Македонско друштво “Илинден”-Тирана учестуваше на XX-тиот ФУЕН семинар на словенските малцинствата

 

Од 22.06. до 25.06.2017 година во Бауцен,Германија се одржа XX-тиот ФУЕН семинар на словенските малцинствата од Европа. Организатор на оваа средба беше Унијата на европските националности (ФУЕН) во соработка со Домовина Федерација на Лужичките Срби во Германија, која е исто така членка на Унијата на европските националности (ФУЕН). Покрај другите, во работа на семинарот учестуваше и претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај. Македонското друштво “Илинден“-Тирана како членка на ФУЕН, истовремено е и дел на работната група на словенските малцинства во ФУЕН. На овој семинар од страна на претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана Никола Ѓурѓај беше презентиран материјал на тема “Положбата на Македонците во Албанија и положбата на Македонско друштво “Илинден“-Тирана. Според предизвиканиот интерес кај присутните, можеше да се заклучи дека ваква презентација беше за прв пат видена во работната група на словенски малцинства во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Тоа значеше и сериозно анимирање на учесниците на семинарот за состојбата на Македонците во Албанија. Освен тоа, претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај за време на семинарот оствари средби со Винцзе Лорант, претседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), потоа со Давид Статник, претседател на Домовина – федерација на Лужички Срби, Германија. Својата работна агенда ја продолжи со разговорот со Тања Новотин Галубич, заменик-градоначалник во Бјеловарска – Билогорска Жупанија од редовите на чешкото малциство во Хрватска. Исто така, имаше средба и со Бернхард Зиец, потпретседател на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), и дел од бордот на Домовина, Федерација на Лужичките Срби во Германија и со Рејска Липичец од Федерација на Лужичките Сорби во Германија и пројект менаџер на Федералната унија на европските националности (ФУЕН).

 

www.ilinden-tirana.com