Ознака: <span>Тирана</span>

Поздравен говор на Никола Ѓурѓај претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана на 29-тиот Семинар на словенските малцинства во Европа

Mirëmbrëma, Добровечер!

Добредојдовте во Тирана, Република Албанија!

Почитувани гости,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Почитувани присутни,

Денес имаме чест и особено задоволство да го отвориме 29-тиот семинар на АГСМ (Работна група на словенските малцинства), кој се одржува тука во Тирана, во организација на ФУЕН, а во тесна соработка со Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана пред точно 11 години испиша историја, станувајќи првото здружение од Република Албанија кое стана рамноправен член на ФУЕН. Затоа, ова е навистина значаен и голем ден за Република Албанија, за македонското национално малцинство, но и за самото друштво „Илинден“.

За првпат во Тирана се собрани претставници на 20 организации, со вкупно 40 делегати кои доаѓаат од 11 различни држави: Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка. Вашиот престој тука е доказ дека мостовите на соработка не познаваат граници.

Македонското национално малцинство во Република Албанија е едно од најстарите малцинства на овие простори. Тоа е автохтоно население кое со векови опстојува и живее во околу 50 села долж албанско-македонската граница, во областите Голо Брдо, Преспа, Гора, во селото Врник, областа Поле, како и во поголемите урбани центри како Тирана, Драч, Елбасан, Поградец, Корча и Кукс. Македонците во Албанија отсекогаш биле мирољубиви, лојални граѓани, луѓе кои активно и со висок интегритет придонесувале и придонесуваат во сите сфери на албанското општество.

Овој семинар e силен потсетник дека различностите се нашето најголемо богатство. Во свет кој брзо се менува, нашиот глас, нашата култура и нашиот идентитет зависат токму од ваквите платформи каде што учиме едни од други, се поддржуваме и заеднички чекориме кон европските вредности на меѓусебно почитување. Размената на искуства на овој 29-ти семинар сигурно ќе ни даде нова енергија и нови идеи за идни проекти.

Искрено се радувам што денес сме собрани во волкав број на овој значаен настан. Мојата желба е ваквите средби да станат уште почести во иднина, бидејќи само преку заедничка посветеност и цврста соработка ќе успееме да ги зачуваме од заборав скапоцените вредности, традицијата, јазикот и културното наследство на Македонците во Република Албанија.

Истовремено, во името на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, упатувам искрена и длабока благодарност до ФУЕН и АГСМ за нивната континуирана, несебична поддршка низ годините.

Ви посакувам успешна работа на семинарот, пријатен престој во прекрасната Тирана и незаборавни дружби!

Ви благодарам на вниманието!

Во Тирана започна 29-тиот Семинар на Работна група на словенските малцинства во Европа во организација на ФУЕН и Македонско друштво “Илинден“-Тирана

Во Тирана започна 29-тиот Семинар на Работна група на словенските малцинства во Европа во организација на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) во соработка со Македонско друштво “Илинден“-Тирана.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана, за прв пат во Тирана e организатор на Семинарot на словенските малциства во Европа со учесници од 20 организации, 40 преставници. Посебна чест претставува да се биде домаќин на пријатели и соработници од 11 држави: Албанија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Естонија, Украина, Унгарија, Србија, Италија и Словачка.

На свечено отворање се обрати, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден“-Тирана и д-р Хартмут Лајпнер, Претседател на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) и потпреседател на Федералната унија на европски националности (ФУЕН).

Потоа, работата продолжи со тематски презентациски панел „Положбата на македонското национално малцинство во Република Албанија“ и изложба на тема „Образование на мајчин македонски јазик во Република Албанија“.

Овогодинешниот Семинар се фокусира на состојбата на македонско национално малцинство во Република Албанија, се одржува од денска до 7 јуни во Тирана, Република Албанија.

На семинарот учествуваат, д-р Хартмут Лајпнер, Претседател на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) и потпреседател на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), г-ѓа Гента Тафа (Бунго) – Комесар за заштита од дискриминација во Албанија, г-ѓа Етлева Будини, пратеник во албанскиот парламент за округот Драч, г-дин Незир Меча, потпреседател на Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана, м-р Естела Карамешиноска, секретар на Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана, Атанас Плоча, заменик градоначалник на општина Пустец, проф.д-р. Кимет Фетаху, почесен претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција, г-дин Дејан Чулафиќ, предавач на Универзитетот „Луиѓ Гуракуќи“ Скадар, г-ѓа Ентела Бињаку, директорка на „Хариет Мартино“, од влашкото малцинство во Албанија, Ервин Никола, новинар, преставник на македонското малцинство во Албанија.

Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана од 16 мај 2015 година е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) и Работната група на словенски малцинства (АГСМ).