Честитка од претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

По повод доделената Благодарница од Македонското друштво “Илинден“ од Тирана кое со ваков свечен чин, овој викенд ја одбележа 7 годишнината од основањето, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски кој во моментов се наоѓа во САД, го соопштува следното:

 

Почитувани Браќа и Сестри Македонци,

Дозволете од мое лично име и од името на Македонска Алијанса да Ви ја честитам 7-годишнината од основањето на ова многу значајно Македонско друштво “Илинден“-Тирана. Искрено жалам што не можев да присуствувам на доделувањето но Ве уверувам дека со целото мое срце и душа сум заедно со Вас и со Вашите идеи, активности и иницијативи за продолжување на нашата заедничка борба за унапредување на основните човекови права на Македонците кои живеат во Албанија. Оваа Благодарница за мене претставува дополнителен мотив и понатаму да продолжам да го користам својот углед, знаење и енергија за мобилизирање на сите Македонци во светот, кои во рамките на своите можности, мора да се вклучат и да помагаат во промоцијата и заштитата на најсветото – Македонското име и Македонскиот национален идентитет. Повеќе од две децении или сум директен основач или тесно соработувам со речиси сите Македонски организации во светот. Несебично го вложувам сиот свој кредибилитет, углед и финансиски ресурси во заедничката борба за остварување на универзалните човекови права и цивилизациски придобивки за Македонците во Албанија, Бугарија и Грција, на кои за жал, и во 21 век, им се оспорува идентитетот. Македонците во Албанија се маргинализирани, нивните права активно да учествуваат во општествено-политичкиот живот, се ограничени и постои тенденција за нивно дополнително ограничување. Доказ за тоа е новата територијална организација и уредување на Општините во Албанија, заради која Македонците останаа со само со Општината Пустец, во која живее доминантно Македонско население и единствено таму нашите браќа и сестри го имаат правото да избираат кои ќе ги води на локално ниво. За жал не беше прифатено барањето на Македонците трите Општини од подрачјето на Голо Брдо и трите од регионот на Гора да не се припојуваат кон доминантно Албански Општини, туку да се формираат самостојни Општини Голо Брдо и Гора. Нашите браќа и сестри кои живеат во Албанија имаат право да бараат основањето на Македонски културни центри, фолклорни групи, обезбедување на програма на Македонски јазик на Државната Албанска телевизија, правична и пропорционална застапеност во Државните институции, стипендии за Македонските студенти, достапност на образовниот процес и изучување на Македонскиот јазик. Остварувањето на овие права е предуслов за силна и економски просперитетна Татковина. Ја користам оваа прилика да ја изразам јавно својата благодарност до Претседателот на Македонското друштво “Илинден“ од Тирана Никола Ѓурѓај кој и покрај сите предизвици останува посветен на Македонската борба. Битката за остварување на нашите вековни стремежи за обезбедување на достоинствен живот за Македонците кои живеат надвор од границите на Републиката продолжува.

Претседател на Македонска Алијанса г-дин Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

 

 


www.ilinden-tirana.com