Ознака: <span>Општина Гора</span>

Македонско друштво “Илинден”-Тирана достави барање до претседателката на албанскиот парламент за формирање две македонски општини, Голо Брдо и Гора

Македонското друштво “Илинден”-Тирана достави барање до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола, и до комисија „За административно-територијална реформа во Република Албанија“ со кое од име на Македонците се бара формирање две општини Голо Брдо и Гора. Ова поради фактот што во тек е расправа на специјалната комисија за територијална поделба а барањето е врз основа на “Законот за заштита на националните малцинства во Албанија”. Според претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај во образложението на барањето се наведени “основани причини за ова легитимно барање на Македонците од двете области”. По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, областите Голо Брдо и Гора, каде живее македонско население останаа неразвиени. Исто така Македонците не се застапени во локалната власт. Во 2014 година, владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, во областа Голо Брдо и ги припои, првите две во општина Булќиза а општина Стеблево во општина Либражд. Општините Шиштавец и Запот во областа Гора, пак, по укинувањето се припоени кон општина Кукс, стои во образложението, информираше Ѓурѓај. Наведуваме, додава тој, дека со формирање на областите во две општини ќе се придонесе во зачувувањето на македонскиот идентитет и побрз економски развој. Со формирањето на општините Голо Брдо и Гора ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Воедно ќе ја зајакне економијата на жителите и ќе овозможи развој на областите, кои се најнеразвиени во државата, посочува тој. Исто така, нагласува тој, ја информираме претседателката на парламентот, дека и со резолуциите, предложени од друштвото а изгласани од Федералната унија на европските националности, ФУЕН, се поддржува формирање на споменатите две општини. Изразувајќи ја највисоката почит кон Вас и Собранието на Република Албанија, чиј прв човек сте, преку овој допис, бараме Специјалната комисија за територијална административна реформа во Република Албанија да го поддржи формирањето на општина Голо Брдо и Гора, стои во барањето. Се наведува дека Македонското друштво “Илинден“-Тирана е регистрирано на 06.02.2009 година во регистарот на Судскиот округ Тирана чија мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското малцинство во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо бара да се форимираат општина Голо Брдо и Гора помина осум години од териториалната поделба и нема просперитет за регионите Голо Брдо и Гора

После осум години од реформата на територијалната организација на локалната самоуправа, областите Голо Брдо и Гора каде што живеат Македонци, останаа неразвиени, а услугите од државната администрација и локалната самоуправа отежнати. Во 2014 година Владата бројот на општините од 385 го намали на 61, иако опозицијата тогаш бараше нивниот број да изнесува најмалку 80! Во 2014 година Владата ги укина и општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон општина Булќиза, како и општините Шиштевац и Запот во областа Гора кои сега се приклучени кон општина Кукс. Единствена македонска општина во Албанија остана општина Пустец во областа Мала Преспа. И покрај барањата на Македонската заедница во 2014 година, Владата не ги удоволи нивните барања за формирање на општините Голо Брдо и Гора! Македонците во областите Голо Брдо и Гора, укинувањето на македонските општини го сметаат за чекор назад во почитувањето на малцинските права во Албанија. Македонското друштво “Илинден”-Тирана и Македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо повторно го актуелизираат барањето од пред 2014 година, Владата да предложат изменување и дополнување на Законот за општините со формирање на две општини: општина Голо Брдо и општина Гора. Македонското друштво “Илинден”-Тирана и Македонското друштво “Илинден”-Огранок Голо Брдо сметаат дека градоначалниците не треба да бидат именувани од Владата туку избрани на избори од граѓаните, заради нивната доверба во системот и непосредно решавање на локалните комунални проблеми.