Македонското друштво “Илинден”-Тирана достави барање до Факултетот за странски јазици во Тирана за реактивирање на лекторатот по македонски јазик

Македонското друштво “Илинден”-Тирана продолжува со иницијативата што ја започна за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана. Денеска доставивме официјално барање до професор доктор Есмералда Кромида, деканка на Факултетот за странски јазици за реактивирање на лекторатот, кој функционираше до пред десеттина години.

Меѓу другото во барањето го нагласуваме големо значење за македонското национално малцинство во Република Албанија и во исто време е корисно за албанското општество да се запознае со македонскиот јазик, литература и култура, изјави за Македонски весник “Илинден”, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Исто така во документот стои дека  друштвото на 28 ноември минатата  година испратило барање до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје како и до Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и директорката, Проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска за поддршка и оти веќе е добиен позитивен одговор.

Наведуваме дека Македонското друштво “Илинден“-Тирана е регистрирано на 6 февруари 2009 година во Судот во Тирана. Дека  неговата мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија како и зачувување на јазикот и образованието на македонски мајчин јазик. Искрено се надеваме на позитивен одговор, вели тој.

Според него постои огромен интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница.

Постои интерес и од страна на огромен број студенти што студираат на овој факултет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но битно е да се подвлече дека овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина, нагласува Ѓурѓај.