Македонско друштво “Илинден”-Тирана го поддржува кандидатот за пратеник Васил Стерјовски

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја поддржува кандидатурата на Васил Стерјовски и партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на парламентарните избори што ќе се одржат на 25 април 2021 година во Република Албанија. Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) е во коалиција со Социјалистичката партија на Албанија (СП). Според договорот за коалиција меѓу МАЕИ и СП, кандидат за пратеник во списокот на СП во регионот Корча е Васил Стерјовски. Македонското друштво „Илинден“ смета дека за доброто на сите Македонци во Албанија треба да го продолжат своето присуство во албанскиот Парламент со свој достоен и достоинствен претставник, како што е м-р Васил Стерјовски. Коалицијата МАЕИ и СП ќе овозможи интеграција на Македонците во владините институции, засилен и брз економски развој на областите каде што живеат Македонци во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник и цела Албанија, како и заштита на македонските јазик, култура и обичаи. Со досегашното присуство во албанскиот Парламент, м-р Васил Стерјовски покажа и докажа дека малцинските права најдобро може да ги одбрани човек кој потекнува од средината на тоа малцинство. Со досегашното присуство, иако во скратен мандат, Васил Стерјовски покажа дека македонското малцинство има достоен претставник на политичката сцена во Албанија, кој сесрдно се залага за правата и добробитта на македонското национално малцинство во Албанија. Поради тоа, Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува сите Македонци во Мала Преспа, Корча, Поградец, Девол и целиот регион на Корча, да излезат масовно и да гласаат за Васил Стерјовски број 12 и СП број 12 на парламентарните избори со цел да имаат свој достоинствен пратеник во Парламентот на Република Албанија.