News

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај на средбата со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај на средбата со градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, разговарале околу поддршката што оваа општина може да ја даде за друштвото и унапредувањето на соработката во областа на културата.

Чест и задоволство ми беше што со градоначалникот имавме срдечна средба. Непосредно го запознав со проблемите со кои се соочуваат Македонците, како и со активностите на друштвото. Добив цврста поддршка за друштвото, во рамки на можностите на локалната власт, рече Ѓурѓај.

Додаде дека размениле мислење околу соработката на културен план, со настапи на македонски фолклорни групи од Албанија во Прилеп и обратно.

Му заблагодарив  исто така за грижата кон учениците и студентите Македонци од Албанија, кои се школуваат во образовните институции во Прилеп, посочи Ѓурѓај.

На Јовчески му донирал примероци од изданијата на македонскиот весник “Илинден”, кој е “главниот и битен гласник кој информира за активностите, проблемите и прашањата на Македонците во Албанија”.

Претседателот на македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај оствари средба со Емилија Потевска – Попивода, директорка на македонски културно-информативен центар во Тирана

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, денеска оствари средба со Емилија Потевска – Попивода, директорка на македонски културно-информативен центар во Тирана.

На работната средба беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на Mакедонското Национално Малцинство во Република Албанија.

Во името на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана на директорка на Македонскиот културен центар во Тирана му подарив копи од Македонски весник “Илинден“.

Ѓурѓај и Спахиу разговараа за проблемите на Македонците во Албанија

Претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, денеска во македонската амбасада во Тирана оствари средба со Љуфтим Спахиу, вршител на должноста, амбасадор.

На средбата, која минала во срдечна атмосфера, присуствувал и Ендру Фетаху, потпретседател на единствената македонска партија  Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

На работната средба беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на македонското национално малцинство во Република Албанија. Македонскиот амбасадор даде поддршка во рамки на надлежностите за активностите на македонско друштво ”Илинден”-Тирана и за македонското национално малцинство во Република Албанија, информираше Ѓурѓај.

Додава дека во знак на благодарност, во име на  друштвото, на амбасадорот Спахиу му подарил мал сувенир – логото на друштвото.

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Tирана за најголемиот Македонски празник Илинден

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честита најголемиот Македонски празник Илинден

Почитувани Македонци и Македонки во Република Албанија, татковината Македонија и насекаде во светот, Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви го честита најголемиот македонски празник Илинден. Да го почитуваме и славиме овој голем ден во чест на Илинденско востание од 1903 – та година. Исто така големитот Илинден 1944 – та година.

Слика: Излет на Македонците во Тирана во 1937 година

Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Претседател Никола Ѓурѓај

 

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја поздрави историската одлука за отворање македонски генерален конзулат во Корча

Вчера донесената одлука на македонската влада, за отворање генерален конзулат во Корча, за Македонците во Албанија претставува историски чин.

Во мое и во име на Македонско друштво “Илинден”-Тирана и Македонците во Република Албанија упатувам честитки до Владата на Република Македонија која на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, донесе одлука за отворање генерален конзулат на Македонија во Корча, историски ден за Македонците во Албанија, се наведува во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Ѓурѓај му врачи благодарница „Илинден“ на проф. д-р Кимет Фетаху

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана Никола Ѓурѓај му врачи благодарница „Илинден“ на истакнатиот македонски активист проф. д-р Кимет Фетаху.

Ми беше посебна чест и задоволство во име на друштвото и на Македонците во Република Албанија, во просториите на Македонската амбасада во Тирана лично да му ја предадам благодарницата “Илинден“ на истакнатиот македонски активист проф. д-р Кимет Фетаху, за неговата посветена улога и долгогодишен придонес во унапредувањето на правата на Македонците во Република Албанија, информираше Ѓурѓај.

Додава дека извонреден придонес има во зајакнување на статусот и правата на македонската заедница и другите етнички заедници, како и за развојот на цивилното и граѓанското општество, нагласувајќи дека настанот бил исполнет со достоинство, признание и заедништво.

-Голема благодарност за укажаната чест. Ова признание не ми припаѓа само мене, туку на сите кои се борат за правата на Македонците во Република Албанија. Јас сум само еден од нив. Упатувам и голема благодарност до Љуфтим Спахиу, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Тирана и до првиот секретар, Радмила Стојмировска за поддршката и организацијата на настанот, изјави меѓу другото Фетаху, заблагодарувајќи се за признанието.

Проф.д-р Фетаху (68) родум е од село Требиште, област Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор по рударство и збогатување на минерали и македонски општественик во Република Албанија. Активен е во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на комунистичкиот режим, во 1990 година. Во 1991 година тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“.

По неговите стапки чекори и неговиот син Ендрит Фетаху, кој е потпретседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, кој присуствуваше на настанот во амбасадата.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана на г. Георгиј упати честитка за устоличувањето за митрополит на Дебарско-кичевската епархија

Македонското друштво “Илинден“-Тирана во име на Македонците во Албанија, упати честитка до г. Георгиј по повод устоличувањето за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Дозволете ми во мое лично име и во име на македонското друштво “Илинден“-Тирана, и на Македонците во Република Албанија да ви честитам устоличувањето за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Ви посакуваме голем успех, убави дела а честа и достоинственоста да ве следат и да се постојано со вас. Достоен!

Со почит,

Никола Ѓурѓај,

Претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја осудува бугарската провокација за непостоење на македонскиот јазик и македонски идентитет

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ја осудува најавата на бугарската држава дека во Извештајот за напредокот на Македонија на Европскиот парламент (ЕП) македонскиот јазик и идентитет ќе бидат целосно избришани.

Вековните македонски јазик и македонски идентитет претходно се споменуваа на неколку места во Извештајот на Вајц, кој беше изгласан со мнозинство на гласови од претставниците на европските држави во Комитетот за надворешни прашања на ЕУ.

По изгласувањето на експертскиот Извештај, започна бугарска офанзива сред претставниците на државите од ЕУ, се бара целосно да бидат избришани овие термини.

Македонците од Република Албанија најостро го осудуваат ставот на бугарската држава и нејзината провокација со која повторно се пласира една небулозна теза, дека не постојат македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана не се сомнева во злоупотребата на Софија на нејзиното членство во ЕУ кои со децении се пласирани за пласирање на нејзините дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги потсетува бугарското раководство дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се исторски факт и дека нам, како Македонци, не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме што сме и кои сме.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Македонските друштва “Илинден” и “Сонце” на Саемот за разновидност во Тирана

Македонските друштва “Илинден” и “Сонце” учествуваа на Саемот за разновидност,  уметност, храна и дијалог во Тирана.

Македонското малцинство се претстави со три македонски традиционални јадења: пита со грав, позната како „Грашалник“ вкусно традиционално јадење што се подготвува во домовите на македонците од регионите Голо Брдо и Преспа и вкусната десерт познат како „Реванија“ се подготвува во Голо Брдо и „попарена тришка“ во Преспа. На трпезата не изостанаа ниту сушените циронки, познато и употребувано јадење на македонците во Преспа. Подготовката на рецептите беа од македонките г-ѓа Елса Џелили, претставник на македонското друштво “Илинден”-Тирана и г-ѓа Тодорка Костофски.

Се претставивме со свој штанд со македонско јадење од областа на Голо Брдо и Преспа, како и со дел од македонски носии, ракотворби, брошури и разгледници. Како во секоја ваква активност и овој пат она што го презентиравме побуди голем интерес кај посетителите, рече за Васил Стерјовски претседател на Македонско друштво  “Сонце”.

Настанот беше во организација од “Фустанела гартен” поддржан од страна на Комитетот за националните малцинства. Во овој владин орган свои претставници имаат сите малцинства, Марјана Костофски е претставник на македонското национално малцинство.

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова на средба со претставници на Македонците во Албанија: Обврзани сме да помагаме во решавање на проблемите

За време на работната посета на Република Албанија, каде што учествуваше на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова се сретна со претставници на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Таа беше информирана за нивната состојба и за односот на албанските институции кон нив, на државно и на локално ниво, како и за досегашните иницијативи и планирани активности за зајакнување на националната и културната самобитност.

Претседателката вети дека матичната држава ќе продолжи да вложува напори за да ги подобри нивните права и да ги зацврсти врските со татковината.

На средбата присуствуваа: Марјана Костофски-Фелах, претставничка на македонското национално малцинство и членка на Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија; Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска Алијанса за европска интеграција – единствената партија на Македонците во Албанија; Незир Меча, потпретседател на Македонското друштво “Илинден“ Тирана, Славица Свидерска, професорка по македонски јазик на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана и дипломати на македонската амбасада во оваа држава.

Сиљановска-Давкова изрази задоволство што изворно може да ги чуе релевантните претставници и со нив да разговара за одлуката на албанските власти за утврдување на критериумите, документацијата и постапките за собирање на податоци за идентификација на лица кои припаѓаат на националните малцинства која важи и за Македонците во Албанија.

Укажувајќи дека со одлуката се утврдени критериумите коишто ќе им овозможат на сите, слободно да ги изразат националната припадност и јазикот на којшто зборуваат, таа рече дека токму припадниците на македонското национално малцинство се засегнати од оваа постапка.

Претседателката Сиљановска-Давкова на средбата постави повеќе реторички прашања:

Кој би бил проблемот да го правите вие она што сите држави го прават во однос на националните малцинства во поглед на издавањето на државјанство на пример?

Кој е проблемот вие да отворите повеќе гранични премини?

Кој е проблемот вие на пасошите на кои им е истечен рокот, да им го продолжите рокот?

Кој е проблемот вие, како држава да интервенирате во доделувањето на пасоши на луѓе коишто имаат потреба од тоа? Тоа го прават сите во нашиот регион, ама го прават и во светот.

Таа запраша и кој е проблемот да помогнете понекогаш во изучувањето на македонскиот јазик? Да отворите повеќе лекторати. Кој е проблемот онаму каде што има припадници на македонското малцинство да отворите конзулат?

Претседателката смета дека тоа не е голем проблем затоа што се работи за проблеми поврзани со идентитетот.

На прашањето дали како претседателка ќе иницира, ќе помогне во решавање на нивните барања, таа рече дека не би била таму ако не дошла со цврста намера, не само да ги сослуша, туку и да ги пренесе нивните проблеми до надлежните.

Претседателката порача дека имаме добри односи со Република Албанија, имаме разбирање, и во рамките на ова разбирање, треба да продолжиме онаму каде што некој застанал и направил грешка, кога морал да биде уште поактивен. Ние сме тука обврзани да помагаме.