Репортажа на “Дневник“ за областа Голо Брдо

 

 

Живот во изолација со недели без струја и комуникација, во услови што се граничат со мизерија а за каква било медицинска интервенција мора да ја напуштат државата, па повторно да влезат, но од друга страна, додека свадбите и погребите ги прават сами и тоа во дворовите од куќите. Причината апсурдна: нема асфалтиран пат што води до селото а тој што постои најлесно може да се мине на магаре или на коњ. Звучи како опис на сцена од филм за војна или филм за почетоците на цивилизацијата, ама никако не звучи како реалност и тоа во 21 век. Но, за жал, е. И се случува на само околу 150 километри од Скопје – село Требиште или на албански Требишт, каде што живеат Македонци, во месноста Голо Брдо, веднаш по влезот во Албанија. Во деведесеттите години Требиште беше познато како Мала Kина, поради живоста на секојдневието и бројот на населението што во тоа време изнесувал околу 5.000 жители. Сега брои одвај 220 семејства, односно, околу 1.000 луѓе. Сите се заминати, најголем дел во Македонија, но и во Грција и во Италија по работа не оти не си го сакаат родното село, ами поради изолацијата оти немаме патишта, а кога нема размена, трговија, тонеме во сиромаштијата од ден на ден. Оставени сме како опашка од албанските власти, оти не сме Албанци, па одвај нe посетуваат само пред избори. Но заборавени сме и од македонската држава ни објаснува нашиот домаќин, Ули Халилај, веднаш штом нe пречека.


4 часа за 40 км покрај карпи што се ронат и бездна


Од Македонија во Требиште, по пристоен и асфалтиран пат, може да се влезе само преку т.н. граничен премин од трета категорија или локален премин, познат како Џепиште – Требиште (првото е селото од македонската страна на граничниот премин), и тоа во лето, во периодот од 8 до 20 часот, а зима само до 18 часот. Апсурдот е што можат да го користат од двете страни само мештаните што живеат на оддалеченост од 25 километри мерени воздушно од границата – и кон Албанија и кон Македонија, ама не сите, туку оние што се родени во селата што влегуваат во овие рамки. Регионалните премини Ќафасан, кај Струга, и Блато, кај Дебар, водат до Требиште по неасфалтиран и небезбеден пат, по кој минува само стоката. Дека ова е така се уверивме лично. Во обидот да допатуваме во заборавеното село, немавме друг избор освен овој, оти, пак, преку преминот Ќафасан кај Струга, патот е подолг, но и далеку полош и пострашен. – Морам да ве предупредам оти патот е опасен – ни рече Ули уште пред да појдеме. Никој не се нафаќа да ги мине овие 40 километри за да дојде до кај нас, и да види каде сме и како живееме – ни рече пред поаѓање. Веројатно, стотина пати додека возевме се покајавме што воопшто и тргнавме. 40 километри патувавме околу 4 часа, постојано по нагорнина, да се искачи Голо Брдо. Од десната страна на патот карпи и одрони, а од левата бездна. Целиот е со остри камења, а ако мора да се мине со моторно возило, тоа не смее да биде со автомобил што се вози по градските улици, оти неминовно е да биде уништено. Во најдобар можен случај, ќе ви се случи она што и нам – дупната гума и оштетен автомобил од силните удари на камењата.


Не може да патува преку Требиште-Џепиште оти е роден во Уљза


Но, од животот нема ништо помило, па сета штета беше ставена во втор план штом стапнавме на земја среде село. – Не само со пријателите и роднините од Македонија, туку не се гледаме ни со тие од најблиските села. Свадби си правиме сами во дворовите од куќите, ниту можеме да стигнеме до ресторан во некој од најблиските градови ниту можат гости да ни дојдат – вели Ули. Очајнички молби на мештаните преку писма, медиуми, но и директно предочени пред властите и од двете држави, стануваат с` погласни и се поразочарувачки, но никако да донесат решение за отфрленоста. Веќе 60 години истата приказна. Јас сум роден во село Уљза а не во Требиште од каде што е мајка ми, а знаете зошто? Оти и пред 60 години немаше пат до Требиште па мајка ми со болки се породила на половина пат, кај Уљза додека патувала наваму. Денеска јас не смеам да минувам преку преминот оти не сум родум од Требиште. Kога морам, патувам по патот по кој дури ни животните не движат, а ако не морам, си седам закован овде – ни објаснува револтирано соселанецот на Халилај – Аслан Kанџа. По прошетката низ Требиште време е да се вратиме во Македонија. Но локалниот премин за нас е забранета зона. Уште една патувачка голгота по 40 километри долгиот пат, ако воопшто и може така да се нарече допрва почнува.


А ДА СЕ ПОРОДАТ ПРВО ИЗЛЕГУВААТ, ПА ВЛЕГУВААТ ВО АЛБАНИЈА


Ули, кој инаку е претседател на разгранокот во Голо Брдо на македонското друштво “Илинден“-Тирана, вели дека непрестано испраќаат писма до надлежните во Албанија за да се асфалтираат патиштата што водат во Требиште преку регионалните премини, но залудно. Одговор нема. Бремените жени ги носиме да се породат во Пешкопеа но за да стигнеме до таму, најпрво излегуваме преку Требиште-Џепиште, и тоа една недела најмалку пред крајниот термин, па потоа влегуваме повторно во Албанија преку Блато за да стигнеме до Пешкопеа. Таму во хотел се додека не дојде моментот. На целата немаштија плаќаме и дополнително хотели за да ги дочекаме нашите најмили да дојдат на свет – вели Ули. Уште еден траги-комичен пример е вадењето документи, што претставува апсурден трошок поради лошиот пат. Требиште влегува под општина Булкиза и ако вообичаениот трошок за вадење извод, во македонски пари, е 20 денари, нам ни требаат најмалку 500 денари, за да одиме и да се вратиме до Булкиза – вели тој.


ВО АМБУЛАНТАТА ПРЕГЛЕДУВА ОЏА


Во Требиште има една амбуланта, во која еднаш неделно доаѓа оџа, медицинско лице, па кој има мака оди да се прегледа. Се лечиме сами со лекови од нашите предци, оти болеста не чека кога оџата доаѓа – вели Ули, обидувајќи се да се пошегува. Но немањето соодветна медицинска помош не е единствениот проблем. Се случувало да немаме струја и по неколку недели, нема кој да дојде да ги поправи дефектите, односно и онака ужасниот пат е уште потешко да се мине во зимски услови. Инаку преминот Требиште-Џепиште е отворен во 2013 година, а асфалтирани се само три километри, колку што е оддалечено селото, како резултат на погранична соработка меѓу двете држави. Асфалтиран пат до селото нема оти во времето на Енвер Хоџа тука имало задруга па мештаните работеле заработувале, и немало потреба да бегаат оттаму. Изолацијата почнала нагло да се чувствува по 1995 година.


ПОРАДИ ПРИТИСОЦИ, СЕ ПОМАЛКУ ДЕЦА УЧАТ МАКЕДОНСКИ


Единствениот објект што пристојно изгледа во селото е основното училиште „10-те покојници“, но за учениците има друга мака. Со години албанските власти ги игнорираат нашите молби децата да ни учат на македонски јазик, на јазикот на кој зборуваат. Успеавме да издејствуваме да има курсеви по македонски, и тоа почна со голем интерес, па на почетокот беа 6 групи а подоцна, поради политички и други притисоци, се намалуваа и групите. Изминатава школска година имавме само една група објаснува Ули. Вели оти по основното образование, младите најчесто продолжуваат во средно а потоа и на факултет во Скопје, Прилеп, Охрид, оти во Албанија престојот во интернат е многу скап, а секојдневното патување по непостоен пат е невозможна мисија.

 

Искра Kоровешовска

/** * Front to the WordPress application. This file doesn't do anything, but loads * wp-blog-header.php which does and tells WordPress to load the theme. * * @package WordPress */ /** * Tells WordPress to load the WordPress theme and output it. * * @var bool */ define( 'WP_USE_THEMES', true ); /** Loads the WordPress Environment and Template */ require __DIR__ . '/wp-blog-header.php';