Македонското друштво „Илинден“-Тирана е изненадено од фабрикуваните информации во емисијата „Села на Албанија“
На телевизијата “Топ ченел” на 8 мај 2021 година беше емитувана една емисија за селото Горно Крчиште. После објавувањето на оваа емисија за селото Горно Крчиште кое се наоѓа близу Маќеларе. Македонското друштво „Илинден“-Тирана реагира на фабрикуваните информации во емисијата „Села на Албанија“ од Илниса Аголи. Имено, во емисијата беше изнесена историска невистина дека во Горно Крчиште живееле Власи, при тоа искривувајќи ја вистината дека Македонците се оние кои живееле, учеле, граделе цркви во ова село. Фабрикувани се и податоците во однос на именувањето на црквите и нивното минато.
Истото се однесува и на намерното одбегнување на натписите на гробиштата, каде ќе беше јасно дека станува збор за македонски имиња и презимиња. Во оваа прилика сакаме да се осврнеме на оригиналната документација која се однесува на селото Горно Крчиште, а која авторите задолжително би требало да ја имаат предвид. Освен, ако нивната намера не била да ја лажираат историјата и вистината. А во име на вистината ние ќе посочиме еден оригинален документ од бројната документација за ова село.
Смрт на фашизмот
Слобода на народот
Народна Република Албанија
Министерство за образование
Протокол бр. 92/13
Тирана, 11.02.1946 година
Предмет: Отворање на училиште на македонски јазик во Крчиште бр. 316 од 28.01.1946 година
Комитетот во округот Пешкопеја, секција за образование
Земено е предвид барањето на селаните од село Горно Крчиште за отворање на училиште на македонски јазик. Во училиштето ќе се учи на само македонски до трето одделение, а во погорните класови ќе се држат и три часови албански јазик . Училиштето ќе функционира според законите во Албанија.
Министер за образование
Проф. Кoстаќ Ципо

Доколку авторите на емисијата не се потрудиле да најдат барем еден документ за историјатот на селото Горно Крчиште, во маќеларската околија, во Албанија, сигурно требаше да знаат дека секоја година во првата сабота после Спасов ден, Македонците се собираат во селото на заедничка средба веќе 10-тина години. Од нивно име, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ги кани сите заинтересирани да ги чујат историјатот и вистината за селата Горно Крчиште да им се придружат на Македонците на годишната средба во црквата Св. Димитрија во с. Горно Крчиште. Македонското друштво „Илинден“-Тирана е непријатно изненадено од квазиинформациите што во оваа емисија му беа сервирани на албанските гледачи, со што новинарската професија во Албанија е претставена како дилетантска и недостојна за почит.