Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај се сретна со д-р Љубица Ѓорѓевиќ, претставничка на Европскиот центар за прашања на малцинствата

Разговор за правата на македонското национално малцинство во Албанија и можностите за унапредување на соработката меѓу Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Европскиот центар за прашања на малцинствата.

Во рамките на Дијалогот на Шлезвиг-Холштајн, посветен на зајакнувањето на општествената кохезија и заштитата на правата на малцинствата во Западен Балкан, Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, оствари средба со д-р Љубица Ѓорѓевиќ, виш истражувач и раководител на Одделението за правда и владеење при Европскиот центар за прашања на малцинствата (ЕЦМИ).

За време на средбата беа разгледани состојбата и остварувањето на правата на националните малцинства, со посебен акцент на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Посебно внимание беше посветено на можностите за воспоставување и натамошно унапредување на соработката меѓу Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Европскиот центар за прашања на малцинствата, како и на можностите за размена на искуства и заеднички активности во областа на заштитата на правата на националните малцинства.

По повод средбата, Никола Ѓурѓај на д-р Љубица Ѓорѓевиќ и подари примерок од македонскиот весник “Илинден“, наменет за библиотеката на Европскиот центар за прашања на малцинствата.

Средбата претставуваше значајна можност за размена на мислења и искуства, зајакнување на меѓусебното разбирање и поттикнување на идната соработка.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана продолжува со своите активности насочени кон заштитата и афирмацијата на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија, зачувувањето на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, културата и традицијата.