vestimk

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Ѓурѓај во рамките на ФУЕН, конгресот учествуваше на состанок на работната група на словенски малцинства

Претседателот на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, во рамките на конгресот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), кој се одржува во Хелсинки, Финска, денеска учествуваше на работен состанок на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при ФУЕН.

„Во името на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, имав презентација за Македонците во Република Албанија“, рече Ѓурѓај.

Претседателот на Македонско друштво “Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, Претседателот на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер

Фото: Македонски весник “Илинден“

Фото: Македонски весник “Илинден“

Фото: Македонски весник “Илинден“

Претседателот на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при ФУЕН, д-р Хартмут Лајпнер се заблагодари за успешното организирање на семинарот во Тирана од страна на Македонското друштво “Илинден“-Тирана.

Семинарот во Тирана беше еден од најбројните и претставуваше значајна промоција на македонското национално малцинство. Токму семинарот и активностите на Македонското друштво “Илинден“-Тирана беа во фокусот на денешниот состанок, кој традиционално се организира во рамките на секој конгрес на ФУЕН.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана е член на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенски малцинства.

Во Работната група на словенски малцинства од Европа членуваат 32 организации, кои се рамноправни членки на ФУЕН.

Ѓурѓај на Конгресот на Федералната Унија на европските националности (ФУЕН): Ги застапуваме интересите на македонското национално малцинство во Албанија

Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја претставува организацијата на Конгресот на Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), што се одржува од денеска до 20 септември во Хелсинки, Финска, каде ги застапува интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана ја претставува организацијата на Конгресот на Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), што се одржува од денеска до 20 септември во Хелсинки, Финска, каде ги застапува интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија.

Чест и привилегија ми е, како претседател на Македонското здружение „Илинден“-Тирана, да ја претставувам организацијата на Конгресот на Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), одржан во Хелсинки, Финска, од 17 до 20 септември 2026 Веќе единаесет години како рамноправна членка на Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), активно учествуваме во работата на оваа европска организација и ги застапуваме интересите на македонското национално малцинство во Република Албанија, пишува во својата објава на Фејсбук Ѓурѓај.

Ова, додава тој, служи како можност за стекнување нови искуства, зајакнување на соработката со малцинствата низ Европа и промовирање на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиции. -Гордо го претставуваме македонското национално малцинство од Република Албанија на европско ниво, пишува во објавата на ФБ Ѓурѓај.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана на Конгресот на ФУЕН ќе предложи резолуција за унапредување на правата на Македонците во Албанија

Македонското друштво “Илинден“-Тирана, потврдувајќи го учеството на Конгресот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) ќе предложи Резолуција за унапредување на правата на Македонците во Република Албанија.

Годинашниот 70. Конгрес на ФУЕН ќе се одржи од 17 до 20 септември 2026 година во Хелсинки, Финска. Македонското друштво “Илинден“-Тирана е рамноправен член на ФУЕН од 16 мај 2015 година и е дел од Работната група на словенските малцинства при Унијата. Оттогаш редовно учествуваме на сите одржани конгреси

Конгресот ќе биде посветен на актуелните прашања за заштитата на националните малцинства, јазичните права и идниот развој на ФУЕН. Домаќин е Шведското собрание на Финска (Folktinget).

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ви посакува успешна учебна година!

Македонското друштво “Илинден“-Тирана им посакува на сите ученици и наставници успешна учебна година, исполнета со знаење, посветеност, успеси и нови достигнувања.

Нека биде ова убава и успешна година за сите!

Македонско друштво “Илинден“-Тирана

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги осудува обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Преспа

Македонското друштво “Илинден“-Тирана најостро ги осудува обидите на Софија со злоупотреба на здравјето на жителите во областа Преспа.

На 11 септември 2026 се направени прегледи од страна на бугарски лекари во државна амбуланта во Пустец. Секому е јасно дека бугарската држава со години врши невиден притисок врз македонците во Република Албанија.

И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува жалење што највисоките личности на албанската држава, и Општина Пустец дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица за сметка на македонците во Република Албанија и што потклекнуваат пред тие уцени. При тоа, цената на уцените од Софија, врз политичкиот врв на нашата држава ја плаќа македонско национално малциство.

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ги повикува албанските и европските институции, да се позанимаваат со суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз македонците во Република Албанија.

Напомнуваме, дека досегашното нереагирање од страна на државните институции за заштита на сопствените државиани, доведува асимилација на македонско национално малциство во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Тирана по повод 8-ми септември Денот на независноста на татковината Македонија

Честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија!

Македонско друштво “Илинден“-Тирана Ви го честита 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.

Оваа година одбележуваме 35 години од независноста на Македонија – голем и значаен историски ден, кој со гордост го чествуваме и почитуваме.

Во создавањето, зачувувањето и афирмирањето на македонската национална свест и стремежот кон слободна и независна Македонија, свој придонес имаат дадено и Македонците од Албанија.

Со негувањето на македонскиот јазик, култура, традиција и националниот идентитет, Македонците од Албанија со гордост се дел од македонската историја и одбележувањето на овој голем празник.

Нека е вечен споменот на сите оние кои придонесоа за слободна и независна Македонија. Да го чуваме, почитуваме и славиме овој голем ден со гордост, достоинство и љубов.

Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста на Македонија!

 

Македонско друштво “Илинден“-Тирана
Претседател Никола Ѓурѓај

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ќе учествува на Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) што ќе се одржи во Хелсинки, Финска

Македонското друштво “Илинден”-Тирана, ќе учествува на Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) ќе се одржи од 17 до 20 септември 2026 година во Хелсинки, Финска.

Домаќин ќе биде Шведско собрание на Финска (Svenska Finlands folkting/Folktinget in Swedish), кое работи за јазичните права и статусот на шведскиот јазик во Финска повеќе од 100 години, oснована во 1919 година, е законска организација за соработка за населението во Финска што зборува шведски. Фолктингет од 2024 година членка на Федералната унија на европски националности (ФУЕН).

Изминатите единаесет години, од кога сме рамноправна членка на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) редовно учествува на сите Конгреси и други активности. Ќе учествуваме и на овој конгрес чиј домаќин ќе биде Шведско собрание на Финска, информираше за Македонски весник “Илинден” Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден”-Тирана.

Хелсинки ќе стане место за средба на европските малцинства, на 70-от годишен конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН)  во главниот град на Финска. Се очекува да присуствуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.

Шведското собрание на Финска, мисијата на организацијата е да ги заштити и промовира правата и интересите на населението што зборува шведски, како и активно да споделува информации за шведскиот јазик во Финска и двојазичноста во земјата. Фолктингет, исто така, работи на поддршка и зајакнување на статусот на шведскиот јазик и култура во Финска.

Заштитата на јазичните права на населението што зборува шведски е основна задача на Фолктингет. Јавноста може да контактира со организацијата за прашања поврзани со јазичните права и обврската на властите да ги почитуваат овие права. Фолктингет активно работи на заштита на правата на луѓето што зборуваат шведски јазик во рамките на државната и општинската администрација и образовниот сектор, како и во рамките на социјалните услуги и здравствената заштита во Финска.

Фолктингет е признато тело за упатување и издава изјави до различни органи. На тој начин може да влијае на изготвувањето закони и реформи што се од централно значење за населението што зборува шведски. Парламентарните комисии се консултираат со Фолктингет за голем број прашања што се однесуваат на населението што зборува шведски.

Македонското друштвото ”Илинден”-Тирана член е на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства. Во овој период редовно учествува на Конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоени се и Резолуци за положбата на македонското малцинство во Република Албанија.

Честитка по повод Успение на Пресвета Богородица од Македонско друштво “Илинден“-Тирана

По повод на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, македонското друштво “Илинден“-Тирана упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите Македонци од православна вероисповед во Република Албанија и до сите Македонци каде и да се во светот.

Дозволете ми во мое лично име и во име на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, и во името на македонско национално малциство во Република Албанија, Вам лично, на вашето свештенство, на сите Македонци каде и да се во светот и на сите православни верници, да ви го честитам големиот Христијански празник Успение на Пресвета Богородица, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Се посакува  пред сѐ добро здравје, душевен мир, семејна среќа и топлина.

Празнувањето на  споменот на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, значи празнување и почитување на семејството и семејните вредности, на разбирањето и љубовта кон ближните и подготвеноста за надминување на искушенијата. Со силата на светото име на мајката Божја во нашите молитви да се помолиме за здравје, љубов, благодет, душевен мир, среќа и топлина во нашите семејства. Ваше Блаженство, Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување, се наведува во честитката.

Се посочува дека негувајќи ја традицијата го славиме денот на Мајката и заштитничката, молитвеницата и закрилницата на сите христијани, следејќи ги начелата кои нè прават човечни и се извор на нашата духовна сила

Македонско друштво “Илинден“-Тирана бара официјалната веб-страница на Општина Пустец да биде достапна и на македонски јазик

Македонско друштво “Илинден“–Тирана упати официјално барање до градоначалникот на Општина Пустец, претседателот на Општинскиот совет и членовите на Советот, со кое бара официјалната веб-страница на Општината, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.

Иницијативата се темели на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, кој ги гарантира правата на националните малцинства, вклучително и правото на употреба на нивниот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во средините каде што тие традиционално живеат.

Овозможувањето на официјалната веб-страница на Општина Пустец и на македонски јазик ќе претставува важен чекор кон практична примена на правата на македонското национално малцинство, ќе го подобри пристапот на граѓаните до јавните информации и ќе ја унапреди комуникацијата со локалните институции.

Оваа иницијатива ќе придонесе за поголема институционална транспарентност, почитување на јазичната и културната разновидност и доследно спроведување на националните и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.

Барањето е доставено и до Комесарот за заштита од дискриминација, како и до Народниот правобранител на Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден“–Тирана изразува уверување дека надлежните институции ќе го разгледаат барањето со должно внимание и ќе преземат конкретни чекори за официјалната веб-страница на Општина Пустец да биде достапна и на македонски јазик, во согласност со законските обврски и принципите на еднаквост и недискриминација.

Честитка од Македонско друштво “Илинден“-Tирана за најголемиот Македонски празник Илинден

Слика: Излет на Македонците за Илинден во Тирана во 1937 година

Македонското друштво „Илинден“ ви го честита Денот на Републиката – 2 Август, празникот на двата историски Илиндена: 123 години од Илинденското востание и 82 година од Првото заседание на АСНОМ.

Да го почитуваме и достоинствено да го славиме овој голем ден, посветен на Илинденското востание од 1903 година, како и на славниот Илинден од 1944 година, кога беа поставени темелите на современата македонска државност.

Илинден е ден кога со длабока почит се сеќаваме на бројните револуционери и борци кои со својата храброст, пожртвуваност и крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ.

Да го одбележиме Денот на двата Илиндена со почит, гордост и достоинство, како што му прилега на овој голем национален празник.

Честит 2 Август – Денот на Републиката! Нека е вечен Илинден!

 

Македонско друштво “Илинден“-Тирана

Претседател Никола Ѓурѓај