Стартува бродската линија Охрид - Поградец Печати
Вторник, 17 Јуни 2014 22:55

Со звуците на познатата староградска песна „Билјана“ првиот брод денеска отплови во 11 часот и 30 минути и за два часа пристигна на пристаништето во Поградец. Меѓу присутните беа министерот за транспорт и врски на Република Македонија Миле Јанакиески, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески. По пристигнувањето во Поградец, Јанакиески и Бакрачески беа пречекани од своите албански колеги, министерот за транспорт и инфраструктура Едмонд Хаџинасто,градоначалникот на Поградец Артан Шкемби, амбасадорот на Република Македонија во Тирана Стојан Карајанов и преставници на Македонската заедница во Република Албанија.


 

Ова е дополнителен сигнал за добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, но ова е еден проект кој ќе значи зголемување на понудата во делот на туризмот и во Охрид и во Поградец. Оваа пригода ја користам да ги повикам туристичките работници од двете земји да ја искористат оваа линија за да привлечат дополнителен број на туристи во двата града, изјави Јанакиески при слегувањето од бродот во Поградец.



Охрискиот градоначалник Никола Бакрачески, вети дека ќе биде дел од заложбите за побрза комуникација помеѓу жителите на двата града. Бродовите од охридското пристаниште ќе пловат до Поградец до15-ти септември. Оваа бродска линија беше долгонајавувана, но сега конечно се реализира благодарение нав владите на двете држави. До 1948 година по езерските води градовите Охрид и Поградец ги поврзувал бродот Корзика. По многу време патниците границата ќе можат да ја поминат по воден пат. Цената на билетите се уште не е позната, но според проценките на туристичките работници таа би чинела околу 15 евра.



www.ilinden-tirana.com