Десет години постоење на македонскиот весник „Илинден“

Пред точно десет години, на 1. март 2011 година како двоброј  (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден“ како гласило на македонското друштво „Илинден“- Тирана. Изминативе десет години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот.

Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на редакцијата од „Илинден“ како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во десетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем и поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија.

Македонскиот весник „Илинден” досега има испечатено 45 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com

На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност: за сите Македонци во Албанија, регионот и цел свет. Истата година, од септември 2017 македонскиот весник „Илинден“е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk

Мисијата на нашиот весник и понатаму останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот.

Редакцијата на „Илинден” ја користи оваа прилика да им се заблагодари на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Од тогаш до денес, весникот „Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија.

Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот покажа дека тој навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Република Албанија и го приближи македонскиот литературен јазик за нивна комуникација, изразување и творење.

Да нѝ се множат јубилеите и понатаму.

Со почит,

Никола Ѓурѓај

Главен и одговорен уредник на македонскиот весник „Илинден“