Ознака: <span>2020</span>

Реакција на Македонското друштво „Илинден“-Тирана за неоснованите тврдења на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча

Дниве, од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча беше испратена реакција на ставот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во однос на тоа дека во Албанија немало и нема Бугари. Македонското друштво „Илинден“-Тирана своите ставови и објави ги потпишува со името и презимето на претседателот, за да се знае дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана има и претседател, раководство и членство претставувано од претседателот.

А претседателот на  Македонското друштво „Илинден“-Тирана е Македонец, роден во Тирана со предци кои потекнуваат од Голо Брдо. И затоа не се срами, како Македонец да се потпише на реакцијта на членството на Друштвото што го претставува. За разлика од тоа, реакцијата на  Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча нема потпис, ниту име на претседател, ниту заменик. Па, прашањето кое реално се наметнува кои се тие Бугари во Албанија кои се срамат да си го пишат името како Бугари?

Или, дволичноста повеќе се исплати. Кога зборуваат со претставници од Македонија земаат пари од македонската држава, а кога им се „гости“ Бугарите земаат „донации“ од Бугарите? И кога Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча толку жестоко застанаа зад бугарштината во Албанија и реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во врска со Бугарите во Албанија, убаво е да се знае дека тоа Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча има свое раководство во кое има и секретар, со име и презиме Јани Никола.

Според јавно достапните информации, објавени лично од г-динот Јани Никола не само што е секретар на бугаро-албанското друштво, туку е и заменик претседател на единствената македонска општина во Албанија, општина Пустец. Со оглед на фактот што студирал со бугарски пари, секако, не се сомневаме во неговата бугарштина и тоа може јавно да си го декларира, а не да бара гласови од Македонците во општина Пустец како Македонец за подоцна да им го забие ножот во грб на Македонците и да одработува за Бугарите.

Сметаме дека е добро за јавноста да кажеме дека во 2011 година во Албанија имаше попис на населението на кој немаше изјаснето ниту еден човек Бугарин. А тоа, никому не му било оневозможено. Доколку родителите на г-динот Јани тогаш биле Бугари, можеле слободно да се изјаснат како такви бидејќи Албанија не е Бугарија па да забранува слободно изјаснување на малцинствата. Кога станува збор за историските факти изнесени во реакцијата од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча, секој кој малку се разбира во историја ќе добие одлична прилика да се забавува со хумор сцениран во некоја бугарска канцеларија.

Но, тоа се тие.

А ние, за волјата на вистината ќе ја објасниме само „среќата на Бугарите“ од фактот што „През 2017 г. албанският парламент отново официално призна наличието на българското малцинство“. Да ги потсетиме како дојде до тоа. Фактот што на Пописот во 2011 година немаше ниту еден Бугарин во Албанија се потврди во 2014 година, когабеше објавен Посебен извештај на Народниот правобранител, а на 11-та страна од него пишува дека, според пописот од 2011 год. во Албанија живеат: „Според податоците добиени од овој попис за населението според жителите според етничката припадност и култура, произлегува:

Грчко малцинство 24.243 (поединци)

Македонско малцинство 5.512

Црногорско малцинство 366

Ароманско малцинство (Влах) 8,266

Ромско малцинство 8.301.“ (Republika e Shqipërisë, Avokati I popullit, Raport i veçantë për gjendjen e të drejtave të minoriteteve në Shqipëri, Tiranë, dhjetor 2014, 11 според www.instat.gov.al/al/census/census-2011/te -dhenat-e-census-2011.aspx.)

Значи, да повториме, според пописот од 2011 година, како и во извештајот на Народниот правобранител од 2014 година, нема ниту збор за некакво бугарско малцинство во Албанија. Но, Бугија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваат албанската држава да измисли и да „докажува“ дека Македонците во Албанија се Бугари. Заканувајќи се со бугарското демократско и европско вето за Албанија за почнување на преговори за пристапување на албанската држава во Европската Унија, успеаја да биде измислено непостоечко бугарско млциство во Албанија.

Заканите врз албанската Влада вродија со плод, па така, на 12 октомври 2017 година Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Се разбира, единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија. На тоа, реагираа Македонците во Албанија, кои сметаа дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари.

Така што, останува нејасно, од кога тоа раководството и членството на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча се осознаа за Бугари или тоа ќе зависи и од „хуманитарната помош“ која Бугарија ќе им ја обезбеди. Секако, таа „хуманитарна помош“ новопечените Бугари ќе треба да ја одработат со уценување или ветување на нови и нови бугарски пасоши на Македонците за да избегаат од родните оглништа во потрага по пристоен живот. А секако ќе се сложиме дека работата на еден потпретседател на општина Пустец е на направи услови за работа и пристоен живот во општина Пустец, а не да ги одродува Македонците. – стои во Реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана потпишано од Претседателот на Друштвото г-дин Никола Ѓурѓај.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учестуваше на интернет заседанието на Генералното собрание на Федералната унија на европски националности

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) го одржа своето првo Генерално собрание со интернет заседание, поради тоа што заседание на конгресот не се одржа, како што беше претходно планирано, во Горица на италијанско-словенечката граница со оглед на пандемијата со COVID – 19.

„Година и пол помина од нашиот последен конгрес, со многу подеми и падови, при што пандемијата на коронавирус постојано влијаеше на речиси сите наши планови. Сепак, мислам дека тоа ја покажува моќта и флексибилноста на нашата организација, професионалноста и креативноста на нашиот тим, дека иако сè уште не можеме да ја надминеме пандемијата, ги компензираме настаните што не се случија физички преку интернет и да понудат значајни услуги за нашите организации-членки. Во оваа ситуација која нема никаков вид на стабилност, преку нашата издржливост, истрајност и инвентивност, ФУЕН успеа да остане ефикасен и релевантен. Она што треба да го сториме сега е да ги надградиме нашите повторно откриени вредности и да ги направиме нашите заедници да напредуваат “- рече претседателот на ФУЕН, Лорант Винце на собранието на делегатите на ФУЕН за 2020 година.

Поради пандемијата COVID-19, Собранието беше организирано и реализирано со интернет комуникација на повеќе од 200 делегати. Во својот извештај, претседателот истакна дека ФУЕН направи значителни постигнувања за унапредување на каузата за автохтони малцинства во Европската унија со Иницијативата за малцински безбеден пакет. „Успеавме ова наша иницијатива е на дневен ред во институциите на ЕУ, земјите-членки и во експертската заедница за креирање политики. Преку овој процес, ФУЕН стана влијателна организација за застапување во круговите на ЕУ “, рече тој. Со тоа најави дека европскиот Парламент ќе има пленарна дебата и резолуција за Иницијативата за малцинство SafePack во декември оваа година.

Покрај тоа, збор имаа и потпретседателите на ФУЕН кои го презентираа Извештајот за активност на Собранието на делегатите. Госта Тофт зборуваше за напредокот на Minority Safepack Intitiative и потребата за повеќе права за малцинствата во Европа, особено во областа на образованието.

Владимир Хам ја презентираше патувачката изложба на германската работна група помеѓу два света и посетите на организациите членки, велејќи дека многу малцинства имаат не само политички, туку и егзистенцијални проблеми. Ангелика Млинар ја презентираше активноста на словенечката работна група РГСМ и нивната брошура со презентација на сите словенски малцинства во ФУЕН.

Халит Хабип Оглу, зборуваше за турската работна група ТАГ, велејќи дека и покрај пандемијата со коронавирусот, ФУЕН успеа да се соочи со вонредни состојби, а работната група исто така мораше да се соочи со овие состојби. Бахн Бансен ги претстави активностите и предизвиците на работната група „Не-сродни лица“.

Даниел Алфрајдер зборуваше за он-лајн анкетата за образовните можности на автохтоните малцинства во Европа, во која тие имаат придонес од 30 европски земји. Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани на Годишниот состанок на работната група за образование во декември. Новиот претседател на младинската организација, Андор Барабаш, исто така, ја претстави својата активност, како и намладинската организација. На ова заседание кон ФЕУН се приклучи нов член во редовите на организациите-членки на Организацијата.

Имено, Собранието на делегати ананимно гласаше за прием на Регионалната граѓанска организација „ Qumuqlar“ („Кумуклар“), чија цел е развој на културата Кумик, нејзин придонес кон кумичкиот јазик, зачувување и координација на проектите од Кумик. После гласањето „Кумуклар“ беше примена како обичен член. Тоа е невладина организација која е регистрирана во 2014 година и е со седиште во Москва, која ги претставува Турците Кумик во Руската Федерација. ФУЕН го поздрави приемот на Qumuqlar („Кумуклар“) како една од организациите меѓу своите членови.

Покрај другите, во работа на состнокот учестуваше и претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај. Македонското друштво “Илинден“-Тирана како членка на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН), истовремено е и дел на работната група на словенските малцинства во ФУЕН. Македонско друштво ”Илинден” од Тирана е член на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Г-дин Никола Ѓурѓај е задоволен од досегашната соработка и ефектот од членството на Македонско друштво ”Илинден” од Тирана во ФЕУН и се надева на идни уште поголеми заеднички успеси во зачувувањето на македонскиот идентитет и ентитет во Албанија.