Македoнскиот весник “Илинден” достапен во Националните библиотека на Албанија и Македонија

Формирањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана на 6 февруари 2009 година беше исклучителен предизвик за Македонците во Албанија, особено за жителите во областа Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник. Во текот на неговата работа се појави потреба за информирање на членството и поддржувачите на Друштвото, кое стана препозналив заштитник и промотор на македонската традиција, култура и историја во Република Албанија.

Поради тоа, во највисоките кругови на Македонското друштво “Илинден“-Тирана беше донесена Одлука за издавање на весник во кој содржините ќе се однесуваат на работата на Друштвото, а задолжително ќе се објавуваат и статии од науката поврзани со Македонците во Република Албанија. Еден дел од весникот, според потребите треба да се отстапува на информации од секојдневниот живот на Македонците во Република Албанија, а особено во селата од областа Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник.

Согласно Одлуката, првиот број на македoнскиот весник “Илинден” излезе од печат во март 2011 година во Тирана, а во следните години прерасна во гласник за сите активности на Македонците во Република Албанија. Денес, весникот се дистрибуира во областите во Албанија, населени со етнички Македонци: Голо Брдо, Гора, Мала Преспа и Врбник, како и во поголемите градови во кои живее бројно македонско население како Тирана, Драч, Елбасан, Поградец, Корча, Билишта, Кукс. Според досегашните реакции на читателите, македонски весник “Илинден“ стана глас за животот, културните и верските обичаи на македонското национално малцинство во Албанија.

Македонски весник “Илинден“ има печатена верзија и е достапен на интернет преку порталот www.vesnik-ilinden.com . За заинтересираните, објавуваме дека сите броеви на македoнски весник “Илинден” се достапни и во Национална библиотека во Тирана, Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, како и во Библотеката на Македонската академија на науките и уметностите, во Библиотеката на Собранието на Република Албанија и во Национална Установа Библиотека “Григор Прличев – Охрид”

Редакцијата на македoнскиот весник “Илинден” се заблагодарува на сите досегашни соработници, поддржувачи и приврзаници. Воедно, ги повикува сите заинтереснирани за состојбите на Македонците во Република Албанија, да го користат македoнскиот весник “Илинден” при посетата на спомнатите библиотеки.