Ознака: <span>Дијалогот Шлезвиг-Холштајн за зајакнување на социјалната кохезија и заштита на правата на малцинствата во Западен Балкан</span>

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учествуваше на Дијалогот Шлезвиг-Холштајн за зајакнување на социјалната кохезија и заштита на правата на малцинствата во Западен Балкан

Во Академскиот центар Занкелмарк (Akademiezentrum Sankelmark), во Оеверзе, Сојузна Република Германија, од 1 до 4 ноември 2026 година се одржа Дијалогот Шлезвиг-Холштајн – Западен Балкан, посветен на зајакнувањето на социјалната кохезија, инклузивното управување и заштитата на правата на националните малцинства.

На настанот учествуваа високи претставници од Германија, Данска и земјите од Западен Балкан, меѓу кои Албанија, Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Главните теми на дијалогот беа размената на искуства, споделувањето добри практики и унапредувањето на меѓународната соработка во заштитата на правата на малцинствата.

Единствен претставник од Република Албанија беше Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и претставник на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Неговото учество претставуваше значајна можност за меѓународна афирмација на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и за претставување на неговите интереси и перспективи во разговорите за еднаквост, меѓуетнички дијалог и социјална кохезија.

Фото: Македонски весник “Илинден”

Меѓу високите учесници беа Беким Сали, прв заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на Република Македонија; Агон Ферати, министер за односи меѓу заедниците на Република Македонија; Дирк Шредтер, шеф на Државната канцеларија и министер за дигитализација на Шлезвиг-Холштајн; Јоханес Калсен, комесар за национални малцинства на Шлезвиг-Холштајн; Ненад Рашиќ, министер за заедници и враќање на Република Косово и Елберт Красниќи, министер за администрација на локалната самоуправа на Република Косово.

Во текот на дијалогот беа презентирани успешни практики од регионот, меѓу кои основањето канцеларија на комесар за национални малцинства во Бијелина, Босна и Херцеговина, како и воспоставувањето платформа за дијалог меѓу Општина Тетово и ромските организации.

Дијалогот Шлезвиг-Холштајн – Западен Балкан беше организиран во соработка со Мрежата за компетенции за малцинствата на Шлезвиг-Холштајн и Јужна Данска (MKN), која се спроведува од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), со поддршка од Покраината Шлезвиг-Холштајн (Schleswig-Holstein).