Вести

Претседателот на Република Македонија се обрати на Генерално собрание на Обединети Наци

 

 

 

Почитуван господине Претседател,
Почитувани колеги,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ми преставува чест, како Претседател на Република Македонија да се обратам пред овој важен форум и да ги споделам ставовите на Република Македонија во однос на актуелните предизвици.

Светот се наоѓа на крстосница на бројни кризи. Влегуваме во фаза на фундаментални промени на глобалниот систем. Се соочуваме со трансформации што тешко можеме да ги запреме и контролираме.

Центрифугалните сили на глобализацијата го доведуваат во прашање поредокот создаден по Втората светска војна. А заедно со поредокот, се редефинираат и неговите вредности и принципи. Во свет во кој силните го прават она што сакаат, а слабите она што мораат, владеењето на правото е сведено на исклучок наместо правило. Наместо меѓународна безбедност и поредок имаме отсуство на безбедноста и непоредок. Ги девалвираме вистинските и неотуѓиви човекови права и слободи. Наместо почитување на различноста, се почесто сме сведоци на прогонување и уништување на различноста.

Имаме кризи во повеќе региони и на повеќе нивоа. Конфликтите се шират и продлабочуваат побргу отколку што се решаваат и отстрануваат. Имаме најчесто задоцнета дијагноза, со реактивни, наместо превентивни мерки, со краткорочни и болни одлуки, наместо долгорочни и побезболни решенија.

Ако има еден збор со кој можеме да ја опишеме состојбата во светот денес, тоа е нестабилност.

Ценети екселенции,

Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик. Како со митската Хидра, за секоја терористичка ќелија што е уништена, како да се јавуваат две нови. Тероризмот на 21 век стана способен да ги апсорбира поразите, да се повлече, регрупира и повторно да нападне. Ние не си имаме работа со организации, туку со движења за освојување територии, придвижени од идеи што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација.

Блискиот Исток, Северна Африка и многу други региони тонат во крвави конфликти во кои секојдневно се уништува мозаикот на заедници со различни религии, јазици и култури што макотрпно бил составуван и негуван со векови. Овие конфликти предизвикаа закани, ризици, хуманитарни кризи и нова голема преселба на народите.

На европскиот хоризонт, пак, се надзира нова реалност. Под притисок од финансиската и кредитна криза, општествените и политичките шавови кои ја држат Европската унија полека почнуваат да попуштаат. Бришејќи ги внатрешните граници без да ги обезбеди коридорите, Унијата не може да ги заштити надворешните граници. Европа, денес, покрај другото е соочена со два клучни предизвици – мигрантската криза и заканата од тероризам.

Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира.

Република Македонија 25 години е независна држава. Од првиот ден на независноста, се соочуваме со постојани и директни закани, како што е и илегалната миграција, кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите Нации. Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен Командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа.

Досегашниот однос кон мигранитет во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам.

Дами и господа,

Годинава Обединетите нации ќе изберат и нов Генерален секретар. Република Македонија го номинираше поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, г-дин Срѓан Ќерим за оваа одговорна позиција. Ги цениме напорите овој процес да биде транспарентен и да биде согласно заслугите на кандидатите. Процесот на селекција веќе започна во Советот за безбедност. Во оваа пригода, сакам да му посакам многу среќа на г-дин Ќерим, но и да го повторам повикот новиот Генерален секретар да биде избран од Источно-европската група на држави. Истовремено, би сакал да му се заблагодарам на досегашниот Генерален секретар, и мој пријател, г. Бан Ки-мун за неговите неуморни напори во соочувањето со бројните предизвици, но и со реформата на Организацијата.

Но, додека разговараме за реформа на еден од несомнено значајните сегменти на системот на Обединетите нации, како да забораваме дека и самите цели на Организацијата се доведуваат во прашање. Се зборува за човекови права, а се запоставува едно од основните права – правото на слобода на мисла, совест и вера. Прогонувањето на луѓе со различна вера и уверување е се поизразено, не само во не-секуларни, туку и во развиени и секуларни општества. Во вакви услови, некои дури го поставуваат прашањето дали денес Обединетите нации воопшто би можеле да ја усвојат Универзалната декларација за човекови права. Оваа организација ги претставува сите држави, со сите нивни разлики. Но, треба да внимаваме, правејќи компромиси, да не ги компромитираме темелните вредности и слободи и визија. А визијата е запишана во Повелбата на Обединетите нации и во Универзалната декларација за човековите права.

Ценети екселенции,

Уште Сенека, кога ја објаснува суштината на градот, односно државата вели: силата и сигурноста на градот произлегува од две работи: материјалот од кој се изградени куќите и законите со кои се уредуваат односите. Градот се руши секогаш кога го нема и едното и другото. Поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, нашиот меѓународен поредок полека деволуира во глобален хаос и непоредок.

Во својот четврт век независност, Република Македонија ја почувствува оваа сурова реалност. На нашиот пат кон меѓународно признавање и интегрирање се соочивме со многу блокади и претрпени штети. Се соочивме со негирање на правото на самоидентификација на македонските граѓани, без кое нема ниту интегритет на човековата личност, ниту човечко достоинство. Поради ова прашање, дури и денес сме блокирани во меѓународни организации, како НАТО и Европската унија. Веќе 5 години Република Македонија чека меѓународната заедница да ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години – на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација.

Неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за постојаната внатрешнополитичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Но, Република Македонија не е исклучок. Целиот регион на Балканот стагнира. Одново се јавуваат ретроградни процеси. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ.

Но, и во вакви сложени околности Република Македонија прави се што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи. Со Грција имаме разлика околу која се води процес во Обединетите нации. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, изгубивме драгоцено време.

Затоа, ги поздравувам мерките за градење доверба меѓу двете држави и повикувам да ги прошириме и да внесеме нови содржини. Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
Почитувани присутни,

Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат. Како што ние, на сите им го почитуваме правото на самоидентификација и човеково достоинство, бараме истото да се однесува и на нас. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи. Нема проблем што не може да се реши и разлика која не може да се надмине. Единствен предуслов е да се почитуваме и преку дијалог да доаѓаме до решенија.

Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Процесот Брдо-Бриони, што полека ги заменува декларативните регионални иницијативи и механизми. Би сакал како специјален гостин на Самитот да учествува Премиерот на Грција.

Дами и господа,

Зборував за фундаментални промени во светот кој е се повеќе поделен, опасен и дезориентиран. Но, проблемот не е во овие состојби. Тие се само последици од акумулирани погрешни ставови, одлуки и чекори. Како човештво, ние скршнавме од патот и заглавивме во лавиринтот на кризите. Затоа и не треба да не чуди кризата на доверба во политичките елити, но и во самиот глобален систем.

Како човештво успеавме да постигнеме неверојатен научен и технолошки развој што ни овозможи напредок, но истовремено ни го одзеде слободното време а со тоа и можноста за длабоко размислување и промислување. Се поставивме за господари на природата без да умееме да господариме со сопствената алчност. Ова е време на консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам. Го нарушивме кревкиот климатски баланс, рамнотежата меѓу човештвото и природата и ја загрозивме иднината на нашите потомци. Целите за одржлив развој, што Република Македонија целосно ги поддржува, треба да ја исправат таа грешка. Како потписник на Парискиот договор за климатски промени, Република Македонија веќе ги утврди националните придонеси кон климатските промени.

Но, проблемот е многу подлабок. Крајно време е да излеземе од лавиринтот на кризите.

Ценети екселенции,

Како претседател, но и како универзитетски професор, постојано го слушам гласот на младите. Ги знам предизвиците со кои се соочуваат.

Потенцијалите на младите се уште се заробени од мноштво политички, но и ментални, економски и образовни граници. Младите ширум светот се уште немаат еднакви можности за квалитетно образование и вработување, но подеднакво ги чувствуваат суровите правила на меѓународниот пазар.

Долго време, ние одлучувавме за иднината на младите, без да им дозволиме да бидат дел од процесот на носење одлуки. Не ги земавме сериозно нивните потреби, барања и желби, а потоа очекувавме тие да ги следат правилата на игра што ги создадовме за нив, но без да ги консултираме. Можеби, затоа многу глобални, регионални и локални политики не беа поддржани од младите и останаа само на хартија. Време е тоа да се промени. Потребни ни се политики не само за младите, туку и со нив. Потребни се политики од младите за младите.

Ќе ви дадам еден пример. Оваа година, во рамките на Школата за млади лидери, која се одржува под мое покровителство веќе 7 години по ред, младите луѓе од Република Македонија, но и поширокиот регион беа дел од лабораторија на идеи во која развија проекти за одржлив развој, од унапредување на јавната администрација, инфраструктурни, образовни, здравствени прашања, зголемување на вработеноста и намалување на сиромаштијата. Вакви проекти треба да поддржуваме и промовираме, за што стапив во контакт со адекватните инстанци во Светска Банка. Проекти за иновативни идеи и креативни решенија на младите, кои не се заробеници на стариот светоглед што исчезнува.

Дами и господа,

Свесни сме дека Агендата за одржлив развој 2030 не претставува готов рецепт како да постигнеме поголема благосостојба, подобар живот за нашите граѓани, подемократско општество и поздрава животна средина, сочувана за идните генерации, но секако содржи добри насоки како да ги реализираме овие цели. Но, и тука се соочуваме со парадокс. Во моментов имаме тешко одржлив меѓународен систем што се обидува да воспостави одржлив развој.

Младите се генерација на нови технологии, генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување. Младите веќе живеат во свет во кој имаат пристап до огромен број сознанија и информации. Да им дозволиме својот идеализам и перцепција да го внесат во регионалните и глобалните иницијативи и организации. Да им дозволиме да го внесат нивниот свеж поглед на новата реланост во која живееме, неоптоварен со предрасудите од минатото. Бидејќи, минатото е нешто на кое се потсетуваме, а не место во кое престојуваме.

Една мудрост вели дека човештвото е во најдобра состојба тогаш кога има најголем степен на слобода. Но, без закон, нема слобода, туку анархија. Ако сакаме на идните поколенија да им оставиме побезбеден свет, мора да го почитуваме меѓународното право. Но, и да се вратиме на врвните и вечни морални начела и вредности. Едно од нив е почитувањето и прифаќањето на различноста.

Ние многу често измислуваме нови идеали бидејќи се плашиме од старите идеали. Гледаме нанапред со ентузијазам затоа што се плашиме да погледнеме наназад, во минатото. А на полиците на минатото, освен конфликти, предрасуди и непријателства ќе најдеме и модели кои овозможиле мирен соживот и почитување и прифаќање на различноста. таков е и нашиот македонски модел на интеграција без асимилација.

Дел од работата на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации е да ги пронајде овие модели, да ги унапреди и примени во современиот динамичен свет. Мора да им помогнеме на овој план, за одново да научиме како да живееме со нашите најдлабоки етнички, религиски, културни и идеолошки разлики.

Драги пријатели,

Еден филозоф еднаш рече дека можеби имало и поубави времиња. Но, ова е нашето време, и ние сме одговорни за него. Треба да мислиме за оние што доаѓаат после нас за младите. Не треба да се плашиме, бидејќи стравот е филтер низ кој ги перципираме само заканите но не и можностите што се пред нас.

Најлесна работа во светот е да ја смениме визијата за да соодветствува со реалноста. Она што е тешко е да ја менуваме реалноста за да соодветствува со благородната визија на Обединетите нации. Дел од таа визија е како да промовираме глобално владеење и поредок без да воспоставиме светска влада и доминација на моќните, и како да ги поставиме основите за вистинско мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично меѓународно општество кое истовремено е и слободно и праведно и стабилно и безбедно.

Ви благодарам.

 

www.president.mk

Соопштение за медиумите и јавноста од Македонско друштво “Илинден”-Тирана

 

Ве известуваме дека весникот “Илинден” гласилото на Македонско друштво “Илинден”-Тирана повторно се печати благодарение на финансиската помош на Македонското меѓународно движење за човекови права ММДЧП со седиште во Торонто, Канда. На тој начин, од следниот број весникот ќе продолжи да се дели низ Албанија, но да се дистрибуира и сред дијаспората по светот секаде каде што живеат Македонци. Сред Македонците во Торонто, Канада наидовме на искрени соработници и борци за накедонското дело и свесни сме дека, доколку бе беше нивната финансиска поддршка весникот “Илинден“ веќе ќе беше замнер засекогаш и немаше повеќе да излегува. Сакаме да веруваме дека примерот на ММДЧП ќе биде следен од други македонски организации од целиот свет. Финансиска помош ни дава можност и сила и во иднина достоинствено да ја продолжиме праведната борба за македонската национална кауза. Од наше и ваше име искрено се заблагодарува на Македонското меѓународно движење за човекови за патриотскиот чин.

 

www.ilinden-tirana.com

Манифестација “Туризмот и културното наслество на Областа Гора”

Tрадиција и културата има огромно значање за Македонците од областа Гора, се гледа од начинот на кој е наследен од генерација на генерација и покажува љубов кон него. Не се заборавени, ниту песната ниту ората. Токму поради оваа на 17.09.2016 година во Шиштавец, Кукс се организира манифестацијата “Промовирање на туризмот преку културното наследство во Областа Гора. Туристичкиот центар Кукс во соработка со општината Драгаш, Косово. Проектот е финансиран од Австриската агенција за развој (АДА). За време на манифестацијата имаше неколку активности: промоција на книгата “Китка со Горнаски песни” автор Али Кинѓи. Се промовира Документарниот филм “Свадба во Гора” автор Елмаз Докле. Импровизација на традиционална свадба од Гора беа ангажирани жители од областа Гора и бендот на Бајрам Мемиши со цурли и тапани. Имаше големо учество од Албанија и Косово. На овој настан присуствуваа и австрискиот амбасадор во Тирана Јохан Сатлер како и градоначалникот на Општина Драгаш Селим Јонузи, Проректор на Универзитетот во Призрен Садик Идриз секретар на Округот Кукес Абдула Доми.

 

 

 

 

 

www.ilinden-tirana.com

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана средба со Уредникот Македонската програма

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај на 08.09.2016 година во Скопје, Република Македонија, оствари средба со г-дин д-р Ицо Најдовски Перин уредник на Македонската програма на радио станицата “Трипл зед” во Австралија и активист на Македонците во Австралија. На средбата претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана го информира г-дин д-р Ицо Најдовски Перин за активностите на Друштвото. На средбата се нагласи потребата за повеќе соработка меѓу Македонските малцинства на Балканот и Македонскота дијаспора ширум светот. Инаку спрема зборовите на д-р Ицо Најдовски Перин, Македонската дијаспора долги години е во контакт со Македонците во соседните држави, но се прават напори тие контакт во иднина да се зајакнат со почести средби и организирање на јавни собири!



www.ilinden-tirana.com

Честитo празник 8-ми септември денот на независноста на Република Македонија

 

 

Честитo празник 8-ми септември денот на независноста на Република Македонија. Македонија утре одбележува 25 година.


Gëzuar 8 Shtatorin Ditën e Pavarësisë së Republikës së Maqedonisë. Nesër Maqedonia shënon 25 vjet.


Happy 8 th September Independence Day of the Republic of Macedonia. Macedonia tomorrow marks 25 years.

 

 

www.ilinden-tirana.com

Македонско друштво “Илинден”-Тирана бара од Владата да се форимираат општина Голо Брдо и Гора

 

 

Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана огранок Голо Брдо беа убедени дека новата терториална поделба во Република Албанија што се спроведе во 2014 година се базира на фер и правна одлука на Уставниот суд како независна институција и гарант на Уставот. Но, одлуката на Уставниот суд беше неправилна. Македонското малцинство во областите Голо Брдо и Гора спојувањето на општините го смета како чекор назад во почитувањето на малцинските права во областите Голо Брдо и Гора. Спојувањето на општините не ги подобри условите на Македонците во областите Голо Брдо и Гора туку го отежна животот на жителите. Имено за еден извод треба да се патуваат два часа а да не говориме за други катадневни неоходности. Поради тоа Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонско друштво “Илинден”-Тирана огранок Голо Брдо бара од Владата на Република Албанија и Министерот за локална самоуправа да форимираат посебни две општини и тоа општина Голо Брдо и општина Гора. Впрочем, ваков беше и предлогот на македонското малциство во Република Албанија предложи пред да почне терторијална поделба.

 

Македонско друштво “Илинден”-Тирана Претседател Никола Ѓурѓај

Македонско друштво “Илинден”-Тирана Огранок Голо Брдо Претседател Ули Халилај

 

www.ilinden-tirana.com

Македонците во Албаниа го одбележаа големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Македонците во село Церје општина Пустец, Мала Преспа го одбележаа големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица. После утринската литургија во селската црква посветена на Успение на Пресвета Богородица прославата продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор сред село.

 

 

 

 


www.ilinden-tirana.com

Честито големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица

Почитувани Македонци и Македонки во Република Албанија и во целиот свет во името на Македонско друштво “Илинден“-Тирана и Македонско друштво “Илинден“-Тирана Огранок Голо Брдо ви честита големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица



www.ilinden-tirana.com

Македонско друштво “Илинден“-Тирана Огранок Голо Брдо учестуа на Летен камп “Ја сакам Македонија“

Македонско друштво “Илинден“-Тирана Огранок Голо Брдо учестуа на Летен камп “Ја сакам Македонија“-2016 со 5 деца Македонци од областа Голо Брдо и претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана Огранок Голо Брдо Ули Халилај. Летен камп е под покровителство на Владата на Република Македонија, а во организација на Министерството за надворешни работи на Република Македонија од 14 до 21 август во Охрид учествуваат Македонци од соседните земји и од дијаспората. Програмата на кампот опфаќа содржини за подигање на степенот на учесниците за познавањата за Македонија од областа на македонскиот јазик, историјата, географијата, културата, обичаите и традицијата како и меѓусебното поврзување и соработка. Присутните ги поздрави вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски кој говореше за улогата и значењето на мајчиниот јазик во одржувањето на личниот и културниот идентитет. Престојот на учесниците на Летниот камп Охрид -2016 “Ја сакам Македонија“ беше збогатен со забава и спортски игри како и со посета на повеќе културно-историски знаменитости во градот Охрид и Охридското крајбрежие: Самоиловата тврдина, Галеријата на икони, Плаошник, црквата Св. Софија, манастирот Св. Наум и Музејот на вод.


 

www.ilinden-tirana.com

Македонците во Република Албанија во село Ербеле, Областа Поле го одбележаа Св. Преображение

Македонците во Република Албанија во село Ербеле областа Поле Маќелара на 18-19.08.2015 година го одбележаа големиот Христиjански празник Преображение кај црквата Св.Преображение која датира од 12 век. На прослава за празникот Преображение присуствуваа Македонци со потекло од Ербеле кои што живат во Тирана, Драч, Елбасан, Маќелара, Горно Крчиште, Долно Крчиште, Дебар и од Македонија. Меѓу присутните беа и преставници на Македонско друштво “Илинден”-Тирана. Ноќта спроти празникот во оваа црква доаѓаат не само православни туку и муслимани.Спијат во овој божји храм и се молат за излекување од разни болести, зашто црквата има исцелителна моќ.Според жители на ова село голем број луѓе тука го нашле лекот за својата болест,се излекувале. Пред неколку години на овој празник во селото Ербеле започна да се воведува обичај да се меси погача во која има паричка.Карактеристично за овој обичај е оној на кој ќе му се падне паричката од погачата да го преземе кумството за наредната година. Црквата Св.Преображение во 1973 година албанските власти ја прогласија за споменик на културата.

 

 

 

 

 

 


www.ilinden-tirana.com