Македонски (Macedonian)Albanian-ALEnglish (United Kingdom)
Дома Архива

15894413 10210265541826869 1337301706468601472 n

logo-fakturi

Macedonians rights in Albania

Macedonians in Albania
 
Македонија слави 22 години самостојност

 

Република Македонија денеска одбележува 22 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина. Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации.

Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат. Македонија досега има воспоставено дипломатски односи со 170 држави во светот, а под уставното име е призната од 135, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност на ОН - САД, Русија и Кинa. Во изминатите 22 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Дваесет и вториот роденден од осамостојувањето Македонија го минува во очекување на новиот извештај од Брисел за напредокот на земјата на патот кон евроинтеграциите, како и датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.Дваесет и двегодишнината од независноста во знакот на спортот .

Денот на независноста - 8 Септември, под мотото „Нашето единство, наша победа“, се одбележува со повеќе спортски, културни и музички настани. Од 31 август до 8 септември во рамки на неделата на спортот, покрај редовните спортски активности, се организираа и ревијални настани со цел да се промовира спортот и што повеќе да се анимираат граѓаните.

Дел од активностите се одржуваа во главниот град, односно на борилиштата и на плоштадот „Македонија“, каде се организираа повеќе ревијални настани, а неделата на спортот се спроведува и во останатите градови низ државата. Во пресрет на одбележувањето потпишан е Меморандум за соработка на Министерството за образование и наука со Факултетот за физичка култура за формирање Институт за спорт. Во рамки на одбележувањето ќе бидат доделени и наградите од областа на спортот. По повод Денот на независноста, вечер ќе биде одржана Свечена академија во Македонската опера и балет на која ќе говори претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ден претходно прием приреди претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Во рамки на Свечената академија, ќе биде приреден гала оперски концерт со дела од Mакедонската и светската оперска литература. По повод Денот на независноста, претседателот Иванов и собраниска делегација предводена од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски денеска ќе положат цвеќе пред споменикот „Паднати херои за Македонија“ во паркот „ Жена Борец“ во Скопје.

Во рамки на одбележувањето на националниот празник, во просториите на Владата на Република Македонија, пак, ќе се одржи доделување на Државната награда за спорт „8 Септември“. Одбележувањето ќе биде заокружено вечер со концерт на плоштадот Карпошово востание во Скопје, во организација на Агенцијата за млади и спорт.


www.ilinden-tirana.com