News

Македонско друштво „Илинден“ -Тирана побара од премиерот Заев да се заложи одлуката за преминот Џепиште – Требиште што поитно да се спроведе

Македонското друштво „Илинден“ -Тирана, испрати барање до премиерот на Македонија, Зоран Заев, да се заложи што е можно поитно граничниот премин Џепиште – Требиште, кај Дебар да премине во премин од регионален карактер, кој ќе функционира 24 часа. Друштвото потсетува дека граничниот премин Требиште-Џепиште, кај Дебар, кој беше отворен во 2013 година, е од локален карактер, со заедничка албанско-македонска полициска контрола и можат да минуваат само жители на пограничните области на двете земјим и тоа од 8:00 до 20:00 часот во летниот и од 8:00 до 18:00 часот во зимскиот период. Господине премиере, Владите на Македонија и Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец на 15 декември 2017 година, донесоа одлука според која, граничниот премин Џепиште -Требиште требаше да работи 24 часа. Како друштво кое живо се интересира за резултатите од билатералната македонско-албанска соработка, ја поздравивме одлуката. Но, до денес истата не е спроведена. Поради тоа Ве замолуваме да се застапите за реализирање на одлуката, со што ќе се надмине еден голем проблем за Македонците во областа Голо Брдо,стои во барањето. Се додава дека поради тоа што граничниот премин работи со ограничено време се создаваат големи проблеми во комуникацијата меѓу Македонците од македонската и Македонците од албанската страна на преминот. Доколку се реализира веќе донесената одлука и преминот почне да функционира со 24 часовно работно време многу ќе им се помогне на Македонците од областа Голо Брдо бидејќи ќе се зголеми економската соработка меѓу жителите од двете страни на границата, но и пошироко, со што економски ќе зајакне и ќе се развива оваа област. Воедно, ќе се овозможи и туристи да ја посетат областа Голо Брдо која изобилува со природни убавини, наведува друштвото во барањето испратено до премиерот Заев.

Реакција на Македонското друштво „Илинден“-Тирана за неоснованите тврдења на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча

Дниве, од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча беше испратена реакција на ставот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во однос на тоа дека во Албанија немало и нема Бугари. Македонското друштво „Илинден“-Тирана своите ставови и објави ги потпишува со името и презимето на претседателот, за да се знае дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана има и претседател, раководство и членство претставувано од претседателот.

А претседателот на  Македонското друштво „Илинден“-Тирана е Македонец, роден во Тирана со предци кои потекнуваат од Голо Брдо. И затоа не се срами, како Македонец да се потпише на реакцијта на членството на Друштвото што го претставува. За разлика од тоа, реакцијата на  Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча нема потпис, ниту име на претседател, ниту заменик. Па, прашањето кое реално се наметнува кои се тие Бугари во Албанија кои се срамат да си го пишат името како Бугари?

Или, дволичноста повеќе се исплати. Кога зборуваат со претставници од Македонија земаат пари од македонската држава, а кога им се „гости“ Бугарите земаат „донации“ од Бугарите? И кога Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча толку жестоко застанаа зад бугарштината во Албанија и реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана во врска со Бугарите во Албанија, убаво е да се знае дека тоа Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча има свое раководство во кое има и секретар, со име и презиме Јани Никола.

Според јавно достапните информации, објавени лично од г-динот Јани Никола не само што е секретар на бугаро-албанското друштво, туку е и заменик претседател на единствената македонска општина во Албанија, општина Пустец. Со оглед на фактот што студирал со бугарски пари, секако, не се сомневаме во неговата бугарштина и тоа може јавно да си го декларира, а не да бара гласови од Македонците во општина Пустец како Македонец за подоцна да им го забие ножот во грб на Македонците и да одработува за Бугарите.

Сметаме дека е добро за јавноста да кажеме дека во 2011 година во Албанија имаше попис на населението на кој немаше изјаснето ниту еден човек Бугарин. А тоа, никому не му било оневозможено. Доколку родителите на г-динот Јани тогаш биле Бугари, можеле слободно да се изјаснат како такви бидејќи Албанија не е Бугарија па да забранува слободно изјаснување на малцинствата. Кога станува збор за историските факти изнесени во реакцијата од страна на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча, секој кој малку се разбира во историја ќе добие одлична прилика да се забавува со хумор сцениран во некоја бугарска канцеларија.

Но, тоа се тие.

А ние, за волјата на вистината ќе ја објасниме само „среќата на Бугарите“ од фактот што „През 2017 г. албанският парламент отново официално призна наличието на българското малцинство“. Да ги потсетиме како дојде до тоа. Фактот што на Пописот во 2011 година немаше ниту еден Бугарин во Албанија се потврди во 2014 година, когабеше објавен Посебен извештај на Народниот правобранител, а на 11-та страна од него пишува дека, според пописот од 2011 год. во Албанија живеат: „Според податоците добиени од овој попис за населението според жителите според етничката припадност и култура, произлегува:

Грчко малцинство 24.243 (поединци)

Македонско малцинство 5.512

Црногорско малцинство 366

Ароманско малцинство (Влах) 8,266

Ромско малцинство 8.301.“ (Republika e Shqipërisë, Avokati I popullit, Raport i veçantë për gjendjen e të drejtave të minoriteteve në Shqipëri, Tiranë, dhjetor 2014, 11 според www.instat.gov.al/al/census/census-2011/te -dhenat-e-census-2011.aspx.)

Значи, да повториме, според пописот од 2011 година, како и во извештајот на Народниот правобранител од 2014 година, нема ниту збор за некакво бугарско малцинство во Албанија. Но, Бугија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваат албанската држава да измисли и да „докажува“ дека Македонците во Албанија се Бугари. Заканувајќи се со бугарското демократско и европско вето за Албанија за почнување на преговори за пристапување на албанската држава во Европската Унија, успеаја да биде измислено непостоечко бугарско млциство во Албанија.

Заканите врз албанската Влада вродија со плод, па така, на 12 октомври 2017 година Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Се разбира, единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија. На тоа, реагираа Македонците во Албанија, кои сметаа дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари.

Така што, останува нејасно, од кога тоа раководството и членството на Друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча се осознаа за Бугари или тоа ќе зависи и од „хуманитарната помош“ која Бугарија ќе им ја обезбеди. Секако, таа „хуманитарна помош“ новопечените Бугари ќе треба да ја одработат со уценување или ветување на нови и нови бугарски пасоши на Македонците за да избегаат од родните оглништа во потрага по пристоен живот. А секако ќе се сложиме дека работата на еден потпретседател на општина Пустец е на направи услови за работа и пристоен живот во општина Пустец, а не да ги одродува Македонците. – стои во Реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана потпишано од Претседателот на Друштвото г-дин Никола Ѓурѓај.

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, оствари средба со Проф. Д-р. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и г-дин Александар Николоски, Потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај на 03.11. 2020 година во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, оствари средба со Проф. Д-р. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и г-дин Александар Николоски, Потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ. На работната средба претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, го информираше Проф. Д-р. Христијан Мицкоски, и г-дин Александар Николоски, за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонско национално малцинство во Република Албанија. Низ дискусијата, Проф. Д-р. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ и г-дин Александар Николоски, Потпреседател на ВМРО-ДПМНЕ, покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Република Албанија. Секако, во опсегот на надлежностите, Проф. Д-р. Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малциските права на Македонците во Република Албанија. Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана топло и се заблагодарува за срдечна средба.

Претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана оствари работна средба со претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев

На 4 ноември 2020 година, Претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, беше во посета на Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ во Скопје и освари средба со Акад. Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и Акад. Витомир Митевски, претседател на Библиотечниот одбор на МАНУ. На средбата се разговараше за состојбата на Македонците во Република Албанија и за активностите на Македонско друштво „Илинден“-Тирана. Се додава дека раководството на друштвото ќе продолжи со активностите за „воспоставување, проширување и унапредување на соработката со значајни институции во матичната земја, Македонија“.

Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја осудува изјавата на бугарската министерка Екатерина Захариева

Македонското друштво „Илинден“-Тирана ја осудува изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева дека „Бугарија е подготвена да ја потврди сегашната реалност, но Северна Македонија треба да ја признае историската вистина-бугарските корени на македонската нација“. Македонците во Албанија изјавата на министерката Захариева ја осудуваат и ја сметаат за несоодветна и недолична. Недозволливо е висок државен функционер, како министер за надворешни работи, да ја злоупотребува позицијата за потценување на Македонците и Македонија. Во истоврме најостро ја осудуваме злоупотребата на правото на вето на Бугарија во Европската Унија, стои во реакцијата на друштвото „Илинден“. Исто така се осудува денационализаторската мисија на Бугарија во обидот Македонците да ги прикаже како Бугари. Точно тоа, преку своето членство во ЕУ, Бугарија го користи со последната изјава на министерката за надворешни работи, Захариева која кажа една историска лага. Со оглед на тоа што Европската Унија се декларира како демократски сојуз на држави, македонското друштво „Илинден”-Тирана во име на Македонците во Албанија бара од европските институции да им наложат на бугарските власти да се однесуват европски, се наведува во реакцијата на Македонското друштво „Илинден“-Тирана.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана oтпечати двојазичен едукативен флаери за Ковид-19

Едукативниот материјал е отпечатен на македонски и албански јазик,со цел да биде достапен до сите граѓани. Тоа со цел подигање на свеста за заштита на нивното здравје, на нивните најблиски, соседите, пријателите. Невидливиот непријател зема замав затоа неопходно е поголема внимателност за да се спречи поголема катастрофа,- изјави за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото. Друштвото упатува апел до сите Македонци и до сите граѓани во Република Албанија строго да ги почитуваат мерките и протоколите. Имајќи го во предвид интензитетот на ширењето на вирусот, со почитување на мерките ќе ги спречиме сериозните здравствени ризици по вашето здравје и живот и здравјето и животите на другите! Имајте ја во предвид стапката на заразеност од вирусот! Почитувајте ги официјалните соопштенија и предупредувања на локалните власти во општината каде што живеете, почитувајте ги препораките и мерките на надлежните државни органи, да не го доведете во ризик вашето и здравјето на другите, стои во апелот на друштвото.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај учестуваше на интернет заседанието на Генералното собрание на Федералната унија на европски националности

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) го одржа своето првo Генерално собрание со интернет заседание, поради тоа што заседание на конгресот не се одржа, како што беше претходно планирано, во Горица на италијанско-словенечката граница со оглед на пандемијата со COVID – 19.

„Година и пол помина од нашиот последен конгрес, со многу подеми и падови, при што пандемијата на коронавирус постојано влијаеше на речиси сите наши планови. Сепак, мислам дека тоа ја покажува моќта и флексибилноста на нашата организација, професионалноста и креативноста на нашиот тим, дека иако сè уште не можеме да ја надминеме пандемијата, ги компензираме настаните што не се случија физички преку интернет и да понудат значајни услуги за нашите организации-членки. Во оваа ситуација која нема никаков вид на стабилност, преку нашата издржливост, истрајност и инвентивност, ФУЕН успеа да остане ефикасен и релевантен. Она што треба да го сториме сега е да ги надградиме нашите повторно откриени вредности и да ги направиме нашите заедници да напредуваат “- рече претседателот на ФУЕН, Лорант Винце на собранието на делегатите на ФУЕН за 2020 година.

Поради пандемијата COVID-19, Собранието беше организирано и реализирано со интернет комуникација на повеќе од 200 делегати. Во својот извештај, претседателот истакна дека ФУЕН направи значителни постигнувања за унапредување на каузата за автохтони малцинства во Европската унија со Иницијативата за малцински безбеден пакет. „Успеавме ова наша иницијатива е на дневен ред во институциите на ЕУ, земјите-членки и во експертската заедница за креирање политики. Преку овој процес, ФУЕН стана влијателна организација за застапување во круговите на ЕУ “, рече тој. Со тоа најави дека европскиот Парламент ќе има пленарна дебата и резолуција за Иницијативата за малцинство SafePack во декември оваа година.

Покрај тоа, збор имаа и потпретседателите на ФУЕН кои го презентираа Извештајот за активност на Собранието на делегатите. Госта Тофт зборуваше за напредокот на Minority Safepack Intitiative и потребата за повеќе права за малцинствата во Европа, особено во областа на образованието.

Владимир Хам ја презентираше патувачката изложба на германската работна група помеѓу два света и посетите на организациите членки, велејќи дека многу малцинства имаат не само политички, туку и егзистенцијални проблеми. Ангелика Млинар ја презентираше активноста на словенечката работна група РГСМ и нивната брошура со презентација на сите словенски малцинства во ФУЕН.

Халит Хабип Оглу, зборуваше за турската работна група ТАГ, велејќи дека и покрај пандемијата со коронавирусот, ФУЕН успеа да се соочи со вонредни состојби, а работната група исто така мораше да се соочи со овие состојби. Бахн Бансен ги претстави активностите и предизвиците на работната група „Не-сродни лица“.

Даниел Алфрајдер зборуваше за он-лајн анкетата за образовните можности на автохтоните малцинства во Европа, во која тие имаат придонес од 30 европски земји. Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани на Годишниот состанок на работната група за образование во декември. Новиот претседател на младинската организација, Андор Барабаш, исто така, ја претстави својата активност, како и намладинската организација. На ова заседание кон ФЕУН се приклучи нов член во редовите на организациите-членки на Организацијата.

Имено, Собранието на делегати ананимно гласаше за прием на Регионалната граѓанска организација „ Qumuqlar“ („Кумуклар“), чија цел е развој на културата Кумик, нејзин придонес кон кумичкиот јазик, зачувување и координација на проектите од Кумик. После гласањето „Кумуклар“ беше примена како обичен член. Тоа е невладина организација која е регистрирана во 2014 година и е со седиште во Москва, која ги претставува Турците Кумик во Руската Федерација. ФУЕН го поздрави приемот на Qumuqlar („Кумуклар“) како една од организациите меѓу своите членови.

Покрај другите, во работа на состнокот учестуваше и претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај. Македонското друштво “Илинден“-Тирана како членка на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН), истовремено е и дел на работната група на словенските малцинства во ФУЕН. Македонско друштво ”Илинден” од Тирана е член на Федералната Унија на Европските Националности (ФУЕН) од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Г-дин Никола Ѓурѓај е задоволен од досегашната соработка и ефектот од членството на Македонско друштво ”Илинден” од Тирана во ФЕУН и се надева на идни уште поголеми заеднички успеси во зачувувањето на македонскиот идентитет и ентитет во Албанија.

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај и подари на Македонската академија на науките и уметностите примероци од сите 43 броја на весникот „Илинден“

Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај на 03.11.2020 година, беше во посета на Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ. Претседателот на Друштвото и подари на Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ примероци од сите 43 броја на весникот „Илинден“, што излегува од февруари 2011 година во Тирана, донацијата го прима Акад. Витомир Митевски, претседател на Библиотечниот одбор на МАНУ. Соговорниците беа согласни дека треба да се прошири соработката меѓу Македонско друштво ”Илинден”-Тирана и Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ. Претседателот на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај, посака плодна и долготрајна соработка со Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ.

Честитка од Македонско друштво „Илинден“-Тирана по повод 23 октомври- Ден на Македонската Револуционерна Борба

Македонското друштво „Илинден“-Тирана и огранокот за Голо Брдо, по повод празникот 23 октомври – Ден на македонската револуционерна борба упати честитка до сите Македонци каде и да се, со искрени желби за мир, благосостојба и подобра иднина. Од името на сите Македонци кои живеат во Албанија, упатуваме честитки,по повод големиот празник, 23 октомври, Денот кога е формирана македонската револуционерна организација,која е олицетворение на македонскиот непокор. Овој голем национален празник е потсетник за првата семакедонска организација и нејзината најголема цел да го обедини македонскиот народ и да ја исполни вековната желба за слободна татковина. Да го почитуваме и славиме овој голем ден, се наведува во честитката. Честитајќи им го денот, на сите Македонци каде и да се на земјината топка, друштвото потсетува дека Денот на македонската револуционерна борба е „еден од трите светли датуми кои го одбележаа векот за обнова на македонската државност“. Нека е вечен и вековит Денот на македонската револуционерна борба, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и на огранокот за Голо Брдо, Или Халилај.