, објективно, целосното остварување на иницијативата би било невозможно или многу потешко остварливо. Се надевам дека со овој работен состанок, заеднички започнавме едно важно и убаво поглавје на развојот на македонистиката и во Албанија, кое посакуваме да биде пример и за другите иницијативи за присуство на македонистиката на странски универзитети за кои се залагаме, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, по работниот состанок.

Според неа, уште поважно е што на состанокот, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со заемна подготвеност не само за повторно почнување настава по македонски јазик туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што може да резултира со брз развој на лекторатот.
На состанокот е констатирано дека е потребно да се овозможи македонскиот јазик во Тирана да биде изучуван од сите тамошни студенти што одлучиле или ќе одлучат да се посветат на изучувањето на словенските или балканските јазици и на почетокот наставата да се одвива во два, па потоа и во четири семестри. Ама и да не се запре тука, туку понатаму да се продолжи и со предметни програми за македонска литература и култура и со заеднички вложувања постепено да се создаваат услови на факултетот да има и посебен студиум по македонистика.

Македонското друштво „Илинден“-Tирана уште од формирањето се залага за континуирана работа на лекторат по македонски јазик, но и за реализирање на дамнешната идеја за лекторатот да прерасне во катедра по македонски јазик. Наместо тоа, за жал, лекторатот беше затворен пред десет години, така што во моментов го нема ниту тој начин за образование на заинтересираните Македонци од Албанија. Според реакциите што стигнуваат до нашето друштво, лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен, не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонското национално малцинство. Како што е познато, македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата во Република Албанија и нејзиниот интерес да го изучува македонскиот јазик е несомнен. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина. Со ваквиот наш став, како македонско друштво „Илинден“ – Тирана се обративме до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во нашиот допис од 28.11.2022 година, покрај другото, доставивме и официјално барање за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана.

Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана веќе е повеќе од потребен. Не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница, која е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија туку и за да се овозможи сите студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Како македонско друштво „Илинден“-Тирана ѝ се заблагодаруваме на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која изрази подготвеност и решеност за остварување на барањето од голем интерес за македонското национално малцинство во Република Албанија. За жал, на Универзитетот во Тирана воопшто не се изучува македонистиката, додека со работата на лекторатот би се отвориле перспективи за заеднички научноистражувачки проекти, но и за нови активности во областа на културата што ќе овозможат нови перспективи меѓу двата народа, рече Никола Ѓурѓај.

Додека живее македонскиот јазик во соседството, дотогаш ќе живее и македонското малцинство таму

Честитка по повод Свети Кирил и Методиј од Македонско друштво “Илинден“-Тирана

По повод 24 Мај, Денот на словенските просветители Светите Кирил и Методиј, македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до Поглаварот на МПЦ- ОА, архиепископот г.г.Стефан и до сите Македонци каде и да се.

Дозволете ми во мое лично име, во име на друштвото и на сите Македонци во Албанија, Вам лично, на Вашето свештенство и на сите православни верници, да ви го честитам 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј, стои во честитката. Се додава дека со празнувањето им се оддава почит на светите браќа од Солун, Кирил и Методиј, како основоположници на словенската писменост и литература, основачи на првата словенска азбука – глаголица, заслужни за културниот развој како на македонскиот народ, така и на сите словенски народи.

Нивниот огромен придонес во битката против заборавот и незнаењето е од непроценлива вредност, бидејќи само пишаниот збор е тоа што останува и преку кој се пренесува знаењето и мудроста на човекот. Делото на Светите Кирил и Методиј живеело со векови,живее и ќе живее за навек. Нека ни е честит денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, се наведува во честитката на Македонско друштво “Илинден”-Тирана.

Иницијативата на Македонскотo друштво “Илинден”-Тирана добива нови чекори за повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик во Тирана

Иницијативата на Македонскоto друштво “Илинден”-Тирана добива нови чекори за повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), веќе се забрзува, со сигурни чекори. Интерес, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија, сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да е централна точка на натамошната соработка и на развивањето на врските меѓу двете академски заедници – македонската и албанската. Заложбите постануваат взаемни и се засилуваат, што е клучно за иницијативата да се оствари до крај.

На 19 мај оваа година, во Тирана се одржа работен состанок на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги има остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.

Македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонитиката – ова е наша цел и определба за чиешто остварување секојдневно работиме. Затоа, имајќи го предвид забележливиот интерес за македонистиката и во Албанија, каде македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата и каде преку Македонско друштвото “Илинден“-Тирана беше истакната потребата од факултетска настава по македонистика, изминатиов период толку силно се залагаме иницијативата за повторно отворање на Лекторатот да се оствари, со цел да се овозможи студентите кои студираат јазици на Универзитет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик.

Но, мора да се има предвид дека за да се оствари секоја ваква иницијатива, неопходно е да има интерес и желба и подготвеност за соработка и од Универзитетот, односно Факултетот на кој треба да функционира лекторатот. Оттука, клучно е што по заложбите изминатиот период, оваа иницијатива ја прифааат и колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици, затоа што без тоа, објективно, целосното остварување на иницијативата би било невозможно или многу потешко остварливо. Се надевам дека со овој работен состанок, заеднички започнавме едно важно и убаво поглавје на развојот на македонистиката и во Албанија, кое посакуваме да биде пример и за другите иницијативи за присуство на македонистиката на странски универзитети за кои се залагаме, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, по работниот состанок. 

Според неа, уште поважно е што на состанокот, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што како што напоменува, може да резултира со брз развој на Лекторатот.

На состанокот е констатирано дека е потребно да се овозможи македонскиот јазик, во Тирана да го изучуваат сите тамошни студенти кои одлучиле или ќе одлучат да се посветат на изучувањето на словенските или балканските јазици и на почетокот, наставата да се одвива во два, па потоа и во четири семестри. Ама и да не се запре тука, туку понатаму да се продолжи и со предметни програми за македонска литература и култура и со заеднички вложувања постепено да се создаваат услови на Факултетот да има и посебен студиум по македонистика.

Откако веќе цврсто си подадовме рака за соработка со колегите од Тирана, со решеност и таму да се развива македонистиката и откако активностите веќе имаат поддршка и од нашата амбасада со цел Лекторатот да биде средиште на афирмацијата на македонистиката во тамошната академска средина, веќе се остварени клучните предуслови за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана. По добивањето одговор на барањето упатено од УКИМ до надлежните македонски институции, кој искрено верувам дека ќе биде позитивен за да може да се избере и испрати лектор, Лекторатот ќе може да почне да функционира, со настава по македонски јазик за сите заинтересирани студенти, истакнува Мојсова-Чепишевска. 

По одржаниот состанок, на Факултетот за странски јазици во Тирана му беа подарени повеќе изданија на МСМЈЛК при УКИМ – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе ќе почне да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот.

Инаку, иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десеттина години,  се покрена во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и Македонското друштво “Илинден“ од Тирана. Како што беше напоменато и тогаш, по работната средба меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на Друштвото, Никола Ѓурѓај, овој лекторат би придонел не само за присуството на македонистиката во албанската академска средина, туку и за содејство во развојот и на македонската и на албанската филологија, затоа што со добри познавачи на двата јазика во двете земји ќе може да се остварат и заеднички чекори во унапредувањето на балканистиката.

Едновремено, како што беше напоменато од страна на сите присутни, и од албанската страна, претставени преку деканката и продеканката на Факултетот за странски јазици, проф. д-р Есмералда Кромида и проф. д-р Дрита Рира, и од македонската страна, од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, со работата на Лекторатот би се отвориле перспективи и за заеднички научноистражувачки проекти на двата универзита, но и за нови активности во областа на образованието и културата кои ќе овозможат нови синтези меѓу двата народа.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана осум години рамноправен член на Федералната унија на европските националности

Македонско друштво “Илинден“-Тирана, пред осум години беше примено во Федералната унија на европските националности (ФУЕН) највисоката малцинска организација во Европа. Македонско друштво “Илинден”-Тирана стана рамноправен член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) во конгресот што се одржа на 15.05.2015 година во Комотини, во Република Грција, во организија на Федерацијата на западно тракиски Турци во Европа, Здружение на дипломирани студенти на Западна Тракија и Партијата за пријателство, еднаквост, мир.

Од тогаш до денес, Македонско друштво “Илинден”-Тирана дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија. Континуирано работи на заштитата на етничкиот, јазичниот, културниот идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Покрај тоа, Македонско друштво “Илинден”-Тирана редовно учествуваше во овие осум години на сите конгреси на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). На сите конгреси, Македонско друштво “Илинден”-Тирана поднесуваше резолуци чија содржина и намера беше подобрување на животот на Македонците во Република Албанија и сите беа освоени од страна на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Истите се пратени до сите државните инситуци на Република Албанија и меѓународни институции кои се поврзани со малцинствата. Овие резолуции придонесуваат за подобрување на положбата на Македонците во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана во функција на рамноправен член во Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и како дел од Работната група на словенските малцинства во Европа при Федералната унија на европските националности (ФУЕН), активно го покренува прашањето за Македонците во Република Албанија на меѓунаротната сцена. Македонското друштво “Илинден“-Тирана во ова прилика упатува искрена благодарност до раковоството на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) за соработката и разбирањето покажано за интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Истовремено упатуваме искрена благодарност до Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада со Претседател г-дин Бил Николов кое помага на Македонското друштво “Илинден“-Тирана да плати годишната чланарина и да е рамноправен член во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Посакувам да ни се множат јубилеите и пријателствата со сите народи и малцинства во Европа“, посака Никола Ѓурѓај, Претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана.