Македонскиот јазик ќе се изучува низ цела Албанија Печати
Петок, 07 Март 2014 11:32

Kомитетот на министрите на Советот на Европа усвои резолуција за спроведување на Рамковната конвенција за заштитата на националните малцинства од страна на Албанија, во која Албанија прифаќа да овозможи школување на припадниците на македонското национално малцинство на свој мајчин јазик, на целата територија на Албанија. Во резолуцијата се вели дека општо земено во Албанија преовладува клима на почитување и толеранција меѓу националните малцинства и мнозинството. Делот што се однесува на изучувањето на мајчиниот јазик на малцинствата е донесен по едногодишна дипломатска активност, контакти, состаноци, разговори и преговори меѓу постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, Секретаријатот на Советот на Европа и заинтересираните земји-членки. Оваа одредба на која се обврзува Албанија значи дека припадниците на македонското национално малцинство ќе можат да побараат настава на македонски јазик не само во зоните на Албанија каде што живее мнозинството од нив, туку и во другите делови на земјата. Ова е сериозно постигнување за Република Македонија и македонското национално малцинство, туку и за Република Албанија, која со прифаќањето и претстојната имплементација на оваа одлука, ќе се стави во редот на европските земји што прифатиле повисоки стандарди - потврди амбасадорот на Република Македонија во Стразбур, Петар Поп-Арсов.

 

www.ilinden-tirana.com